Моите сто чекори

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Возрасните сакаат броеви, зборуваше еднаш Малиот Принц. Ако им кажеш – Видов прекрасна куќа со црвен покрив, убаво средено дворче, големо дрво и нишалка на него, нема ни да те сослушаат. Ако им кажеш – Видов куќа од милион долари, ќе ти кажат – Леле, колку убава куќа! Веројатно вака некако беше текстот. Го читав кога бев дете (и уште стопати потоа), и не можев да се доначудам како можеш да кажеш дека куќата е убава, а не си ја видел. Чудни се возрасните, мислев.

Сѐ уште го мислам истото – чудни се возрасните. Сѐ нешто броиме, мериме, споредуваме, оценуваме, како од тоа животот да ни зависи. Зависи, ќе речете, и веројатно, во многу нешта, ќе имате право. Но, не секаде. Постои област, делче од човековото постоење, каде не признавам броеви. Се сеќавате на разговорот на Симба и Муфаса? И она – Сине, сѐ до каде допира погледот е наше. Но оној дел, кој не е осветлен од сонцето, тоа е царството на сенките. Таму не одиме, никогаш.

Муфаса беше возрасен, се плашеше да оди на територија која не му е добро позната, можеби опасна, со некои други, чудни жители. Такви се возрасните. Сѐ мора да е предвидено, ризикот добро проценет, пресметан, како не би испаднало да вложиме во нешто што нема да ни ги врати парите (времето, очекувањата, напорот) што сме го инвестирале во него.

Една Ана, еднаш ме праша – ако растојатието меѓу тебе и оној што најмногу го сакаш изнесува сто чекори, колку чекори си подготвена да направиш? Сто, одговорив. Сите сто? – праша. Сите сто, реков.

Денес знам дека грешев.

Ќе ви кажат, мора да постои взаемен напор. Рамнотежа. Секој мора да ги изоди своите 50 чекори. Можеби. Во светот на возрасните, броевите мора да бидат еднакви. Ако јас изодам 50, ќе мора и ти да го сториш истото, иначе ништо. Ако колегата те заменил двапати на смена, ќе мора и ти да го сториш истото, двапати. Ако комшивката ти донесе парче торта од роденденот на ќерка и, ќе мораш и ти, еднаков број пати, за да бидат нештата во рамнотежа. Ах.

Како сите тие мали нешта да можат да ја нарушат рамнотежата во светот.. Еве, и да ја нарушат. Што ќе се случи? Од што се плашиме?

Стравуваме ли да не испаднеме наивни? Да не покажеме дека ни значи? Да не, случајно, некој (не дај боже!) помисли дека сме очајни?

Ќе истече ли морето од сликата, ако дозволиме малку да се навали на едната страна? Држи ја исправена, за секој случај!

Сето тоа е живеење во страв, драги мои. Да не помислат вака, да не испадне така, да не раскажат некому ова, да не се слушне тоа.. И, живееме, балансирајќи ги нештата, во очекување на тоа колку ќе вложи другиот, па да знаеме колку треба и ние. Како животот подарок во плик за свадба на колега да е, па сите треба да дадеме исто, иначе не е фер.

Убаво е да се држиме до нашите еднакви броеви, безбедно. Да платиме онолку часови колку вработените одработиле, да ги вреднуваме соодветно образованието и искуството, па соодветно на тоа да определиме колкав ќе биде надоместокот, да процениме кој колку се залагал месецов, па да го наградиме според тоа… цели метрики, системи, ексел таблици, софтвери кои мерат колкава е продуктивноста, колку секунди по килограм се одработени овој месец, колку чини единица вложен труд, како тоа ќе се одрази на резултатот, подобри ли сме од претходниот месец, од буџетот, од истиот месец минатата гоидина… бројки, бројки, бројки…

И, ќе се случи нешто што го нема во статистиките. Нешто многу лично, човечко. Некој ќе пукне и, одеднаш, нема веќе да биде битно колку одработил месецов, колку продал, колку спакувал, единствено ќе биде важно – да биде жив и здрав. Ќе се држиме ли тогаш до бројките? Рамнотежата? Ќе се прашаме ли дали тој би направил нешто за нас, ако бевме во обратна ситуација, или ќе кажеме батали, човекот е битен.

Верувам, второто. Затоа што во такви моменти се сеќаваме на она што е вистински важно – луѓето, не бројките. И, ќе направиме не 100, туку 200, 500, не знам веќе колку чекори, не би ли помогнале нему, на човекот, не на бројот.

Често, баш тие, дополнителните чекори, ја прават разликата. Моментот кога тој некој, во момент кога целиот свет му се срушил врз глава, ќе почувствува дека не е сам, дека има некој, дека има цело село луѓе што се подготвени за него да изодат и сто чекори повеќе, само да го сретнат и да го вратат назад од темницата.

Да се вратиме назад. Зошто да чекаме некој да пукне, да му се случи нешто лошо, да падне.. за да направиме еден чекор плус од тие 50? Као, ќе ни снема чекори? Ќе немаме за нас?

И, да, драга моја Ана, грешев. Не сто, би ги изодела сите можни чекори и уште еден плус. Затоа што ми значи. Затоа што се грижам. Затоа што немам ни страв, ни срам да го покажам тоа.

А, и вам ви го препорачувам истото. Светот нема да застане ако сите покажеме малку повеќе разбирање, емпатија, грижа, љубов. Да, љубов, колку тоа страшно да звучи.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...