За прв пат од 2010 година и втор пат досега, жените се побројни од мажите на платниот список во САД, држејќи 50,4% од работните места во земјата.
Тоа го потврди извештајот на Министерството за труд кој обелодени дека дури деведесет и пет проценти од новите 145.000 работни места креирани во декември 2019 година им припаднале на жени.
Жените сега, по втор пат во историјата, поседуваат нешто повеќе од половина од сите работни места во САД. Првиот пат беше пред околу 10 години за време на Големата Рецесија кога бранот на отпуштања поинтензивно ги погоди машките работници. Тој период доби дури и име и беше наречен „Манцесија“.
За разлика од претходно, она што би можело да биде поинаку овој пат е тоа што се очекува женската доминација во поглед на поседување на работните места да продолжи.
Економистката Бетси Стивенсон која беше дел од администрацијата на Обава вели дека нивниот удел со сигурност ќе продолжи да биде над 50% и во следните 12 месеци.
Порастот на бројот на жени на платните списоци во компаниите во САД претставува одраз на долготрајната еволуција на стопанството од индустрии во кои доминираше машкиот пол, како што е производството, кон услужната страна на економијата, каде што жените имаат предност.
„Тоа во моментов се случува во САД. Ние сме економија која се базира на услужниот сектор, а тој има навистина широк спектар. Не станува збор само за послужување кафе или грижа за деца, иако и тоа е голем бизнис во нашата земја“, вели Стивенсон.
Инаку, жените во САД поседуваат дури 77% од работните места во здравството и образованието – брзорастечки индустрии кои го засенуваат целокупниот сектор на производство и трговија во земјата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.