Ментален конзумеризам

од 24HR

Колумна на Викторија Јордановска основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP)

За да напредуваме и да водиме исполнет живот, верувам дека треба да ја негуваме најважната врска во нашиот живот – онаа што ја имаме со самите себе! Затоа, мојата намера овде е да споделувам со вас работи, што се надевам дека ќе ви бидат корисни и ќе ве водат на вашето патување кон креирање на љубовен однос со себе и со другите, со цел да изградите живот што го посакувате.

Празниците завршија, а јануари речиси измина. Почна новата 2025 година. Надвор е студено и сиво поголемиот дел од времето… зима и зимување. Се вративме на работа, се вративме во реалноста, се вративме на старите шаблони… или, режимот „нова година, нов/а јас“ сè уште е валиден?

Да започнеме

Кога на моите обуки ќе го спомнам терминот „екологија“, многумина од учесниците се збунети какво значење има зборот во контекст на личниот развој. Во овој контекст, тој не се однесува само на екологизмот во традиционална смисла, туку го вклучува. „Екологија“ во овој контекст го зема предвид внатрешниот и системскиот баланс во нас и околу нас – како една целина. Тоа е пракса на испитување на секоја акција или одлука за да се осигурате дека е усогласена со добросостојбата на целиот „систем“ – меѓусебно поврзаните делови на нашиот живот.

Овие денови, додека возев велосипед низ Виена, една поинаква „екологија“ ми го привлече вниманието: на секој чекор никнува нов простор за складирање на лични работи. Ги имав забележано и порано, но овој пат информацијата ја обработив поинаку. Ни снемува простор – не само физички, туку и ментално! Собираме толку многу непотребни материјални работи што веќе немаме капацитет каде да ги чуваме, па затоа бизнисот со лични складишта цвета. Индустријата за само-складирање во САД генерира речиси 40 милијарди долари годишно, надминувајќи ги приходите на Холивуд. Овие простори, наменети за складирање на вишокот работи, се доказ за современиот проблем на консумеризмот. Толку многу акумулираме што нашите домови се пренатрупани, а складиштата станаа решение за овој модерен предизвик.

Зарем не се случува истото и со нашиот ум? Акумулираме толку многу информации – потребни и непотребни – па не е чудо што нашите мозоци се преоптоварени и „анксиозноста“ стана збор што секојдневно го слушаме.

Што се случува со внатрешната ментална пренатрупаност што ја носиме? Постои ли складиште и за тоа?

Менталниот консумеризам нè оштетува! Постојано консумираме информации, идеи или забавни содржини без да рефлектираме дали ни се потребни, корисни за некоја цел или да ги обработиме критички. Непрекинато впиваме содржини како вести, социјални медиуми, книги, подкасти, курсеви или видеа… за да пополниме некаков внатрешен празен простор. За жал, или за среќа – зависно од перспективата – ова не е начинот на кој се пополнува празнината што ја чувствуваме. Треба да се насочиме навнатре и да го започнеме процесот таму, имајќи ја екологијата на ум.

Прeд да продолжиме, неколку најави:

  • На 6 фебруари ќе одржам онлајн работилница за поставување и остварување цели, или „исходи“, како што ги нарекуваме во НЛП. Билетите и повеќе информации се достапни тука.
  • Две НЛП групи ќе го започнат своето патување во 2025 година, една во Скопје и една во Виена. Работам со мали групи и внимателно ги избирам учесниците. Доколку сакате да бидете дел од мојата трансформациска програма, НЛП Практичар и да ја создадете личноста што сакате да бидете, аплицирајте на листата на чекање и ќе ви се јавам. На сликата подолу можете да видите дел од атмосферата на обуката.

Ајде сега да продолжиме…

Консумеризам наспроти Внатрешна екологија

Во суштина, нашата постојана желба да акумулираме материјални работи или информации ја одразува неусогласеноста во нашата внатрешна екологија. Се обидуваме да ги пополниме празнините со надворешни решенија, игнорирајќи го фактот дека вистинското задоволство доаѓа одвнатре. Тука станува клучен концептот на „внатрешна екологија“.

Проверката на „екологијата на твојот систем“ бара од тебе да застанеш и да се запрашаш:

  • Дали оваа одлука ја поддржува мојата долгорочна благосостојба?
  • Дали ќе донесе хармонија во моите односи, здравје и емоционална состојба?
  • Дали е усогласена со моите подлабоки вредности и цели?

