4 од 10 луѓе сметаат дека нивната работа ќе застари за 5 години

од 24HR

Речиси 40 проценти од вработените кои беа опфатени во извештајот “Надежи и стравови 2021” на консултантската компанија PwC сметаат дека нивната работа ќе застари во рок од пет години, додека 6 од 10 вработени се загрижени дека машините ќе ги преземат нивните работни места.

Луѓето и машините до 2025 ќе трошат еднакво време за извршување на работните задачи, предвидува Светскиот економски форум. После една исклучително неизвесна година којашто имаше огромно влијание врз светот на работата и во која 114 милиони луѓе останаа без работа, половина од вработените сè уште се чувствуваат возбудено или самоуверено за иднината.

Но, шест од 10 вработени се загрижени дека автоматизацијата ќе стави на ризик голем број работни места и 39% сметаат дека нивната работа ќе застари во рок од пет години.

Поголемиот дел од луѓето (77%) се подготвени да научат нови вештини или целосно да се преквалификуваат, а 40% од работниците успеале да ги подобрат своите дигитални вештини за време на пандемијата.

Ова се клучните заклучоци од „Надежи и стравови 2021“, истражување спроведено на повеќе од 32.000 вработени во 19 земји од страна на компанијата за консултантски услуги PwC, според кое вработените повеќе преферираат дигитални вештини, поинклузивни работни места и поголема флексибилност.

Неколку клучни аспекти

Истражувањето се осврна и на тоа како луѓето се чувствуваат во врска со сигурноста на работата, диверзитетот и инклузијата, учењето на нови вештини, далечинското работење и работењето за организација управувана од цели.

Половина од анкетираните вработени изјавиле дека се соочиле со дискриминација на работното место поврзана со нивната етничка припадност, пол, класа или возраст што довело до тоа да пропуштат можност за кариерен напредок или тренинг.

„Ако моменталните модели на пристап до обука продолжат да важат, зголемувањето на квалификациите ќе ја зголеми социјалната нееднаквост кога треба да го направи токму спротивното“, вели Бхушан Сети, глобален лидер за HR и организациски практики во PwC.

И покрај тоа што не секој можеше да работи од дома за време на пандемијата, истражувањето покажа дека скоро три четвртини од вработените кои можат да работат од далечина преферираат микс на далечинско и канцелариско работење. Само 9% рекле дека сакаат да се вратат во своето традиционално работно опкружување со полно работно време.

PwC очекува канцелариите во иднина да бидат повеќе фокусирани на простори каде што тимовите ќе се здружат за да креираат идеи, да соработуваат и да решаваат проблеми.

Иднината на работните места

Ковид-19 ги ​​чинеше работниците 3,7 трилиони американски долари на глобално ниво бидејќи работното време се намали за скоро 9% во последните три месеци од 2020 година, во споредба со 2019 година.

Влијанието на пандемијата врз работните места е детално истражено во Извештајот за иднината на работните места на Светскиот економски форум за 2020 година.

Во него, откриено е дека автоматизацијата, заедно со рецесијата поради Ковид-19, создава сценарио за „двојно нарушување“ за вработените, со забрзување на пенетрацијата на технологијата во некои области.

„До 2025 година, времето поминато на тековни работни задачи за луѓето и машините ќе биде еднакво“, се вели во него.

Извештајот проценува дека 85 милиони работни места може да исчезнат со промена на поделбата на трудот меѓу луѓето и машините, додека 97 милиони нови работни места може да се родат.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...