Медицината и човечките ресурси се две различни области со иста цел – благосостојбата на луѓето

од 24HR

Наш денешен соговорник во рубриката „Љубов кон HR“ е Сашка Тодоровска – HR Специјалист во Клиничката болница Аџибадем Систина. Прочитајте за нејзината љубов кон професијата, кариерните почетоци и предизвици и искуството на еден HR професионалец во еден од најхуманите сектори – здравството.

Сашка Тодоровска е HR Специјалист во Клиничка болница Аџибадем Систина. Таа е и Кариерен советник и интуитивна личност со целосен наклон кон личната слобода и оригиналност. Почитува независност и хуманизам.

Кариерата ја започнува во еден од најхуманите сектори, здравството, и тоа е нешто кое, како што вели таа, сè уште ја мотовира да остане посветена и да трага по поголеми предизвици. Нејзините почетоци се во организација која и даде огромни можности да го отклучи својот потенцијал и да се надоградува со многу поважни вештини.

Обостраната почит, напорната работа и лојалноста се главните фактори за Сашка веќе 10 години да биде дел од КБ Аџибадем Систина. Денес на 24HR ја споделуваме нејзината HR приказна.

Што ја натера Сашка да се вљуби во HR-от како професија?

Медицината. Не можев ни да претпоставам дека постои толкава меѓусебна зависност помеѓу две области. Медицината, како поле кое е добро познато по висококвалификуваните здравствени професии и ЧР, како поле кое е обоено од потребата за благосостојба на работната сила. Кога еднаш ќе се почувствува адреналинот за работа во здравствена институција, тој се храни преку сето тоа што го правиш за некој од кого зависи човечкиот живот, и од кого зависи општеството

И на крајот, се се врти околу нас, луѓето. Колку и да не сме свесни но еден без друг не можеме, ние сме еден за друг мотив за живот, ние сме причина за нечија среќа.

Од каде почнавте и како изгледа вашата кариерна патека?

Главна алатка за игра уште во детството ми беше медицинскиот шприц и многупати бев во улога на медицинско лице. Уште од тогаш низ разни игри ја почувствував „големината” на здравствените лица, нивната неизмерна посветеност и наклонетост кон здравјето на секој од нас. Неслучајно моите кариерни почетоци се во здравствениот сектор. Продолжив со постдипломски студии по Менаџмент на човечки ресурси што ми отвори уште повеќе можности за учење и напредување. Ја осознав потребата на една организација за вложување во човечкиот потенцијал и развој на вработените.

И покрај тоа што работам повеќе од 10 години во оваа институција, можам да кажам дека не почувствував комфор во ниту еден момент. Постојаниот раст на компанијата, иновациите со кои се соочуваме како здравствен сектор и искуствата кои ги разменуваме со турскиот здравствен гигант – Аџибадем групацијата, се причина за остварување на мојата визија за кариера. И секако не можам а да не споменам дека како додаток на формалното образование, секој од нас има задача да работи на себе и својот личен развој. На својот кариерен пат додадов уште една алатка, се здобив со сертификација за Кариерен советник по меѓународната програма, GCDF, што сметам дека е многу важен додаток на HR професијата.

И не застануваме тука… Во период кога очекувам принова, желбата за развој и напредок е сè уште присутна. Времето кое ни е подарено вреди да се искористи и посвети на значајни работи така да и сега издвојувам време за неформални обуки и активности кои ми ги дозволува состојбата.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Бидејќи во тек на моето работно искуство во Клиничката болница Аџибадем Систина навлегов подлабоко во HR професијата, моите достигнувања воглавно се во оваа организација. Тоа на кое што сме особено горди е акредитацијата според Joint Commission International, најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет. Ова беше долгогодишна посветеност и работа за воведување на овие стандарди. Со повторната акредитација пред скоро една година, докажавме континуитет во обезбедување на безбедна средина, квалитет во работата и посветеност од страна на вработените па затоа особено значење давам на овој круг: пациент – вработен – HR. Колку е важна улогата на здравствениот работник во целиот процес, толку значајна е и нашата улога бидејќи работевме и овозможивме услови за целосна имплементација на стандардите како и почитување на истите до ден денес се со цел задржување на овој печат.

Каква порака има Сашка за сите кои размислуваат за кариера во HR?

Тргнувам од тоа дека клучот за успех на секоја организација се луѓето, а за мене тоа значи можности и експресија на сопствениот потенцијал. Не само што во моментов е атрактивна професија, во многу сектори достигнуваме нова димензија во што гледам уште поголем предизвик за нас, но и за идните HR професионалци. Кога велам нова димензија во HR професијата мислам на нашата флексибилност и проактивност во промена на одредени начини на работа и патерни на однесување особено сега кога се соочуваме со големи здравствени ризици.

Да се разбере овој јазик не е едноставно, но кога еднаш ќе се почувствува задоволството на вработените и успехот на една организација, чувствуваш особена привилегија што си дел од HR светот.

Што мислите за порталот 24HR?

Секоја чест за идејата, но и проактивноста во одржување на овој портал. Отворивте теми кои се од големо значење за сите нас, споделивте конструктивни решенија, идеи. Особена почит што ни овозможивте професионален networking.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...