Вредноста на човечкиот капитал ја зголемува вредноста на компанијата

од 24HR

24HR денес ве води во банкарскиот сектор, поточно во банката каде важни се луѓето. Во рубриката „Љубов кон HR“ ја споделуваме успешната HR приказна на Кристина Спироска, Директор за човечки ресурси во Халкбанк АД Скопје.

Која е Кристина Спироска

Човек и професионалец кој верува во моќта на знаењето, едукацијата и затоа и својот образовен пат го започнав во полето на правните науки кој налага постојана надградба. Токму затоа што сопствената самореализација ја постигнав со континуирано образование, истото го применувам и акцентирано во секојдневната професионална практика во човечките ресурси во ХАЛКБАНК АД Скопје веќе 10 години. Едукацијата и работната позиција ме изградија во менаџер кој особено верува во моќта на дијалогот, сочувствителноста, во интерперсоналните вредности, разговорот и барање решение во таа насока, и затоа сум среќна во она што го работам. Една од карактеристиките што ме дефинира е и убедувањето дека правичноста ќе го најде својот пат. Лично сум човек кој цврсто верува во своите ставови, кои се имплементирани во она што го работам и за она за што се залагам, а се залагам да ја покажам вредноста на човечкиот капитал и во колективот и како индивидуалец и дека треба соодветно да се вреднуваат и негуваат и двете страни. Затоа што човечкиот капитал нуди вредност што ја поттикнува и зголемува вредноста на компанијата, а оттаму и корелацијата на моето верување со ставот на мојата компанија – Важни се луѓето.

Откако се запознавме, ја прашавме Кристина што е тоа што ја натера да се вљуби во HR како професија?

Професијата човечки ресурси сама по себе бара голема посветеност, разбирање и емпатија за решавање на организациските потреби за одржлив развој и раст, но истовремено и на индивидуалните потреби на самите вработени и менаџментот кој што ја раководи истата. Освен овие карактеристики, во ЧР навистина е важно да се поседува изразен креативен пристап за решавање на разни проблеми и предизвици и високо ниво на разбирање, како и развиени интерперсонални вештини. Мојата љубов кон HR професијата не настана на прв поглед, туку полека се градеше.

Инволвирањето во делот на управување со човечкиот капитал и потенцијал, како личност која што е навистина динамична и комуникативна во работата, за мене претставуваше следно скалило во мојата кариера и амбиција за понатамошно надградување, каде што ќе можам да ја потврдам мојата посветеност и креативност за изнаоѓање апликативни решенија коишто ќе можат да бидат од корист и да ги задоволат сите инволвирани страни. Со самото запознавање и почеток на работата во банкарскиот сектор најнапред бев дел од Секторот за правни работи, а со истакнувањето на моите карактеристики низ проектите, станав дел и од тимот на ЧР, каде навистина открив еден нов свет за којшто бев убедена дека со пасијата која што ја имав кон  правото дотогаш и во оваа област ќе успеам да креирам додадена вредност и бенефит за самата организација, вработените кои што се дел од неа и секако за менаџментот на истата. Од тој момент па наваму, ниту еден работен ден не е повеќе ист и монотон, бидејќи секојдневно заедно со тимот од човечки ресурси се соочуваме со различни типови барања, прашања, предизвици и проблеми кои што се испречуваат пред нашата организација и вработени и кон кои што со максимална посветеност и ентузијазам пристапуваме да ги решиме.

Од приправник во адвокатска канцеларија до Директор на Дирекцијата за човечки ресурси, организација и обука на Халкбанк АД Скопје. Ја замоливме Кристина да ни каже нешто повеќе за својата кариерна патека?

Како дипломиран правник, моите почетоци се врзуваат со ангажман најнапред како приправник во Адвокатска канцеларија, а потоа следеше ангажман како правен советник – улога во која што, исто така, имав контакт и активности и во делот на работните односи, трудовото право и неговата примена, односно пречките со коишто се соочуваат работодавачите и работниците во текот на нивното работење. Во Банкраскиот Сектор моите почетоци се градеа со почеток во Секторот за правни работи каде предизвик беа особено значајни проекти како купопродажба на мнозинскиот пакет на акции од новиот Акционер-ХАЛКБАНК АШ Турција, процесот на ребрендирањето на Банката, проекти за зголемување на основната главнина, процесот на Присоединувањето на Зираат Банка АД Скопје кон ХАЛКБАНК АД Скопје, основањето на Претстваништво на ХАЛКБАНК АД Скопје во Белград, Србија итн… Самата инволвираност во овие сериозни и особено значајни проекти, но и чувството на задоволство и исполнетост по успешно завршените проекти ми беа од голема помош во развојот како професионалец.  Истакнувањето на моите карактеристики особено при изнаоѓањето на брзи применливи и законски решенија при соочување со предизвиците при овие проекти не останаа незабележани од страна на Менџментот кој ми овозможи шанса кариерата да ја продолжам во Секторот за човечки ресурси, организација и обука, но овојпат предизвиците кои произлегуваа од управувањето со човечките ресурси беа повеќедимензионални што навистина ми претставуваше предизвик којшто верував дека ќе го совладам со многу труд, упорност, учење и секако идентификување на потребите на бизнисот и вработените од аспект на ЧР.

