Маја Штерјовски е нашата HR инспирација за оваа недела. Таа е вистински пример за тоа кога велиме дека доколку сте истрајни во работата што ја сакате, успехот ќе си дојде сам по себе. Во рубриката „Љубов кон HR“ ќе ни раскаже за своите почетоци и љубовта кон човечките ресурси, предизвиците кои ги наметна Ковид-19 врз секторот малопродажба и како нејзината компанија Рамстор Македонија ги стави здравјето и благосостојбата на вработените на врвот на приоритетите во изминатите неколку месеци.
Маја Штерјовски е Одговорна за Индустриски односи и Офицер за заштита на лични податоци во Рамсторе Македонија. Поточно, ги води процесите во однос на реализирање на сите права на вработените и исплата на нивната плата, додатоци и бонуси, и систем за наградување на вработените.
Поседува меѓународно работно искуство за работа со луѓе и водење на тим, а како словенечки стипендист има завршено Филозовски факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – отсек Социологија. Во моментов, во тек се нејзините магистерски студии МБА на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а освен формалното образование, има учествувано на многу обуки, со што се стекнува со соодветни компетенции за водење и работа со луѓе.
Нестрпливи да ја слушнеме целата приказна, ја прашавме Маја што е тоа што ја натера да се вљуби во HR-от како професија?
Од секогаш сум сакала да работам со луѓе. По природа сум и тимски играч. Сама не би можела да се замислам. Поради тоа имам потреба секогаш да бидам опкружена со луѓе.
Токму затоа и се запишав на Филозофскиот факултет и студирав Социологија, со цел да ги разберам луѓето и општеството подобро.
Првото работно искуство го стекнав во Словенија водејќи тим од 15 луѓе, координирајќи и организирајќи ги. Не работев HR, меѓутоа од тогаш сфатив дека тоа е мојата цел, мојата определба.
Работното искуство во HR го стекнав тука во Рамсторе. Од 2009 почнав да се искачувам по скалилата на сите нивоа на HR, го развивав овој оддел, се развивав и себе си, од HR асистент, регрутер, БЗР, организирање обуки и тренинзи за вработените, правење на анализи и сл. Сега гордо можам да кажам дека успешно и посветено го водам својот дел, бидејќи HR е едно море од можности. И секој ден од ново се вљубувам во оваа професија.
Како изгледа еден вообичаен работен ден како Одговорна за ИР во Рамстор и што е тоа што најмногу ви се допаѓа во вашата работа?
HR професијата е динамична, професија полна со предизвици што комплетно се вклопува на мојот карактер. Ниту еден ден не е ист како претходниот. Да, постојат и тековни работи, меѓутоа секогаш има нов и нов предизвик. Таков предизвик е и пандемијата која не затекна сите.
За да бидеш успешен во HR, потребно е да си и кративен, да имаш способност за кризен менаџмент, да донесуваш брзи и правилни одлуки. Во компанија како што е Рамсторе со 725 вработени не е можно да е ист секој работен ден. Секогаш имам план за работа, ама во денот се случуваат други работи непланирани, што на секој работен ден му даваат поинаков тек. Токму таа динамичност ме држи тука каде што сум.
Во изминативе неколку месеци се соочуваме со пандемија на Ковид-19. Како Рамстор се справи со тој предизвик и како течеше прилагодувањето на „новото нормално“?
Глобалната пандемија „Ковид-19“ донесе сериозни ментални, физички и финансиски компликации насекаде, па и кај нас.
Оваа пандемија како и целиот свет ја дочекавме неспремни и со неверување. Не ни можевме да бидеме спремни! Таму некаде во Вухан, Кина далеку од нас се случува нешто и никој не очекуваше дека состојбата од Вухан ќе се рашири и ќе го зафати целиот свет. Кога ситуацијата ја зафати и нашата земја, ние во Рамсторе се соочивме со низа HR предизвици.
Прва беше комуникацијата. Со постојана промена на информациите од владата и здравствените власти, се носеа Уредби со законска сила и препораки буквално од денес за утре. Ние требаше побрзо да комуницираат со своите вработени, бидејќи тие реагираат на промените уште побрзо. Поради тоа сите информации мораа да патуваат многу побрзо и да стигнат до крајните корисници, вработените во маркетите. Вработените во маркетите беа обележани како херои зад касите. Но, стравот кај нив беше повеќе од забележителен. Затоа нашиот нареден предизвик беше да го одржиме моралот и мотивацијата кај нашите вработени да останат на работните места и да продолжат со работа во првите борбени линии. Давањето навремени и точни информации на вработените и постојаното покажување дека се ценети помогна во олеснување на чувството на изолација и вознемиреност и да се обезбеди вработените да останат ангажирани и продуктивни.
Друго што требаше да им се овозможи на вработените е да работат од дома. Ние бевме технолошки спремни и претходно. 70% од компанијата веќе беше спремна да работи од дома. Потребно беше да се дообезбеди опрема (лаптоп) за вработените кои што можат да ги извршуваат работите од дома, но тие беа само мал дел и се се организираше за многу брзо време. Ова беше голема промена на компаниската култура за нас што буквално се случи преку ноќ и иако организиациски и технички бевме спремни. Сега веќе успешно си ги завршуваме нашите задачи од дома.
Следен предизвик е довербата која што е основен елемент за работа од дома. Како ќе им веруваме на луѓето кои работат од дома дека ќе си ја завршат работата до крај и процесите ќе функционираат.
