Сѐ почесто слушаме за тоа колку е важно компаниите да бидат „подготвени за AI иднината“, но малкумина точно знаат што значи тоа во пракса особено кога станува збор за едукација и развој на кадар. Тука влегува Inspire Academy, нова, но амбициозна едукативна платформа што нуди практични обуки за вештачка интелигенција, наменети токму за луѓе кои сакаат да бидат дел од трансформацијата, а не само нејзини набљудувачи.
Разговараме со Проф. Д-р. Анета Ивановска, ко-основач на Inspire Academy и професионалец со речиси две децении искуство во научни истражувања, академска дејност и примена на AI во реална индустриска средина. Таа ни објаснува зошто токму HR професионалците треба да бидат меѓу првите, заедно со менаџментот, што ќе ја препознаат потребата за AI обуки и за тоа како со вистинска едукација може да се изгради кадар што ќе ја носи компанијата напред.
AI денес е една од најдискутираните теми во деловниот свет, но малкумина го разбираат нејзиниот вистински потенцијал. Што ве мотивираше да ја основате Inspire Academy и каква улога сакате да има во развојот на професионалци и компании?
Во јавноста сè почесто се зборува за вештачката интелигенција, но тоа што ретко се споменува е дека оваа технологија не е некаква новина што се појави преку ноќ. Напротив – AI постои со децении, но токму сега сме во период на драматичен напредок и трансформација, кој ја менува целата општествена и економска слика.
Оваа технолошка (р)еволуција значи дека начинот на кој работиме, учиме, и комуницираме добива сосема нова димензија. Компаниите вложуваат огромни ресурси за да бидат чекор пред другите во примена на AI, додека потребата за луѓе со релевантни вештини расте со невидено темпо. За жал, образовниот систем не може да одговори доволно брзо на овие промени – и токму тука се појавува јазот меѓу потребите на индустријата и постоечката понуда на знаење.
Овој предизвик беше наша инспирација да ја создадеме Inspire Academy – прва онлајн академија за вештачка интелигенција во Македонија. Нашата визија е јасна: да изградиме мост меѓу луѓето што сакаат да се развиваат во ова поле и можностите што AI ги отвора – без разлика дали станува збор за кариера, бизнис или личен напредок. Преку квалитетна едукација, им помагаме на идните професионалци да стекнат конкретни, применливи вештини што се бараат денес – а ќе бидат уште поважни утре.
Професионалците од областа на човечки ресурси често се тие што иницираат или одобруваат инвестиции во обука. Како Inspire Academy може да им помогне на HR тимовите да идентификуваат и развијат таленти подготвени за AI трансформација?
Inspire Academy е создадена токму со цел да одговори на предизвикот со кој сè повеќе се соочуваат HR професионалците – како да препознаат, насочат и развијат кадар кој ќе биде подготвен за промените што ги носи вештачката интелигенција.
Нашата академија нуди структуриран систем на обуки, преку едукативни програми кои соодветствуваат на најбараните AI професии во моментот. Модуларноста на обуките овозможува HR тимовите да направат проценка на постоечките компетентности кај вработените и да креираат персонализирани планови за развој.
Дополнително, Inspire Academy функционира како партнер за трансформација – не само како давател на обуки. Помагаме при мапирање на потенцијали во организацијата, при избор на најсоодветни профили за AI надградба, и обезбедуваме менторска поддршка за успешна примена на стекнатите знаења.
На тој начин, HR тимовите добиваат конкретна поддршка за градење внатрешни капацитети, што е суштински предуслов за одржлива и ефективна AI трансформација.
Многу обуки се или премногу технички или премногу површни. Дали го балансирате теоретското знаење со практични, реални вештини во вашите програми?
Постигнувањето вистински баланс меѓу теоријата и практиката е клучен предуслов за стекнување на применливо знаење – особено кога станува збор за комплексна област како што е вештачката интелигенција. Затоа нашите програми во Inspire Academy се внимателно осмислени: започнуваме со цврста теоретска основа за клучните концепти од AI, работа со податоци и аналитика, а потоа фокусот го пренесуваме на практична примена.
Учесниците активно работат на реални задачи и студии на случај, ги анализираат заедно со предавачите, и низ интерактивни сесии ги развиваат своите вештини. Во завршната фаза на обуката, работат на практичен проект, кој служи како доказ за стекнатите способности.
