На компаниите им се потребни луѓе со визија – титулата воопшто не е важна!

од 24HR

Велат дека компаниите од автомобилската индустрија се онолку добри колку што се добри и нивните вработени. Оттаму, секторите за човечки ресурси во оваа индустрија имаат задача правилно да идентификуваат, регрутираат и развиваат таленти кои имаат потенцијал да се издигнат на повисоки лидерски позиции. За искуството на еден HR професионалец во светот на автомобилската индустрија 24HR разговараше со Нада Мисоска – HR Специјалист во КОСТАЛ Македонија.

Нада Мисоска е HR Специјалист задолжен за регрутација и селекција на нови вработени во КОСТАЛ Македонија. По вокација дипломиран психолог на Филозовскиот факултет во Скопје, а по завршувањето на своите студии продолжува на доусовршување на гешталт психотерапија. Во 2019 година прави уште еден чекор напред во своето образование како добитник на стипендија на Академијата за менаџмент за човечки ресурси на Clear View.

Денес, таа е веќе 5 години дел од HR тимот на КОСТАЛ Македонија, која важи за една од најголемите и најуспешните германски компании со преку 700 вработени и планови за натамошен раст. Ова е нејзината HR приказна раскажана во рубриката „Љубов кон HR“ на 24HR.

Во 2015 година се случија две клучни работи: КОСТАЛ започна со финалните подготовки за отворање на фабрика во Македонија и Нада ја започна својата кариера во истата таа фабрика. Ја прашавме Нада да ни каже нешто повеќе за тоа?

Моите почетоци во КОСТАЛ започнаа со самото основање на КОСТАЛ Македонија во 2015 година. Фабриката сè уште не беше изградена кога заедно со уште 10-тина колеги ја започнавме нашата приказна во КОСТАЛ во Македонија.

Бев препознаена како потенцијал од регрутинг тимот на Декра кој заедно со тимот од КОСТАЛ Германија ми дадоа можност да започнам со работа како асистент за човечки ресурси за денес да се изградам како специјалист во истиот оддел.

Благодарна сум на можноста што ја добив да бидам дел од тимот кој ги поставуваше корените на една компанија и да ги докажам моите квалитети.

Во моментов работам како Специјалист за човечки ресурси и задолжена сум за повеќе области, но сепак ќе го издвојам делот на рагрутација и селекција на нови кандидати.

До денес во КОСТАЛ Македонија броиме над 700 вработени, а планот за до крајот на оваа година е тој број да продолжи да се зголемува, со доаѓањето на новите проекти.

Среќна сум што и во време на големата пандемија КОСТАЛ Македонија остана доследна кон своите вработени и не дозволивме ниту еден од колегите да биде испуштен заради истата причина.

Нада Мисоска – HR Специјалист во КОСТАЛ Македонија
Можноста да се биде со една компанија уште од нејзиното основање носи свои предизвици, но и значајни достигнувања на кои треба да бидеме горди. Прашавме кое е најголемото HR достигнување на Нада и нејзиниот тим?

Најголемо достигнување… хмм тешко прашање… навистина е тешко да се издвои нешто што за мене е најголемо достигнување. Научив многу работи, а можноста за професионален развој е огромна…

Од самиот почеток па се до денес за мене еден од најголемите успеси е тоа што успеавме да изградиме високо квалитетни тимови, да развиеме програми за развој на млади инженери и да им дадеме шанса да ги докажат своите потенцијали и квалитети.

Пазарот на труд во областа на инженерството и не е така голем, автомобилската индустрија е прилично нова во нашата земја, па со таа цел размислувавме проактивно и развивме успешна програма за развој на млади инженери „Инженер на тренинг” кои што пред нивното дипломирање имаа можност да ја започнат својата кариера од „0” за денес да станат успешни професионалци во својата област.

Како млад човек кој сè уште активно учи и се развива таа е одличен пример за мотивација на идната генерација HR професионалци. Што би им порачала Нада на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

За сите кои сакаат да работат со луѓе, имаат трпение и разбирање, ЧР е вистинската насока за нивен кариерен развој.

ЧР е секогаш лице каде вработените треба да се чуствуваат дека можат да бидат ислушани, разбрани и правилно насочени.

Доаѓањето на многу нови странски компании отвори простор за развивање на HR и овозможи да се стекнат многу нови извори на знаење и пракса.

HR е неопходен сектор за секоја компанија.

Но за да се занимавате со која било професија во животот потребно е да имате љубов и пасија кон истата. Ја прашавме Нада што е тоа што ја натера да се вљуби токму во HR, на што таа ни одговори:

HR-от ме натера да ги докажам своите организациски вештини, својата проактивност, иницијативност и креативност, исто така, ми даде можност да го искористам моето знаење во психологијата. Гешталтот многу ми помогна во моменталната работа, при проценка на вработените при регрутација.

Живееме во свет во кој ништо не е сигурно, свет кој изобилува со промени. За да се биде почитуван во една организација треба да се развие чувството за разбирање, проценка, емпатија… Да се вложува во зголемување на капацитетите на своите вработени за да бидат во состојба да се развиваат, да превземаат водечки позиции во сè што ќе работат, да покажат способност да водат и да превземаат одговорност за успех на компанијата. Би требало секој да даде сè од себе и секој да превземе одговорност за последиците. Сметам дека во компаниите се потребни луѓе кои имаат визија, кои се во состојба да ја остварат и да ја насочат компанијата превземајќи крајна одговорност.

Титулата на позицијата воопшто не е ни важна, а не е ни важно колку голема канцеларија имаш. Од особено значење за мене е својата работа да ја извршувам најдобро што можам, односно да го дадам својот најголем придонес.

Ништо во животот не предизвикува поголема среќа како сознанието дека во целост си ги остварил своите можности, дека ја работиш својата работа и дека животот го живееш на вистински начин.

Се надевам дека мојата експресија и разбирање за улогата на човечките ресурси во организацијата Ви ја пренесов низ мојата призма на гледање, и дека преку неа Ви ја претставив мојата личност и моите идни визии.

Нада Мисоска за порталот 24HR:

„Одлична можност да се прочитаат и да се научат нови работи, како и да се прошират видиците во различни аспекти од областа на ЧР.“

0 коментар
6

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...