Кога ќе запреме да размислиме за овие прашања, често сфаќаме дека она што навистина го бараме не може да се купи или складира. Тоа го наоѓаме во поврзаноста со луѓето, животот со намера и самосвест.

На моите обуки, кога работиме на резултати и цели, ги канам учесниците да одговорат на следниве прашања:

  • Дали некој дел од твојот систем се противи на исходот што сакаш да го постигнеш?
  • Дали постигнувањето на оваа цел ќе наштети на некој дел од тебе?
  • Дали оваа цел е корисна за сите делови од твојот систем?
  • Дали оваа одлука ќе биде корисна за поголемиот систем на твоето ментално, емоционално и социјално здравје?
  • Дали твојот систем ќе те поддржи на патот кон остварување на целта?

Ова значи дека со секоја акција што ја преземаш, ја проверуваш екологијата на системот. На овој начин ги отстрануваш внатрешните или надворешните саботери. Полесно стигнуваш до тоа што ти треба кога целиот твој систем те поддржува!

Што можеме да направиме?

За да се справиме со консумеризмот  – и материјалниот и менталниот – треба да го редефинираме значењето на концептот на исполнетост. Ова започнува со пренасочување на фокусот од надворешно натрупување кон внатрешно развивање. Медитацијата, терапијата, водењето дневник или едноставното поминување време во природа може да ни помогнат да се поврземе со себеси и со нашите вредности. Преку овие практики, можеме да ги идентификуваме „празнините“ што се обидуваме да ги пополниме, и, да ги затвориме или пополниме на одржлив и здрав начин.

Практични психолошки совети за расчистување на умот и домот:

  • Започни го денот со „Дневно исфрлање“: Веднаш штом ќе се разбудиш, отвори нова страница во твојата тетратка и запиши што ти е на ум на 3 страници – што и да ти дојде, само пополни ги страниците. Дури и ако само пишуваш „Не знам што да пишувам“, не е важно. Само испиши 3 страници! Замисли ја тетратката како твој надворешен простор за складирање. Оваа практика ти овозможува да го започнеш денот со празен простор во твојот ум.
  • Провери ја екологијата на твоите желби: Прашај се: Зошто го посакувам ова? Дали навистина ќе ми го подобри животот, или е само одвлекување од нешто подлабоко? Оваа практика те тера да се соочиш со тоа дали твоите постапки се усогласени со твојот систем.
  • Применувај го правилото „Едно внатре, едно надвор“: За секој нов предмет што го внесуваш во домот, отстрани еден. Оваа практика, инспирирана од минимализмот, не само што го спречува физичкиот неред, туку исто така поттикнува свесност за тоа што навистина има значење.
  • Препознај ги емоционалните тригери: Води дневник за да забележиш кога чувствуваш потреба да купуваш или да акумулираш информации. Дали ти е досадно, дали чувствуваш анксиозност или тага? Препознавањето на овие обрасци може да ти помогне да ја решиш причината во корен, наместо да ја покриваш со трошење и акумулирање на непотребни работи или информации.
  • Стави приоритет на искуствата наместо на материјалните работи: Бројни студии покажуваат дека искуствата, како патувањата или учењето на нова вештина, носат подолготрајна среќа отколку материјалните поседи.
  • Практикувај благодарност: Фокусирањето на тоа што веќе го имаш може да ја промени твојата перспектива од недостаток кон изобилство. Започни го или заврши го  секој ден со 5 нешта за кои си благодарен/на. На што си благодарен/на денес? Благодарноста може да те промени на клеточно ниво – таа го регулира производството на кортизол во мозокот и го намалува стресот и анксиозноста.

Со градење на нашата внатрешна екологија, создаваме систем што ја поддржува нашата благосостојба и раст – без потреба од бесконечни простори за складирање.

Кои се твоите методи за расчистување на умот или домот? Сподели во коментарите, можеби некому ќе му биде корисно!

За крај,

Мојата порака за Јануари е:

Исчисти го умот од старите мисли за себеси и создади нови.

 

 

Сугестии за понатамошно читање:

How do I want to be? – објава од јануари 2023 година

A Courageous Leap into the Unknown – објава од јануари 2024 година

* Оригиналниот текст е објавен на Англиски јазик и можете да го прочитате на следниот линк: https://www.linkedin.com/pulse/mental-consumerism-viktoria-jordanovska-2vaff/ trackingId=pHUOWCAvQbSX7CltZ4fFfg%3D%3D

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...