Колумна на Билјана Чкламовска – Legal / HR / Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија.
Испраќање одговор на апликацијата за вработување на неизбраните кандидати не е само морална, туку и законска обврска, определена со Член 27 од Законот за работни односи како право на неизбраните кандидати.
Согласно законската норма, „работодавачот мора во рок од пет работни дена од денот на склучувањето на договорот за вработување писмено да го извести кандидатот кој не е избран дека не е избран и кој кандидат е избран и да му ги врати сите документи што му ги доставил како доказ за исполнување на бараните услови за вршење на работата.“
За жал, оваа норма во праксата многу малку се имплементира. Многу Оддели за човечки ресурси не знаат дека постои ваква одредба во законот, а за волја на вистината и поголемиот дел од апликантите- кандидатите за вработување немаат поим дека имаат право на одговор, па ниту очекуваат одговор, а уште помалку размислуваат да го пријават работодавачот кој не го испочитувал нивното законско право во надлежниот Инспекторат на труд.
Одделите пак што знаат дека имаат ваква обврска, а не ја извршуваат, се правдаат дека добиваат премногу апликации за една работна позиција и праќање одговор на секој кандидат што не е избран, им одзема многу време. Други им испраќаат одговор само на кандидатите што биле селектирани и повикани на интервју.
Точно дека одговарање на стотици апликации ќе ви одземе саат-два од вашето драгоцено време, драги мои ЧР колеги, но помислете на луѓето што аплицирале на вашиот оглас. Вие објавувате дека барате кандидати, тие ве испочитувале со самото тоа што ја прочитале вашата објава. Ако покажале интерес и се пријавиле треба да сте почестени што одбрале да работат токму во Вашата компанија. Зарем не заслужуваат повратен одговор? Со тоа ќе покажете дека имате компаниска култура на однесување, сте одговорна компанија, која почитува човекови права и конечно, и тоа е еден од начините на градење на бренд.
Замислете си ситуација, да објавите оглас за вработување, а да не ви се пријави никој. Замислете да објавувате неколку огласи по ред, а да не добиете ни една апликација. Сигурно ќе бидете разочарани, а замислете си го разочарувањето на човек кој е во потрага по работа, по егзистенција, кој секојдневно прати огласи, испраќа кратки биографии, мотивациони писма, а никогаш не е повикан на интервју, никогаш од никого добива никаков одговор… нели сте помислиле дека тој човек се чувствува понижен, помножен со нула? Е па нема да биде чудно да се случи еден ден и вие да не добивате апликации на вашите огласи, ако стекнете лош глас дека не ги почитувате кандидатите за вработување.
За крај запамтете! Апликацијата не е само допис, не е само обично барање, таа е многу повеќе од тоа. Апликацијата е надеж, таа во себе крие нечии очекувања, желби, планови…
Позади неа стои ЧОВЕК на кого му е потребна работа и кој чека… чека… чека да биде контактиран, да биде повикан на интервју, а одговорот, макар и негативен, не стига никогаш.
Инспирација за оваа колумна добив од контакти со многу луѓе кои при барањето работа доживуваат разочарувања, некои го губат еланот, ентузијазмот, се повлекуваат, па и доживуваат депресија, се заради игнорантскиот однос на македонските компании. И што е најстрашно, ретки се фирмите што се исклучоци од овој начин на постапување со кандидатите.
За авторот:
Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.