Преку секојдневните разговори за тоа што се приоритетите за работата на тимот, разговор за можните пречки при извршувањето на работата од дома се зголемуваше и меѓусебната доверба. Досега не сме имале проблеми при извршувањето на работните задачи од дома, ниту на тимот, ниту на некој поединец од тимот, а менаџерите и директорите ја олесуваат и овозможуваат честата и искрена комуникација од и до вработените. Морам да нагласам дека комуникацијата во ова време се зголеми помеѓу вработените. Почнаа сите повеќе да соработуваат, да се сплотуваат. Ова може да се гледа како клучен момент за градење на нашата нова компаниска култура и носи ново променето однесување. Сега сé се одвива преку различни онлине платформи. И ова станува наше секојдневие за завршување на нашите работни обврски.
Освен медицинските работници, оваа криза како херои ги издвои и вработените во маркетите. Мои мерки ги презедовте за да го заштитите здравјето на вработените и потрошувачите?
Во време на криза, како што е оваа што во моментот ја доживуваме, HR е тука да ги усогласи мисијата, вредностите и влијанието во општеството на Рамстор со ставање во фокус на благосостојбата на нашиот персонал. Со воведување на деловна стратегија за тоа како луѓето можат да останат психолошки стабилни успешно го поминуваме овој период и пополека се навикнуваме на новото нормално.
Клучно за нас е во моментов да промовираме клима на смиреност, а истовремено раководството се ангажира да одговори со навремена, точна, потврдна, јасна и конзистентна комуникација од сите нивоа на организацијата. Покрај тоа, нашата комуникација е искрена, отворена и што е можно по транспарентна. Пристапот што го поставуваме секогаш е пристап кој е поттикнат од емпатија и разбирање на различните влијанија кои вработените ги имаат како и задоволување на нивните потреби, физички и ментални. Покрај неопходната опрема за заштита, дезинфекциски средства, зачестено дезинфицирање на површините, маски, визири, ракавици, за нашиот персонал обезбедивме на дневно ниво овошје богато со витамини за градење и одржување на нивниот имунитет. Бидејќи персоналот е наше највредно богатство и треба да гледаме на нашата мисија и на нашите вработени подеднакво. Се разбира дека нашите вработени се чуствуваат како херои, а Рамстор како компанија обезбеди уникатен начин лично да им се заблагодари на хероите зад касите, како што ги нарекоа медиумите, но не смееме да ги заборавиме и сите други вработени во маркетите. Како Рамсторе се заблагодари можете да погледнете во следното видео:
Дали сметате дека начинот на кој компаниите комуницираа и одговорија на оваа криза ќе влијае врз нивниот бренд на работодавач во периодот што следува?
И тоа многу. Сега во ова време на несигурност и паника од непознатото, најлесно се губи и кредибилитетот. Затоа Рамсторе со своите вработени комуницира на транспарентен, достапен, јасен, конзистентен начин.
Никој со сигурност не може да каже колку ќе трае оваа ситуација. Тоа дополнително допринесува нашиот страв да се зголеми. Периодот кој следува е многу битен за нас. Не смееме во ниту еден момент да ги запоставиме нашите вработени. Но, од друга страна не смееме да ги запоставиме и нашите купувачи.
Затоа ние како компанија Рамсторе наскоро почнуваме со online продажба. Тука сме за вработените, тука сме и за купувачите. Ќе одговориме на нивните потреби на најсоодветен начин.
До сега докажавме дека сме бренд на кој може да му се верува, продолжуваме и понатаму да го градиме нашиот бренд врз меѓусебна доверба. Нашите иновации допрва ќе следуваат. Сега во ова време само се разбудува нашата креативност. Се надевам и другите компании ќе го следат трендот на Рамсторе и во комуникацијата со своите вработени и со своите клиенти ќе воведат иновативност.
Дали очекувате трајни последици од Ковид-19 врз начинот на работа во вашата индустрија и дали веќе подготвувате сценарио за тоа?
Човечките ресурси во малопродажбата се соочуваат со многу предизвици, помагајќи им на луѓето и организациите да работат во групи, а доколку има итна потреба да се префрлат на работа од дома. Од друга страна дел од вработените заради користење на владините мерки се ослободени од работни обврски се со цел за да ги заштити нивното здравје. Но, од друга страна се соошуваме со намален број на вработени на терен. Затоа сега треба брзо да се носат одлуки за менување на работните смени, во исто време да продолжи еднакво грижата кон клиентите и да се воспостави деловен континуитет. Стручноста на HR за развој на агилни стратегии за работна сила е клучна за одржување на глобалната економија, помагањето на луѓето и нивните семејства да преживеат финансиски сега и во иднина.
Да станете интелигентно претпријатие кое донесувањето на одлуките ќе треба, наместо од горе-надолу, да им се овозможи на тимовите. Истите пак ќе треба да бидат водени од конкретни цели, да им се овозможи пристап кон податоци, технолошки да бидат поткрепени за да можат брзо да одговорат на потребите на пазарот. Да се создадат цврсти структури и организација која нема да биде порозна и да се распадне. Интелигентната компанија треба да биде има динамично самоуправување и да биде брзо прилагодлива, изградена на агилност, еластичност и раст.
Што мислите за порталот 24HR?
Прво ја поздравувам реализацијата на еден ваков портал. Ви благодарам на поканата. Чест и задоволство ми е да бидам дел од ваков проект.
Ви посакувам долгогодишно постоење и раст на нашиот пазар, но ви посакувам и интернационален успех. Само напред!
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.