Новата улога на HR во време на пандемија

од 24HR

Колумна на Александра Андоновска Танчевски – HR ентузијаст со повеќе од 7 годишно работно искуство со човечки ресурси во приватен и граѓански сектор со фокус на развој на ЧР.

2020 година беше година поразлична од која било друга. И големите и малите бизниси претрпеа сериозни промени – промени кои ги насочија кон развој и такви заради кои пропаднаа. Поголемиот дел беа сериозно погодени од светската криза со значителна загуба на приходи и добивка, парични средства и намалување на платите. Други, пак, се соочија со деловен бум, особено во електронската
трговија и IT индустријата. Без оглед на тоа на кој крај на спектарот паѓа вашата деловна активност, едно е јасно: HR не е дополнителен избор – тоа е неопходност. Пандемијата принуди многу компании да сфатат дека човечките ресурси се во основата на секое добро функционирање, особено за време на брзи промени. Бидејќи многумина од вас со нетрпение го очекуваат крајот на пандемијата, за оние работат во човечки ресурси важно е да направат преглед на влијанието што андемијата го има врз професијата. Имаше многу случувања – некои суптилни, други значајни што ќе го обликуваат одделот за ЧР и одлуките и улогата што ќе ја имаат после пандемијата, и веројатно засекогаш.

Се појавија многу предизвици на кои треба да се одговори.

Со постојано менување на информациите од страна на владите, здравствените институции и институциите за труд, компаниите мора многу брзо да ги искомуницираат промените со своите вработени, бидејќи тие уште побрзо реагираат на тие промени. Менаџментот треба секојдневно да се поврзува со своите вработени за да ги увери дека бизнисот ги разгледува и почитува упатствата од властите. Тие исто така треба да ги ажурираат вработените на неделна основа за тоа како функционира бизнисот и да ги уверат вработените дека ги испитуваат сите можности со цел да ги заштитат вработените.

Ревитализација на основните вештини на HR

Бидејќи се работи за доста чувствителен период, скоро секоја политика на компаниите е погодена и треба да се ажурира редовно во врска со клаузулите за заштита од КОВИД-19. Бидејќи одделот за човечки ресурси е одговорен за најголемиот дел од политиките на компаниите, тие имаат многу работа на свој грб, а многу малку време. Повеќе од кога било досега, вештините за иновации и проактивност се од витално значење за нив. Кога кризата погоди, одделот за човечки ресурси мораше да изгради свои решенија. Во отсуство на прирачници, процедури за слични ситуации, секој требаше да размислува брзо. Во меѓувреме, за индустријата донесе преиспитување на правилата и упатствата врз кои е изградена. Одеднаш, вработените во одделот за Човечки ресурси станаа лидери на промената – брзо планирање на задачите што инволвираат безбедност и здравје при работа – опоменување на вработените за неносење заштитна опрема, одржување растојание, распоредување на дезинфекционо средство низ компаниите и одржување чести контакти со вработените на далечина (работа од дома).

Постојат некои елементи што одделот за човечки ресурси треба да ги земат во предвид. Брзата
комуникација е клучна во овој момент и тие треба да осигурат дека постои можност за брза
комуникација со сите вработени (дури и надвор од работно време) кога е потребна важна
непосредна промена на политиката заради нови владини упатства. Многу е важно менаџментот да
ги слуша препораките од своите оддели за човечки ресурси во моментот, бидејќи имаат најдобро
искуство во заштитата на вработените.

Човечки ресурси ги движат бизнисите кон помирни води, но сепак, и индустријата има клучна улога во трансформацијата на бизнисот. И ова е улога што ќе продолжи и после пандемијата и која ќе одреди дали организацијата ќе преживее до нејзината следна криза.

Внимание кон благосостојбата на вработените

Несигурноста може да го парализира секој. А токму тоа е најтешката последица што ја донесе пандемијата. Огромен предизвик е чувството да не се знае што носи иднината и кои мерки би се презеле. А зафатени сме сите, без разлика на видот на работно место.

Менталното здравје и благосостојбата на вработените отсекогаш биле од најголемо значење на работното место. Но, ова е посебен период и иако можеме да ја видиме светлината на крајот од тунелот, работодавците мора да останат свесни за предизвиците што долготрајната работа од дома ги остава врз менталното здравје на вработените.

Оваа клучна промена го става на фокусот на одделот за човечки ресурси кон оптимизација на перформансите, развој на вработените и нефинансиски награди. Важноста на ангажманот на вработените не може да се прецени.

Флексибилно работење

Пандемијата се покажа како торнадо што принуди на повторна проценка на работните практики. Несомнено е дека изминатата година ја прошири емпатијата кон работниот живот и ја зацврсти можноста флексибилната работа да е стандардна пракса. Тоа за кое што требаше години за да се оствари, одеднаш се смета за нормално, иако е нова верзија на нормалното. Најмногу, можеби, флексибилните практики веќе не се класифицираат како бенефит или додаток, туку како суштински дел од работниот век.

Деловните субјекти мораат итно да ја препознаат разликата помеѓу работата од дома во нормални услови и работата од дома за време на криза. Пандемијата носи дополнителен багаж врз секојдневниот живот на луѓето, кој во друг случај не би постоел. HR имаат голема важност во катализирањето и проширувањето на новите пристапи кон поддршката на работниот век, особено што деловните субјекти продолжуваат да сфаќаат дека флексибилниот пристап кон работењето е клучен за деловните активности и ќе треба да остане за на долг рок.

Глобалната пандемија донесе сериозни ментални, физички и финансиски компликации на луѓето низ целиот свет. Ништо досега не го насочило вниманието кон важноста на одделот за човечки ресурси во компаниите како што тоа го направи моменталната криза. Со тоа комплетно се трансформираа работните места и сите други аспекти од нашиот живот.

Веќе цела година по појавата на пандемијата, одделот за човечки ресурси дејствува во улога на лидер што ги насочува сите вработени. Брзината на промени и неизвесноста што следеше во прв ред побараа вештини и примена на мерки со кои располага одделот за човечки ресурси – насочување на бизнисите и лидерите преку реакција во време на криза и подготовка, толкување на брзото менување на правилата и законодавството, справување со стресот и притисокот на целата работна сила и создавање нови и ефикасни начини на работа.

За авторот:

Александра Андоновска Танчевски е HR ентузијаст со повеќе од 7 годишно работно искуство со човечки ресурси во приватен и граѓански сектор, со фокус на развој на ЧР. Според нејзиното искуство, одделот за ЧР треба да служи како инспирација за вработените – разговор со вработените со знаење на правник и комуникација со нив како учител.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...