Човечките ресурси бараат смелост, иновативност и емпатија

од 24HR

Интервју со Ставрос Георгакопулос, Директор на сектор за човечки ресурси во Македонски Телеком

Кажете ни кој е Ставрос Георгакопулос?

Очигледно, според моето име, јас сум Грк, од Атина, когошто животниот пат го доведе до прекрасната земја С. Македонија, приватно и професионално. По вокација сум нуклеарен физичар кој нашол начин ова знаење успешно да го примени во науката за човечки ресурси, во која ја градам својата професионална кариера повеќе од 15 години. Изминатите 10 години ме дефинираат како лидер на ЧР кој ја води промената во организациите во согласност со актуелната дигитална трансформација за која сметам дека е новата социјална револуција и за која самиот сум многу страстен поборник.

Во приватниот живот сум семеен човек и татко на 4 деца со кои се гордеам и кои ме мотивираат да се стремам кон повеќе. Се преселив во Скопје пред речиси 2 години и уживам во животот овде. Пред 6 месеци се приклучив на одличниот тим на Македонски Телеком. Ми претставува привилегија да работам со одлични професионалци кои се стремат кон најдоброто. Заедно со мојот тим во ЧР, имаме за цел да ѝ помогнеме на организацијата да се трансформира за да може најдобро да одговори на барањата на корисниците во новото дигитално време.

Што беше пресудно да се вљубите во човечките ресурси?

Бидејќи доаѓам од полето на науката, тоа ми овозможува подлабоко да го разберам односот помеѓу причините и последиците, корелацијата на организацијата со сите вериги потребни за функционирање на бизнисот, вклучувајќи ја и најважната – луѓето.  

Кога станува збор за човечките ресурси, активностите кои ги преземаат овие професионалци и бизнис лидерите можат да имаат длабоко влијание и врз поединецот и врз компанијата. Токму ова влијание што управувањето со човечки ресурси го има врз деловните резултати е она што ме фасцинира и ме води понатаму да ја развивам оваа област. Справувањето со овој ЧР процес на причини и последици на што е можно поуспешен начин – притоа водејќи ги неопходните промени и постигнувајќи ги стратешките корпоративни цели – го сметам за предизвик во кој вреди да се вложат сите напори. Тој станува дури уште поголем денес, во ерата на дигитална трансформација, а особено во телекомуникациската индустрија каде што промените се водени од брзото темпо на технологијата.

Од каде почнавте и како изгледаше патот на вашата кариера?

Кариерата ја започнав во ЧР како консултант за наградување во групацијата Hay (сега Korn Ferry) во атинското претставништво во Грција. За време на мојот ангажман во Hаy, имав можност да работам на стратегиите и практиките за надоместоци и бенефиции на неколку компании од повеќе индустрии. Потоа се префрлив во банкарскиот сектор и во EFG Eurobank работев како специјалист за надоместоци, а потоа дојдов и на мојата прва менаџерска позиција во COSMOTE Telecommunications, каде што бев одговорен за надоместоци, бенефиции и организациски развој. По кратко време, добив понуда за водечката функција во ЧР на групацијата Sarantis, грчка мултинационална компанија која работи во индустриите за стоки за широка потрошувачка (FMCG) и козметика. 

Мојот последен ангажман пред да се преселам во Македонија беше позицијата деловен партнер за ЧР за комерцијални активности во ОТЕ, главниот давател на телекомуникациски услуги во Грција и член на големата групација Дојче Телеком, чијшто дел е и Македонски Телеком.  

Имав привилегија да работам во различни индустрии што ми дава многу добар увид во работите и сметам дека моето целокупно претходно искуство е навистина вредно. Кога градите кариера, секој чекор, секој предизвик што го преземате со голем интерес и отвореност за учење и раст, е повеќе од добредојден. Сега јасно можам да кажам дека сите моите професионални чекори ме доведоа до тоа да имплементирам стратешки пристап за холистичко управување со човечки ресурси во организациите, сѐ со цел да се подобрат компетенциите и резултатите на поединецот и на тимот, а со тоа да се постигнат и најдобри резултати во работењето.

Кое е вашето најголемо достигнување на полето на ЧР?

Има повеќе проекти и иницијативи што сум ги презел и завршил како главен двигател на промената, но и како член на поголем тим за ЧР. Не би можел да издвојам еден од нив, бидејќи сите беа важни и влијаеја на различни начини на различни групи луѓе. Само ќе напоменам неколку, а дефинитивно, би го посочил оној во областа на телекомуникациите, Академската програма на GERMANOS. Основавме центар за развој на вработените во мрежата на франшизи (вработени кај нашите партнери), кој на најдобрите им отвори можност за развој на кариерата во OTE групацијата на компании, како и интеграција на функцијата за кориснички услуги на OTEPlus во рамките на услугите на контакт центарот на COSMOTE E-VALUE, со што го создадовме еден од најголемите даватели на кориснички услуги во Грција. Друга иницијатива би била тековната поддршка за деловната единица COSMOTE TV, при што од сектор со 24 вработени прерасна во целосен бизнис со над 300 вработени, со сопствени студија за продукција и емитување.

Што би им рекле на луѓето кои размислуваат за кариера во ЧР?

Деновите во кои ЧР беа главно фокусирани на извршување административни задачи се минато. Во моментов, ЧР се позиционирани како деловен партнер веднаш до линискиот менаџер и обезбедуваат непроценливи услуги за најважниот сегмент од секоја компанија, нејзините човечки ресурси.

За да бидете на првата линија и да направите разлика треба да го разбирате бизнисот и влоговите во него, да бидете храбри во преземањето на неопходните чекори и активности за да се осигури одржливост на организацијата, да бидете смели и иновативни за да понудите креативни решенија и најмногу од сè да бидете емпатични за да ги разберете луѓето, нивните потреби и аспирации и да најдете начин тие да бидат исполнети. Позицијата на ЧР е исклучително важна и во конкретни ситуации на кризи во организациите како што е пандемијата со ковид-19 со која сите се соочуваме. Професионалците во ЧР имаат голема улога во водењето на организацијата и во грижата за луѓето, во спроведувањето на сите неопходни мерки за заштита и помош за организацијата да ја извршува својата работа.

Нели е ова опис на работно место со доволно предизвици за кого било?

Што мислите за нашиот портал 24HR?

Иако сè уште не го говорам одлично македонскиот јазик, јас ги поздравувам сите напори и секоја форма на развој на ЧР овде. Сметам дека медиумите се клучни за популаризација и раст на оваа дисциплина и затоа мислам дека порталот што покрива вакви теми е одличен. Ќе ви биде од голема полза ако најдете читатели во повеќе организации, било да се мали или големи. ЧР не е нешто што е инклузивно само за големите компании, туку тоа е дисциплина која може да биде корисна за сите кои се стремат кон одлични резултати и позитивно работење. Продолжете да создавате содржини поврзани со ЧР и едуцирајте ги вашите читатели во областа на човечките ресурси.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...