ТРИВИТИ:ВИЗИЈА ЗА ИДНИНАТА НА HR–ИНТЕРВЈУ СО ПОЛИКАРП АРСЕНОВСКИ ЗА ИНОВАЦИИТЕ И ЧОВЕЧКИОТ ФОКУС ВО РЕГРУТАЦИЈАТА

од 24HR

Во светот на човечките ресурси, каде што технологијата, иновациите и потребите на работниот пазар брзо се менуваат, Тривити се издвојува како агенција за регрутирање која го редефинира начинот на кој компаниите управуваат со своите тимови и ресурси.

Поликарп Арсеновски, сопственик на Тривити е визионер кој со својот тим создава напредни решенија за управување со компетенции, продуктивност и регрутација со цел да поттикне конкурентен и транспарентен пазар на труд во Македонија. Со вредности како „Луѓето пред сè“, посветеност на баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, Тривити го поставува човечкиот фактор во центарот на својот пристап.

Во ова интервју со Поликарп разговараме за тоа како Тривити ги поддржува компаниите и поединците во нивниот развој, како и новите трендови во управувањето со човечки ресурси, потребата за постојано учење и адаптација, некои инспиративни моменти од патот на создавање на Тривити – приказни кои сведочат за важноста на иновативноста и визијата во градење на успех.

Тривити од 2020 година се позиционира како агенција за регрутирање која во својата компонента вклучува и софтверско решение кое ги спојува луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат. Што ве инспирираше да ја создадете оваа агенција?

Луѓето пред сé! Нашата инспирација се луѓето, а тоа подразбира дека секој  заслужува добра работа.

Целта ни е да ги поддржиме луѓето во процесот на барање (или промена) на работа, но од една поинаква перспектива. Барањето работа знае да биде стресен процес, а тоа што ние се обидуваме да направиме е да им го поедноставиме, да им го направиме удобен и со наша поддршка да се чувствуваат достоинствено.

Од друга страна тука се нашите клиенти. Следејќи ги нивните потреби, споделувајќи го нашето искуство, преку уникатна методологија која ја користиме во процесот на регрутација, поставуваме заедничка цел, да ги привлечеме вистинските кандидати навремено, да ги задржиме најдобрите вработени во нивната организација  и да ја позиционираме и промовираме компанијата како посакувано место за работа за кандидатите. Во суштина ние сме или сакаме да бидеме нивниот партнер за вработување. Ние сме еднакво посветени на двете страни. Како доверлив партнер, на луѓето им нудиме можности да работат во организации каде што тие би сакале да се приклучат, да останат и да се развиваат професионално, а во исто време посветено работиме кон нашите клиенти во обезбедувањето на вистински кандидати, промовирајќи ја компанијата како посакувано место за работа, штедејќи им време и пари со највисок квалитет на услуга.

Мисијата на Тривити е да создаде транспарентен и конкурентен пазар на труд. Кои се главните предизвици со кои се среќавате при обидот да ја остварите оваа мисија, и како се справувате со нив?

Нашиот најголем предизвик е нивото на развој на организациите во областа на управување со човечки капитал и Employer Branding. И тоа е природно, имајќи во предвид дека ние сме релативно млади како општество во отворената пазарната економија, laissez-faire економија.

Нашиот пристап кон секој клиент е во правец на преземање улога на консултант за вработување, што подразбира дека целото наше знаење и искуство во областа на управување со човечки капитал несебично го ставаме на располагање на клиентот. Ги инспирираме клиентите да креираат компаниска култура и структуриран пристап во водењето на организацијата,  а особено во поставувањето на моделите на плати и бенефиции, развојни програми за вработените, програми за мотивираност, ангажираност и благосостојба, воопшто да размислуваат за својот бренд од перспектива на работодавач и како на вработените да им понудат уникатно искуство на работното место. Битката за таленти како терминологија е позната веќе 20 години, а сметам дека сé уште не го достигнала пикот, таа се продлабочува, денес е истовремено и битка за број на луѓе и таленти истовремено. Би сакал да истакнам дека нашите компании во Македонија се повеќе покажуваат интерес од оваа област и убеден сум дека нашата мисија и во иднина ќе продолжи да ги инспирира раководителите и сопствениците да креираат култура на организации и работни места каде луѓето ќе сакаат да се вклучат.

Тривити промовира вредности како „Луѓето пред сè“, „Без его трип“, „Баланс помеѓу приватниот живот и работата“, итн. Ако се осврнете на минатите години од постоењето на Тривити дали овие вредности дадоа конкретни резултати? Какви резултати постигнавте со нив и дали тие влијаеја врз односите со клиентите и партнерите?

Водејќи се од нашите вредности, компаниска култура на Тривити во фокус ги има луѓето и нивното искуство на работното место. Тоа е нашиот резултат, тоа го живееме и тоа нè прави она што сме. Отворена комуникација, флексибилно работно време, работа од дома, иновативност, слобода во донесување одлуки и лична одговорност, тоа се само некои од основните атрибути од културата во нашата организација, а  истовремено секој од нас е и амбасадор на овие вредности.