Транзицијата од правен советник во специјалист за управување со човечки ресурси за мене претставуваше непроценливо искуство, преку кое што покрај новите работни вештини и знаење што ги стекнав во оваа улога, доведе и до збогатување на моето животно искуство и стекнување на голем број професионални контакти, но и пријателства. Врз база на остварените резултати во работењето и придонесот во развојот на организацијата, градењето на интерните тимови и капацитети, но и индивидуалниот професионален развој на вработените, како вистинско признание ми беше доверена и можноста да ја водам Дирекцијата за човечки ресурси, организација и обука во Халкбанк АД Скопје како Директор на истата.

Кристина смета дека успехот е плод на повеќе достигнувања. Прашавме кое е нејзиното најголемо достигнување?

Иако во текот на мојата кариера зад мојата организација и тим стојат голем број успешно спроведени и реализирани проекти во делот на управувањето со човечкиот капитал и потенцијал, вклучувајќи и национално признание за општествено одговорни практики во делот на човечките ресурси, сепак би било неблагодарно да издвојам едно единствено достигнување коешто би го сместила како најдраго пред останатите. Да не звучам и нескромно, но сметам дека во нашата професија најважно е секогаш да се биде доследен, конзистентен и правичен континуирано во постапувањето и донесувањето одлуки поврзани со активностите во управувањето со човечки ресурси. Како резултат на ваквиот начин на работа и посветеност, почитта и признанието кои што произлегуваат од страна на вработените и менаџментот во компанијата, но и пошироката деловна заедница претставуваат најголема сатисфакција и кулминација при извршувањето на функцијата Менаџер за човечки ресурси. Верувам дека секој од нас го почувствувал она чувство кога пред крајот на денот ќе направите резиме на денот и ќе се насмевнете со заклучок дека сте завршиле одлична работа, тоа не е поради еден одлично спроведен ден, состанок или еден проект, туку плод на повеќе достигнувања.

Што би им порачала Кристина на идните HR професионалци, односно на младите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Секој сегашен или иден професионалец за човечки ресурси потребно е да ја има во предвид важноста на оваа функција во самата организација, но истовремено и во професионалниот живот и кариерата на вработените. Притоа, големо внимание треба да се обрне и кон континуиран развој и подобрување на интерперсоналните вештини и емоционалната интелигенција, како основа за успешно справување со работните задачи кои произлегуваат од овој домен. Дополнително и во зависност од насоката во која што ќе се движите во професионалниот HR свет, дали е тоа регрутација и селекција, HR аналитика, плати и бенефиции, талент менаџмент и слично, поради честите промени на опкружувањето и пазарот за ова професија неоходно е на дневна основа да се надградувате и да совладувате нови знаења кои што ќе ви бидат корисни за реализирање на поставените цели.

Сиот овој труд верувајте дека на крајот на денот ќе се исплати, кога ќе добиете широка насмевка и благодарам од страна на вработените или менаџментот за вашиот удел во решавањето на нивниот проблем, постигнување на успешен резултат или пак за професионалниот развој којшто тие го остваруваат во текот на нивната кариера и во рамките на организацијата од која што сте дел.  Улогата на HR бизнис партнер е сè повеќе во домен и професионалците за човечки ресурси во голема мера рамо до рамо со менаџментот и вработените и со заеднички сили ја водат самата организација низ неизвесни периоди и на патот кон успехот. Луѓето се јадрото во работењето на ХАЛКБАНК. Нашите вработени се токму оние кои го реализираат секој процес во банката, притоа трудејќи се најдобро да одговорат на потребите на луѓето кои доаѓаат во банката како наши клиенти. Човечкиот капитал на банката е најодговорен и најзаслужен за успесите што секојдневно ги постигнуваме, за што говори и слоганот на банката „Важни се Луѓето“ кој всушност првенствено потекнува од самиот пристап, стратегија, мотивација која што е воспоставена од страна на менаџментот кон вработените кои што понатаму се клучниот фактор за натамошно истакнување, пренесување и имплементација на слоганот пред луѓето од ова општество.

Пред неколку денови 24HR прослави три месеци од своето лансирање. Што мислите за нашиот портал?

Навистина ме радува што и на нашиот јазик имаме портал на којшто можеме да споделуваме искуства, да придонесуваме за понатамошен развој на HR професијата во земјата и секако да научиме нешто ново кое што можеме да го примениме во нашето работно секојдневие. Верувам дека придонесот кој што 24HR ќе го има кон областа на човечките ресурси, но и кон деловната заедница, ќе биде од непроценлива важност и ќе доведе до развој на голем број организации, како и за професионално надградување на голем број професионалци кои покажуваат амбиции и стремеж за совладување на знаења во доменот на управувањето со човечкиот капитал и потенцијал.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...