Сега е вистинско време да се збогуваме со 8-часовниот работен ден

од 24HR

Во свет кој полека се прилагодува на постпандемскиот начин на живот, многумина од нас размислуваат за „новото нормално“. Но, што значи тоа кога станува збор за начинот на работа?

Изминатите неколку месеци човештвото беше втурнато во еден голем социјален експеримент. Повеќе луѓе од кога било претходно работат од дома, користат алатки како Zoom за да се поврзат меѓусебно и се навикнуваат на тоа да не бидат цело време во канцеларија.

Сепак, кога ќе ги надминеме практичните пречки кои ги носи со себе „новото нормално“, потребно е да одговориме на едно подлабоко прашање: Како треба да изгледа типичниот работен ден сега кога нема потреба од патување до работното место, нема работно време од 9 од 5 и не сме во канцеларии со отворен концепт?

„Сите податоци, трендови и истражувања во целиот свет (пред и за време на пандемијата) говорат едно: Новиот нормален работен ден треба да биде многу пократок“, вели Џори Мекеј од RescueTime – платформа за попродуктивно управување со времето.

Зошто 8-часовниот работен ден не треба да биде дел од „новото нормално“

Пред пандемијата, секој од нас беше навикнат да работи по 8 часа (дури и повеќе) на ден. Но, во новата нормална состојба, таа осумчасовна структура треба да биде првото нешто што треба да се поправи.

„Три до четири часа континуирана, непречена и длабока работа дневно е сè што е потребно за да се забележи трансформациска промена во нашата продуктивност и животи“, вели Кал Њупорт, автор на бестселерот Deep Work: Rules for Focused Success in a Distracted World.

И еве зошто е тоа така:

Скоро никој не „работи“ 8 часа на ден

Не е важно колку време поминувате во канцеларија, туку колку трае вашата ефикасна работа. Секој од нас ќе се сложи дека тоа време не е ниту приближно до 8 часа.

Податоците и анкетите откриваат дека современиот работник е вистински продуктивен саммо 2 часа и 50 минути на ден.

Но, што е со останатите пет часа? Тие се потрошени на непродуктивни активности како што се читање на вести или трошење време на социјалните мрежи, чести паузи, неефикасен мултитаскинг или бескрајни состаноци.

Квалитетот на работата (и задоволството) нагло опаѓа по одреден број на работни часови

Дури и ако се обидете да работите повеќе за да ги надоместите изгубените часови, вашата продуктивност ќе наиде на ѕид.

Според истражувањето на Универзитетот Стенфорд, аутпутот и креативноста нагло опаѓаат по 50 работни часови во една недела, и тоа станува полошо колку повеќе работите. Всушност, луѓето кои имаат 70-часовна работна недела веројатно нема да произведат ништо во текот на овие 15-20 дополнителни часови.

Нашиот фокус е ограничен на блокови од 20-90 минути

Проблемот со долгите работни денови не е само во тоа што трошиме премногу време на работа, туку во тоа што се обидуваме целото тоа време да бидеме продуктивни.

Човековиот мозок е повеќе мускул, отколку компјутер. Не може да ги вчита сите задачи без да му дадете паузи и соодветно време за опоравување.

Истражувањата покажуваат дека вниманието започнува значително да се намалува после 20 минути, додека на повеќето лица им е неопходна пауза на секои 50-90 минути. Научниците ова го поврзуваат со сознанието дека човековиот мозок поминува низ нешто што се нарекува ултрадијален ритам на секои 90 минути.

Скратеното работно време е поврзано со подобри резултати, зголемена креативност и подобро здравје

Идејата е дека можете да скратите неколку работни часови во денот и сепак да ги запазите роковите, да дадете значителен придонес и да останете поврзани со тимот.

Уште подобро, докажано е дека скратеното работно време – без разлика дали се работи за четиридневна работна недела или пократко работно време – ја зголемува продуктивноста, инспирира креативни идеи и ги одржува вработените позадоволни и поздрави.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...