Интервју со Ана Кулеванова – Head of People и Country Manager на Цилиндо во Македонија
Таа е професионалец со богато и шаренолико искуство во областа на човечките ресурси. Своите први чекори во HR индустријата ги прави пред десетина години, а денес го води глобалниот тим за човечки ресурси на Цилиндо – ИТ компанија со канцеларии во Бостон, Копенхаген, Скопје и Битола со вкупно 126 вработени. Запознајте ја Ана Кулеванова, наш 41-ви гостин во рубриката Љубов кон HR на 24HR.
Што ве натера да се вљубите во човечките ресурси?
Нишката што ме натера да размислувам дека има нешто повеќе во водењето на компаниите и бизнисите потекува од мојата мајка. Уште како дете ја гледав како се обидува да ги води колегите, да ги идентификува нивните силни страни и да ги мотивира да направат уште подобро и уште повеќе. Уште од тогаш, во меморијата ми се врежа дека успешноста на една компанија најмногу зависи од нејзините вработени. Иако тоа тогаш беше во прилично наивна форма на размислување и навидум се изгледаше премногу лесно 🙂 Многу години fast forward, едукација, искуство, магистерски студии, дел од различни сектори и индустрии ме носат во позиција слободно да кажам дека навистина нема ништо повредно и позначајно за една компанија од нејзиниот човечки потенцијал. HR-от е интегритет, професионализам, емоционална интелигенција, исполнетост, трансформација, адаптација, динамика и сите овие негови одлики овозможуваат одново и одново да се радувам за изборот на мојата професија.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Се започна од Алкалоид АД Скопје и можноста да бидам дел од една ултра успешна приказна. Таму добив прилика да си го “испечам занаетот” и да почнам да ги совладувам потребните вештини и знаења во полето на менаџментот на човечки вештини. Тоа време е веќе далечната 2011 година кога оваа функција и не беше застапена во толкав процент како што е во денешницата, барем кога се работи за компании во нашата земја. За мене ова значеше влез во еден свет на постојано учење, постојано надградување, посета на безброј обуки и курсеви, имплементација на разни проекти, адаптација на различностите што секој од нас ги има, и пружањето максимум со цел постигнување на личните и организациските цели. Во текот на годините ја променив индустријата, односно од фармацевтската индустрија се префрлив во динамичниот и предизвикувачки ИТ свет. Имав прилика да научам како функционира оваа индустрија преку мојата претходна компанија Сингулар и мојата сегашна компанија Цилиндо Интернационал. Овие 10-тина години ме довеле во контакт со различни луѓе од безброј држави, различни карактери, со различни процеси. Мојата сегашна компанија има 4 канцеларии низ светот, од кои две се во Скопје и Битола, а останатите две во Копенхаген и Бостон и јас ја имам привилегијата да го водам HR тимот во глобални рамки. Со голема доверба од страна на сопственикот во Копенхаген, воедно ја извршувам и улогата на управител на македонските канцеларии, улога која за мене беше уште една потврда на целокупниот труд и посветеност, но и заложба за уште поголема посветеност од моја страна во успешното водење на канцелариите.
Исклучително сум горда на тимот што го имаме, и на национално и на интернационално ниво. Глобалното Цилиндо семејство брои 126 луѓе во моментов и енергијата што луѓето ја имаат и вложуваат, посветеноста што секој еден од нас ја демонстрира и резултатите кои успеваме од година во година да ги постигнеме се само дополнителен мотив за сите идни предизвици.
Изминатите 10 години искуство и соочување со секојдневни предизвици, можам слободно да кажам дека не би ги менувала со ништо на светот и сум им неизмерно благодарна на сите кои во текот на овие 10 години ми помогнале, ме научиле, ме посоветувале, ме критикувале или ми биле пример од кој сум учела.
Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?
Годината што измина беше една посебна година и година која на HR професионалците им беше навистина тешка. Иако сите досегашни постигнувања ми се мили и драги, сметам, со цела скромност, да дадам посебен акцент особено на минатата година и на ултра брзата адаптација на новата реалност. Тоа значеше многу прилагодувања, безброј разговори и откривање на потенцијални дополнителни проблеми, справување со здравствената криза како дел од секојдневието, но воедно и посветеност да се задржи добрата енергија и тимски дух. Ова не е мое достигнување, ова е достигнување на 126 луѓе и сметам дека заслужува посебно место на пиедесталот. Што се однесува до подеталните достигнувања од областа на човечките ресурси, би можела да набројувам доста, но лично мене ми се омилени проектите кои значат трансформација и кои оставаат голема трага и позитивна промена во организацијата. HR-от го доживувам како стратешки партнер на бизнисот и компанијата и сите проекти кои го имаат ова како крајна цел се исклучително важни и значајни, како за компанијата, така и за тој што е носител на овие проекти. Верувам дека сите HR професионалци ќе се согласат со мене.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
Кариерата во Човечки ресурси е предизвик, без оглед на индустријата во која сте дел. Се започнува од разбирање на индустријата, разбирање на бизнисот, разбирање на профилите и најважно разбирање на луѓето, нивните потреби и нивните аспирации. Дополнително, бара знаење на законските регулативи, финансиите, трошоците и оптимизација на истите. Се на се, HR-от е еден комплексен мозаик, а тој што сака успешно да го спои овој мозаик треба да биде подготвен за многу работа, многу учење, многу зрелост и мудрост и подготвеност на носење и тешки одлуки. Сите денови се различни, сите луѓе се различни, сите околности се различни, но HR-от треба да биде онаа стабилна, објективна нишка од процесот која ќе овозможи лесно и брзо прилагодување и насочување. Порака до сите кои размислуваат за кариера во менаџментот на човечки ресурси “Имајте многу трпение, имајте многу волја и мотив, наоѓајте го позитивното во секоја ситуација, фокусирајте се на решенија, а не на проблеми и бидете примерот во компанијата.”
Што мислите за порталот 24HR?
Порталот 24HR.MK е вистинско освежување од доменот на Човечките ресурси. На сите HR професионалци им е потребен еден медиум каде ќе можат да прочитаат искуства, колумни, истражувања, да научат нови примери кои подоцна ќе им бидат база за имплементирање на слични примери во нивните компании. Поврзувањето на професионалците од еден домен е несомнено своевиден рецепт за успешноста на истиот тој домен во нашата економија. Посакувам уште поголема успешност на порталот и воедно искажувам благодарност за можноста за претставување и споделување знаења и идеи.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.