И во Македонија има компании кои вистински се грижат за своите вработени

од 24HR

Кога започнувавме со порталот 24HR, Сања Петрушевска беше една од првите личности кои ја поздравија нашата идеја и допринесоа кон истата со своја колумна. Денес, 24HR ја споделува нејзината приказна за љубовта кон човечките ресурси.

За тие што не ја познаваат, Сања Петрушевска е економист чија пасија отсекогаш била психологијата. Таа е и долгогодишен член и алумнус во најголемата студентска организација АИЕСЕК, за која вели дека имала длабок импакт врз нејзината кариера и погледите кон светот. Во моментов е Менаџер за човечки ресурси во MY:TIME.

Поборник за човекови права и застапник на правдата во секој сегмент од живеењето. Ентузијаст за рушење на стереотипите, како во работата, така и во приватниот живот. Вљубеник во луѓето, природата и книгите.

За себе вели дека преголем аналитичар и “overthinker” се двата епитети кои најдобро ја опишуваат, но длабоко во себе е емотивна личност и тоа и помага секогаш да го пронајде балансот меѓу разумот и срцето, без разлика дали се работи за професионалниот или приватниот живот.

Што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Сметам дека искуството со регрутација и правење интервјуа како член во АИЕСЕК беше главниот момент за да почнам да се замислувам себеси како дел од сектор за Човечки ресурси. Впрочем, по завршувањето на факултетот имав потешкотии за да најдам соодветна работа и одев на многу интервјуа (ако може така да се наречат) и тоа беа примери каде што веројатно дознав за голем дел од работите кои не треба да ги правам кога јас ќе бидам од другата страна.

Дополнително, веќе споменав дека главниот мотив беше и сè уште е љубовта кон луѓето. Но, не изостанува и огромната желба за докажување дека и кај нас е можно и има компании кои вистински и искрено се грижат за вработените и секогаш работат во нивен интерес. Она што како сектор се трудиме да го постигнеме и е наша ултимативна цел е целокупното задоволство на секој од колегите. Сакам секој од колегите да доаѓа со насмевка на работа, насмеан да го поминува работниот ден и истата насмевка да ја понесе дома. Во превод, ова значи многу макотрпна работа, но истата се заборава кога ќе видиме дека секоја активност на крајот вродува со плод.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Најпрво, морам да напоменам дека кога го завршив факултетот сметав дека треба да барам работа според образованието, а тоа е дигиталниот маркетинг. И бев насочена во потрага по работно искуство во дигиталниот свет, кој за жал не беше толку развиен во нашата земја, за разлика од денес. Имав можности да работам од дома, но на тој начин не би имала никаков социјален контакт и идејата за тоа отпадна.

Моето прво вработување беше во англиска компанија за аутсорсинг и таму работев како Маркетинг администратор. Тоа беше корисно работно искуство, но морам да признаам дека воопшто не се пронајдов во таа работа. Во тоа време како млада и неискусна личност, сметав дека за да го остварам сонот во делот на Човечки ресурси ми е потребно и формално образование (иако неформалното поради сопствен интерес го поседував) и некако ми беше страв воопшто да аплицирам за таков тип на позиција.

Така и се случи всушност да се вработам во MY:TIME како Помлад извршен асистент, водена од помислата дека вистинскиот работодавец ќе знае да го препознае потенцијалот кај своите вработени. Од оваа гледна точка, веројатно се најдов на вистинско место во вистинско време и после повеќе од 1 година бев назначена за Координатор за човечки ресурси и почнавме на правилен начин да го градиме секторот и да го направиме она што е денес – движечка сила за напредок на компанијата.

Пет години подоцна можам да кажам дека сум горда на себе како успешен Менаџер за човечки ресурси и на заедничкиот успех што го имаме постигнато со тимот. Секако убавината во оваа професија е дека секогаш постои простор за подобрување и имплементирање на различни промени, а промената секогаш треба да тргне од самите нас.

Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?

Можеби е нескромно, но не би можела да издвојам само едно. Веројатно е успех целосното конструирање и имплементирање на HR процесите, како што се регрутација, тренинзи, мотивација, комуникација итн.

Всушност, реално достигнување за мене е секое успешно одржано интервју каде што кандидатот ќе си замине со позитивен впечаток. Исто така, успех е секое прославување на годишнина од вработувањето на секој од колегите, односно тоа што и после многу години колегите се сè уште среќни на работното место. Тоа што постојано сите учиме едни од други и се надополнуваме меѓусебно. На кратко, сите мали нешта кои не прават да функционираме како една целина, без разлика на тоа што како луѓе сме сите различни.

Каква порака имате за сите кои размислуваат за кариера во HR?

Најпрво, би порачала на сите никогаш да не се откажуваат од своите соништа и дека можеби на прв поглед е нереално, но и во Македонија е можно истите да се остварат.

За оние кои сметаат дека ова е вистинската професија за нив, би им порачала да бидат секогаш подготвени во исто време да бидат и работодавач и вработен (не е воопшто лесно) и секогаш да бидат на страната на правдата, односно да не дозволуваат пристрасноста да завладее. Доколку успеат да го совладаат ова, тогаш е несомнено дека со напорна работа и многу вложен труд ќе постигнуваат успеси.

Исто така, би порачала никогаш да не го заборават хуманиот аспект, односно фактот што сите ние сме луѓе и заслужуваме еднаков третман.

Сања Петрушевска за порталот 24HR:

„Би сакала да ја поздравам иницијативата за воведување на ваков портал на овие простори бидејќи дефинитивно недостасуваше, особено кога компаниите стануваат се повеќе свесни дека секторот за човечки ресурси е неопходен за одржување и напредување на секоја компанија. Дополнително, интересните содржини внесуваат свежина во нашето секојдневие и сметам дека може да влијаат на нечија перцепција околу самата професија и кариерниот пат на секоја индивидуа.

2 коментари
3

Related Posts

2 коментари

Марина октомври 5, 2020 - 1:07 pm

Браво, Сања! Навистина многу инспиративно ми влијаеше ова што штотуку го прочитав! Продолжи да сјаеш и понатаму! ❤

Врати
Сања октомври 6, 2020 - 10:25 am

Ви благодарам од срце! <3

Врати

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...