Ковид кризата, холистичкиот пристап кон човечките ресурси и можноста за излез кон позитивна промена

од 24HR

Колумна на Михајло Митковски, Менаџер за човечки ресурси во iSource

Последните две години од животот (2020/21) се години кои не би можеле да ги споредеме со било кој друг период. КОВИД-19 засекогаш остави свој белег врз начинот на кој живееме и работиме. Една од највидливите промени во 2020 беше преминувањето кон работа од дома за поголем дел од работната сила.

Пред почетокот на пандемијата не постоеа многу организации кои имаа спремна политика за работа од дома или беа спремни истата да ја спроведат во рок од неколку недели. Целата ситуација со пандемијата и потребата да се преземат мерки поврзани со заштита на луѓето од вирусот и негово ширење придонесе за тоа некои функции на човечките ресурси во компаниите целосно да се променат. Работата од дома, како и хибридниот модел за работа се моделите кои ќе останат да се користат и откако ќе помине Ковид кризата.

Многу организации веќе почнаа да користат интернет алатки за да негуваат култура на сплотеност и покрај физичката оддалеченост на нивните вработени. Виртуелните средби почнаа да го заменуваат дружењето после работа, а оваа година ќе бидеме сведоци и на разни тестирања на апликации и виртуелни начини како да се постигне здрава организациска култура во услови на физичка дистанца.

Целата ситуација поврзана со пандемијата и новиот начин на функционирање на организациите предизвикаа кај работодавачите промена така што тие започнаа да го препознаваат фактот дека нивните вработени не се само столб за успехот во нивниот бизнис, туку и вистински луѓе со сопствен живот: со јаки и слаби страни кои директно влијаат на креирање на поволна или неповолна работна средина.

Имањето на холистички пристап во човечките ресурси значи дека сте повеќе ориентирани да менаџирате со талентот на личноста, задржувајќи се на секој аспект. Тоа има најголемо влијание врз луѓето и организациската културата. Организациите треба да ја разгледуваат личноста како целина: Како тие се справуваат со неуспех или предизвик? Како го балансираат својот живот? Каква насока треба да се превземи за да се надмини некоја сотојаба? Едноставно, гледајќи ја личноста во целост, може многу да се научи за неа.

Во споредба со горенаведеното доколку ја разгледаме стандардната функција на човечките ресурси која е насочена само кон една работа – кои се способностите на индивидуата и како може истата да ја „заврши работата“ успешно, можеме да заклучиме дека цел еден аспект од личноста се исклучува.

Влијанието врз менталната и физичката благосостојба на вработените кога во управувањето со човечките ресурси не се применува холистички пристап е доста негативно и видливо. Таа состојба наметнува значајни ризици за бизнисот (и економијата како целина). Имајќи го предвид фактот дека секојдневно компаниите се соочуваат со сѐ повеќе предизвици поврзани со недостигот на соодветен кадар, станува многу јасно дека холистичкиот пристап е патот кон иднината на управувањето со човечките ресурси.

На крајот на денот, после стекнатите искуства во управувањето со организациите во услови на пандемија, станува јасно дека фокусот на организациите треба да се стави на благосостојбата на вработените во организацијата, во обид да се обезбеди постабилно, поддржувачко и пријатно работно опкружување кое ќе создаде продуктивен бизнис и попросперитетна култура за организацијата. Во спротивно, би било чудно доколку некои организации не го сменат пристапот за тоа како управуваат со човечки ресурси.

Во овој правец, можеме да се надеваме дека наведениот позитивен тренд на холистички пристап кон човечките ресурси кој предизвикува промена на функциите на управувањето со човечките ресурси би бил поткрепен и од државните институции во смисла на: адаптација на законската рамка која ја третира оваа проблематика и иницијативи за раст и развој на организациите. Во една ваква ситуација стануваме свесни за потребата, да се знае каде сме, каква е моменталната состојба и кои насоки се потребни за да се придвижиме напред и да излеземе како победници во целата ситуација.

За авторот:

Михајло Митковски е Менаџер за човечки ресурси во iSource со над 5 години искуство во ИТ индустријата како и долгогодишно искуство со водење на проекти во невладиниот сектор. Тој е Магистер по јавна администрација.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...