Разбуди го лидерот во себе

од 24HR

Ќе биде вистина ако се каже дека секој од нас не може да биде лидер. И тоа е сосема во ред. Од друга страна, многумина од нас се лидери иако за тоа не се свесни. Постојат многу лидери кои се скриени во својот свет, без никогаш да бидат откриени и јавно признати. Затоа го поставуваме прашањето – како го разбираш лидерството и зошто? Дали би можел и ти да се замислиш како лидер?

Веројатно секој од нас воден од својата интуиција има претстава што значи да бидеш лидер. Имено, суштината на лидерството е во влијанието врз другите луѓе, врз групата, тимот, така што однесувањето на лидерот треба да служи како пример и мотивација.

Кога подлабоко ја анализираме и истражуваме природата на добрите лидери, тоа изгледа многу полесно отколку истата реално да се практикува. Лидерството бара поседување на високи човечки квалитети пред поседување на традиционалниот авторитет кој што сите ние често го спомнуваме кога зборуваме за лидери. Се она што го очекуваме од тимот или опкружувањето треба да биде вредност, вештина или способност која првенствено лидерот ќе ја поседува. Доколку тоа не е случај, порано или подоцна царот ќе биде разголен. Моќта и лидерството ќе изгледаат невозможна мисија со истите тие кои до вчера слепо не поддржувале. Што е клучно? Довербата е онаа која магично без многу напрегање ги движи сите мали невидливи нешта околу нас, без разлика дали сме лидери или следачи на нашите лидери. Таа е двонасочна и најчесто тешко се смирува ако еднаш ја разбрануваме.

Во организациите, компаниите, вработените често несвесно настојуваат да го имитираат својот менаџер и да ги прифатат неговите ставови, вредности, дури и неговите манири. Тие се секогаш наклонети да го прават тоа што го прави нивниот претпоставен, односно да го следат неговиот пример. Дали навистина тоа го прават од восхит? Или едноставно доаѓа со моќта на неговата позиција? Зошто луѓето се плашат да му ја посочат вистината на својот претпоставен? Дали тој/таа е само нивен шеф или е нивниот водач истовремено?

Секој лидер остава свој сопствен печат и треба да се води според сопствениот пример. Личниот пример е движечката сила која претставува основа за ефикасно водење. Охрабрен од резултатите кои веќе ги постигнал во работењето, тој треба да го покаже личниот пример на тимот околу себе.

Работата е најголемиот проблем со кој се соочуваат сите лидери и нејзиниот успех најчесто е непријател на постигнувањата. За жал, некои луѓе се толку “зафатени” работејќи “попатно” така што немаат време да ги сработат оние клучни 20 проценти, за кои можеби и незнаат дека ќе остварат 80 или 90 проценти од нивните резулатати.

Лидерот е постојан трагач по знаења / сега повторно размисли, дали ти си скроен да бидеш лидер?

Постојаното надградување во голема мера зависи од способностите на еден човек да биде успешен лидер. Но, за да успееме во нашата кариера, потребно ни е многу повеќе од вештините со кои се стекнуваме на училиште, потребно е да бидеме лидери во различни области од она што го работиме секојдневно. Знаењето е глобално, постојано расте и никој не може да ги собере сите потребни знаења во својата глава. Сите ние би требало да напредуваме, растеме, постојано и секојдневно. Вистинските лидери секогаш го подржуваат континуираното учење и доживотната надградба.

Надградбата не значи само специјализација во правец на она што знаеме и што веќе го работиме. Тоа значи постигнувања во повеќе насоки,  активно слушање (разговор) со различни типови на луѓе од различни области или едноставно, збир на сите елементи кои го засегаат твојот личен и професионален успех. Имаш ли ти трпение да го разбереш и слушнеш соговорникот кога сака да ти каже дека не си доволно добар за одредена работа? Која е твојата прва реакција и како ќе се подготвиш за да го докажеш спротивното?

Доживотното учење е движечката сила со која постојано растеме и е првата работа во која треба вистински да веруваме пред да одговориме на прашањето – Дали јас сум лидер?

Порано лидерството беше нешто многу уникатно. Во војската постои еден лидер и сите го следат неговиот пример. Денес, знаењето се мултиплицира толку брзо, за што ни се потребни повеќе лидери од што можеме да “произведеме”.  Токму затоа, сите ние можеме да бидеме лидери во различни области, доколку тоа навистина го сакаме.

За авторот:

Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев е доктор на науки по организациски развој, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник. Сите текстови на  Д-р Пехчевска и многу повеќе за личниот развој ќе најдете на www.mimipehcevska.mk.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...

Оваа веб страна користи cookies.