Дополнителна вредност носи фактот што сите наши предавачи се докажани AI експерти со силна професионална пракса – тие не само што ја познаваат теоријата, туку секојдневно работат на развој и имплементација на AI решенија во реален бизнис-контекст. Тоа обезбедува релевантност, применливост и висок квалитет на учење.
Различни индустрии имаат различни потреби. Дали нудите обуки специјално креирани за компаниите и нивните потреби, и кои се најчестите теми што ги бараат HR менаџерите кога инвестираат во AI обука?
Сосема сме свесни дека различните индустрии – па дури и различни оддели во рамки на една компанија – имаат специфични потреби кога станува збор за вештачка интелигенција. Затоа, покрај нашите стандардни програми, на компаниите им нудиме можност за директна консултација. Заедно со HR тимовите анализираме кои профили, вештини и нивоа на знаење се потребни во нивниот контекст, и врз основа на тоа препорачуваме соодветна програма.
Доколку постојат специфични барања или уникатни предизвици, креираме персонализирани обуки – прилагодени според индустријата, техничкото ниво на учесниците и стратешките цели на организацијата.
Најчесто, HR менаџерите бараат обуки поврзани со основи на вештачка интелигенција, анализа и интерпретација на податоци, автоматизација на бизнис-процеси, и практична примена на AI алатки во конкретни функции – како маркетинг, продажба, човечки ресурси или клиентска поддршка. Целта секогаш е иста: да се изгради капацитет за информирана, ефективна и етичка примена на AI во секојдневното работење.
Обуките стануваат реална деловна инвестиција. Како HR одделите можат да ја мерат ефективноста и вредноста на обуките од Inspire Academy?
Во денешно време на екстремен технолошки и AI развој, обуките не се трошок – туку стратешка инвестиција, и токму затоа HR одделите сè повеќе бараат јасни показатели за ефективност и поврат на вложувањето. Во Inspire Academy тоа го земаме предвид од самиот почеток: нашите програми се дизајнирани така што резултатите се мерливи и видливи, како на индивидуално така и на организациско ниво.
Обезбедуваме алатки и методи за следење на напредокот на учесниците – преку завршни проекти, практични задачи, квизови и други евалуации. Дополнително, по завршување на обуката, на компаниите им даваме повратен извештај со увид во стекнатите компетентности и препораки за понатамошен развој.
Развојот на кадарот е и стратегија за задржување. Дали забележувате дека учеството во вакви обуки позитивно влијае на мотивацијата и лојалноста на вработените во компаниите?
Апсолутно – учеството во AI обуки значајно влијае на мотивацијата и лојалноста на вработените. Од нашето искуство, кога компанијата инвестира во развојот на сопствениот кадар, вработените не само што стекнуваат нови, релевантни вештини, туку и јасно чувствуваат дека организацијата верува во нивниот потенцијал. Тоа создава силно чувство на вредност, припадност и доверба – што директно влијае на нивната мотивација и долгогодишна посветеност.
Но придобивките не се само на личен план. За компаниите, оваа инвестиција носи стратешка предност. Наместо да бараат надворешни (и често скапи) експерти, тие развиваат интерни капацитети – тимови кои го разбираат контекстот на бизнисот и може долгорочно да работат на развој на одржливи AI решенија одвнатре. Тоа значи поголема автономија, подобра интеграција на технологијата и значително пониски трошоци на долг рок.
Дополнително, AI е поле кое буди интерес и амбиција – кога вработените гледаат дека им се отвора можност за личен и професионален напредок, тие стануваат поангажирани, поиновативни и полојални. Токму тоа го потврдуваат HR тимовите со кои соработуваме – тие забележуваат значителен раст на самодовербата, иницијативноста и внатрешната мотивација кај своите вработени по завршените обуки.
AI влијае и на самото поле на човечки ресурси, што подразбира примена на AI од регрутација, селекција до развој на таленти. Кои се најновите AI трендови што HR професионалците треба да ги следат и како обуките од Inspire Academy можат да ги подготват за тие промени?
Вештачката интелигенција сериозно ги трансформира сите професии, па така и полето на човечки ресурси. Она што до неодамна звучеше футуристички, денес станува реалност. Некои од најрелевантните AI трендови во HR секторот се: AI-поддржана регрутација со користење на алатки што анализираат CV-ја; предиктивна аналитика за идентификација на потенцијални лидери, ризик од заминување и развојни потреби на тимовите; chatbot-и и виртуелни AI асистенти за поддршка на вработените, итн.