Овој пристап на делување го применуваме во нашата работа со клиентите, лицата на кои им наоѓаме добра работа, а на компаниите за кои сме нивниот посакуван, доверлив консултант за вработување и управување со човечки капитал. Од економска перспектива, нашиот пристап во работењето покажа личен развој на секој член на тимот низ годините, а со тоа следува и сè поголем број задоволни клиенти (компании и лица кои се вработиле), клиенти со кои имаме повеќегодишна соработка, двоцифрен раст од година во година, 95% First-year attrition, 92% Candidate experience, препознатливост на брендот… Тоа е потврда за посветеноста, но и моќта на вредностите за кои се залагаме секојдневно, а и инспирација да продолжиме натаму.

Во денешниот пазар на трудот кој е исклучително динамичен и менлив, кои клучни вештини и компетенции мислите дека се потребни за професионалниот развој на вработените, и како Тривити помага во нивното унапредување?

Без задршка број еден  е „Културата на континуирано учење.“ Свесноста дека „тоа што ме донело до тука, нема да ме однесе понатаму“. Живееме во свет на енормно брзи промени кои носат нови работни места или исти со променети потреби, вештини и компетенции па оттука и произлегува број два  „Агилност кон промени“. Понатаму следуваат „Личната одговорност (Accountability)“, „Донесувањето одлуки“, „Професионалната комуникација“ и „Свесност за општествена одговорност“. Ова наликува на топ листа, но без неа не ќе можеме да ја дочекаме иднината на пазарот на труд. 😊

Би сакал да го истакнам значењето на креирање на структурирана професионална биографија (CV) во процесот на барање работа иако не е вештина ниту компетенција. Нашите истражувања покажаа дека во најголем број случаи (61%), регрутерите не поминуваат повеќе од две минути во иницијално читање на CV-то по што донесуваат одлука дали ќе го повикаат кандидатот на разговор. Нашата поддршка кон луѓето кои бараат работа оди во два правци, технолошки нашиот софтвер (помеѓу другите функции) им помага на луѓето – ги води низ процесот од А до Ш како да креираат професионална биографија и дополнително нашата посветеност преку разговор да ги подготвиме за интервју пренесувајќи го нашето знаење и искуство, но и креирајќи пријатна атмосфера низ целиот процес со достоинство и почит кон луѓето.

Многу компании во Македонија сè уште се прилагодуваат на дигиталните решенија во HR секторот. Кои се вашите проценки и анализи околу дигитализацијата на HR процесите во македонските компании, го држиме ли чекорот со светските трендови или бавно се придвижуваме?

Не сакам да звучам негативно, но како и во сите други области, така и во HR секторот користењето на дигиталните решенија се далеку од глобалните трендови. Впрочем ако погледнете и направите анализа на продуктивноста на нашата економија одговорот се наметнува сам по себе, ние имаме едно од најниските нивоа на продуктивност по вработен.

Бројката на луѓе на пазарот на труд е сè помала а истовремено и бројката на квалификувани лица според потребите на бизнисите. Сметам дека имплементацијата и користењето на дигиталните решенија во оперативните процеси треба да биде една од стратешките цели на секоја организација ако сакаме да бидеме конкурентни и локално, а особено регионално или глобално.

Во контекст на претходното прашање во врска со дигитализацијата, кои се најголемите бенефити од користењето на Тривити кои ги истакнуваат корисниците и кои се најчестите предрасуди и митови со кои се среќавате?

Ќе почнам од предрасудите, отпорност кон промени.  „Вордовските“ документи или „templates“ за креирање на професионална биографија  или само подигнување оглас, ако зборуваме за компаниите се веќе минато. Постои софтвер во кој можете да креирате професионална биографија и истата едноставно да ја ажурирате кога сакате, а дополнително софтверот ви бара работа 24/7 ако вие сакате. Од друга страна компаниите корисници со неколку клика можат да подигнат оглас и со користење на нашите алатки за Recruitment Marketing можат да привлечат вистински кандидати во најкраток можен рок.

Нашите корисници кои го препознаа пристапот ќе кажам дека се изборија со предрасудите, се препуштија на трендот кој го носиме, а тоа е комбинација на користење на дигитални решенија со вклучен човечки фактор – професионален однос и емпатичност кон барателите на работа и компаниите.

За крај, што би им препорачале на младите професионалци кои штотуку го започнуваат својот пат во кариерата? Кои вештини и навики мислите дека ќе им помогнат да ги реализираат своите цели во иднината?

Ќе се вратам на одговорот погоре но несомнено се многу значајни, култура на континуирано учење. За жал како и во светот образовниот систем кај нас заостанува сериозно зад потребите на бизнисот што подразбира дека секој од

нас во континуитет треба да се залага за својот личен и професионален развој. Понатаму, лична одговорност (Accountability), преземање одговорност за својот живот, постапките и одлуките кои ги носат. Ние сме една од земјите во која младите најдолго остануваат да живеат со своите родители и тоа сериозно придонесува оваа компетенција да е на ниско ниво која потоа се рефлектира и на работното место и на перформансот на вработениот. Има една реплика која ја сакам вели „Она што го правиш денес, ти ја определува иднината утре“. 

И на крај, сонувајте на широко, поставете си високи цели, запишете ги, верувајте во нив и работете секој ден на себе и вашиот личен развој не заборавајќи на општествената одговорност која секој од нас ја има.  Уживајте го секој ден.  Нека зрачи од вас задоволството од она што го правите, нека биде тоа позитивна и продуктивна енергија, бидејќи тоа нѝ недостасува. Бидете среќни и весели и однесувајте се кон луѓето онака како што сакате вие, другите да се однесуваат кон вас.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...