Што знаеме за Генерацијата Z?
Работните места кои ставаат приоритет на менталното здравје на вработените, ја поттикнуваат автентичноста, ги охрабруваат луѓето да ги споделат своите идеи и имаат јасна цел ќе бидат чекор понапред во однос на регрутирањето на помлада работна сила која тукушто влегува на пазарот на трудот.
Како што генерацијата Z или луѓето родени по 1996/1997 година полека влегуваат во работната сила, истражувачите сѐ повеќе се интересираат за тоа како оваа генерација се разликува од другите во поглед на перспективите и очекувањата за работното место.
Според едно истражување на американското Здружение на овластени сметководители и Меѓународната федерација на сметководители, вработените кои припаѓаат на Генерацијата Z се амбициозни и очекуваат брзо унапредување, водат грижа за сигурноста на работното место и недостатокот на кариерни можности и се скептични во однос на улогата на бизнисот.
Имено, помалку од 50% од испитаниците изјавиле дека се согласуваат дека „бизнис лидерите имаат интегритет и го прават она што го велат“, а помалку од 40% сметаат дека „компаниите се борат против климатските промени“, се вели во извештајот.
Во истражувањето се вклучени повратни информации од повеќе од 9000 испитаници од целиот свет на возраст од 18 и 25 години, од кои најповеќето се од Азиско – Пацифичкиот регион (44%), Јужна Азија (21%), Западна Европа (13%) и Африка (10%).
Слични истражувања во изминатите неколку години спроведоа и Deloitte, Gallup и RippleMatch. Главните теми кои произлегоа од овие истражувања ги потврдуваат истите сознанија дека оваа генерација се разбира во технологија, има поголема веројатност да користи социјални медиуми, има голем интерес за компаниските политики за истражување, развој и социјален импакт и претпочита независни работни места ориентирани кон резултати.
„Припадниците на Генерацијата Z имаат поголема веројатност подолго да се задржат на своето прво работно место од милениумците“, смета Кеси Велч, ко-основач и извршен директор на виртуелната платформа за стипендии Tallo.
Според него, посветеноста на оваа генерација кон лојалноста на работното место ги прави послични со бејби-бумерите отколку со милениумците иако нивната главна специфичност е фокус на диверзитетот и менталното здравје на работното место.
Пандемијата на Ковид-19 веројатно ќе има големо влијание врз ставовите на Генерацијата Z во врска со работата, слично како што рецесијата во 2008 година влијаеше на милениумците. Едно рано истражување веќе открило дека припадниците на оваа генерација почнале да ги менуваат своите перспективи за работното место како резултат на пандемијата, но се уште е рано за да донесеме генерален заклучок.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.