Задоволството на вработените треба да биде приоритет на секој професионалец за човечки ресурси

од 24HR

Интервју со Ана Оклеска – Директор на секторот за човечки ресурси во ПроКредит Банка

Во водите на HR-от влегува сосема случајно, а денес е на чело на секторот за човечки ресурси на ПроКредит Банка. Запознајте се со Ана Оклеска, наш денешен соговорник во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Која е Ана Оклеска?

Ана е едноставен човек, кој што има желба постојано да се дружи и комуницира со луѓе, посветена на семејството и работата. Особено изминативе месеци беа навистина тешки во овој контекст, бидејќи сум зависна од социјални контакти, кои што се сведени на минумум, но сепак, со позитивна мисла се надевам на поинаква иднина и со нетрпение очекувам да се вратам во нормалниот тек на животот. Иако никогаш не очекував да се занимавам со професија од областа на човечките ресурси, бидејќи моите почетоци беа во директна комуникација со клиенти, оваа приказна за мене почна во 2010 година и можам да кажам дека е моја постојана љубов од тој момент.

Што Ве натера да се вљубите во HR како професија?

Па морам да кажам дека во моментот кога ми беше понудена позиција како Директор на секторот за човечки ресурси во ПроКредит Банка имав сосема поинаква замисла за оваа позиција. Имено, во тоа време ја замислував како позиција која што пред се е административна, во однос на документи, договори, барања, потврди за вработените во институцијата. Со тек на време ми стана јасно дека позицијата носи сосема поинакви предизвици, каде што приоритетите беа насочени кон наоѓање и селекција на потенцијални вработени кои што ќе придонесат за остварување на резулататите на институцијата, можност за развој на постоечкиот кадар и професионално и персонално, како и активна секојдневна комуникација со вработените, што беа клучни да ја засакам позицијата.

Од каде почнавте и како изгледаше Вашата кариерна патека?

ПроКредит Банка беше мое второ работно искуство, но сепак прва посериозна институција во која што имав можност како млад човек да добијам шанса, без претходно искуство, за понатамошно докажување. Почнав на позиција која што беше со директен контакт со клиенти, во областа на кредитирање, потоа преминав во делот на работа со население. Во 2008 година имав можност да работам една година во ПроКредит Банка Романија, по враќањето неколку години стекнав искуство како директор на експозитура, и во 2010 година влегов во светот на човечките ресурси. Оттогаш имав можност покрај оваа област да се запознаам и со позадинските операции на една банка, што е секако огромно искуство, но сепак HR остана нешто кое што ја обележа мојата досегашна професионална кариера.

Кое е Вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?

Пред сè воведување на новитет на пазарот, преку таканаречена Onboarding програма, која што овозможува вработување во банката и се организира на интернационално ниво, што подразбира високи критериуми при избор на новите вработени, како одлично познавање на англискиот јазик, флексибилност, динамичност и желба за учење и специјализирање во сите сегменти на работата. Дополнително, она што за мене е успех, се колегите кои што се изградија во изминатите години во банката, односно кои што ги познавам од нивниот прв контакт со институцијата, а потоа врз база на нивните квалитети, и дадената можност од банката, се изградија во успешни менаџери и чекорат сигурно кон своите следни успеси. Да бидам искрена, како одговорно лице за HR, за мене најклучно е колку вработените се задоволни од самата институција во која работат и дали се гледаат долгорочно во истата.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Едноставно треба да веруваат во себе, да и веруваат на својата интуиција, да вложуваат во себе и да се дадат максимум со секојдневните задачи, да знаат дека грешки ќе се случат, но дека токму тие се клучни за да се изградиме во уште поуспешни професионалци. Работата со луѓе е секогаш разновидна, динамична, возбудлива, но носи и големо задоволство постигнатиот успех на секој колега, кој крајно е и успех на тимот кој што работи во HR.

Што мислите за порталот 24HR?

Порталот донесе нешто кое што можеби требаше да се случи поодамна, но подобро некогаш отколку никогаш. Дефинитвно станува предизвик за секоја сериозна институција да најде квалитетен кадар, па токму во таа насока го гледам и постоењето на ваков канал, каде што ќе се направи мост меѓу сите заинтересирани страни во процесот на селекција на вработени. Овој портал внесе и свежина и новитети во однос на оваа проблематика, само продолжете со исто темпо.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...