Во Inspire Academy сме свесни дека HR професионалците сè повеќе треба да ги разбираат и користат овие алатки – не само технички, туку и стратешки. Нашите програми ги подготвуваат HR експертите да станат активни учесници во дигиталната трансформација – со јасно разбирање на AI можностите, но и на етичките, организациските и човечките импликации што тие ги носат. Нашата цел е HR професионалците не само да ги следат AI трендовите – туку и да ги водат.

Не секој што учи AI е програмер или инженер во поширока смисла. Може ли некој од областа на HR или менаџмент без техничка основа да учествува на обука и да извлече практична корист?
Секако. Една од основните идеи при креирањето на програмите на Inspire Academy беше токму тоа – да ги направиме AI знаењата достапни и разбирливи за луѓе што не доаѓаат од технички или програмерски профил. Нашите обуки се модуларно структуирани и започнуваат од темелите, така што секој учесник, без разлика на предзнаењето, може успешно да ги совлада основите и да изгради применливи вештини.
Дополнително, за компании нудиме и персонализирани програми, кои ги креираме во консултација со HR и менаџмент тимовите, согласно нивните специфични цели и предизвици. На тој начин обезбедуваме обуки што не се само информативни, туку и директно применливи – со видлива додадена вредност за организацијата.
Нашата мисија е да покажеме дека AI не е резервиран само за инженери – туку е алатка што може да ја користи секој што сака да донесува подобри одлуки и да го води развојот во една современа организација.
Вашата кариера е пример за успех во академија, индустрија и претприемништво. Како вашето професионално искуство влијае врз обликот и насоката на Inspire Academy? Каде ја гледате Академијата за 3–5 години?
Моето професионално патување – од истражувач на најголемиот истражувачки институт во Словенија и универзитетски професор на Универзитетот во Нова Горица, преку раководни позиции во индустрија, до улогата на претприемач – силно влијаеше врз начинот на кој ја замисливме и ја изградивме Inspire Academy.
Од истражувачкото и академското искуство ја понесов длабоката посветеност кон квалитетното знаење и методолошката прецизност. Од индустријата – практичноста, применливоста и потребата од брза адаптација на знаењето во реален контекст. А преку претприемништвото научив како да ги препознаам вистинските потреби на пазарот и да создадам решение што е флексибилно, иновативно и ориентирано кон корисникот.
Сето тоа се вгради во ДНК-то на Inspire Academy – платформа што не нуди само техничка едукација, туку гради AI компетентности што се применливи, стратешки релевантни и ориентирани кон долгорочен развој на поединци и организации.
Во следните 3 до 5 години ја гледам Академијата како регионален лидер во AI едукација, препознатлива по практичниот пристап, соработката со бизнис-секторот и високиот квалитет на наставниот кадар. Планираме проширување на програмите, нови специјализирани насоки, интеграција на AI алатки во самите процеси на учење, и партнерства со компании и институции што сакаат да инвестираат во одржлива AI трансформација.
Нашата визија е едноставна, но силна: да ја демократизираме AI едукацијата и да создадеме генерација професионалци кои не само што ја разбираат технологијата – туку знаат како да ја користат со цел, одговорност и визија.

Многу HR менаџери се двоумат дали и кога да инвестираат во AI едукација. Која е вашата главна порака до нив, зошто токму сега е вистинскиот момент за AI обуки, и зошто токму Inspire Academy?
Совршено го разбирам двоумењето кај HR менаџерите – темпото на технолошки промени е огромно, и често се поставува прашањето: дали сега е вистинскиот момент? Мојата порака е јасна: не само што е вистинскиот момент – туку е клучниот момент.
AI веќе не е нешто што „ќе дојде“ – таа веќе го менува начинот на кој работиме, комуницираме и носиме одлуки. Компаниите што навреме ќе инвестираат во изградба на интерни AI вештини, ќе имаат стратешка предност – затоа што ќе располагаат со кадар кој може да го разбере и искористи потенцијалот на технологијата одвнатре, наместо да зависат од надворешни решенија.
Во тој контекст, Inspire Academy не е обична платформа за обуки. Ние сме партнер во трансформацијата – со програми што се практични, достапни и креирани со разбирање за реалните предизвици на компаниите. Нашата мисија е да создадеме луѓе што не само што ќе ја разбираат вештачката интелигенција, туку ќе знаат како да ја применат во функција на раст, ефикасност и иновација.
Затоа – токму сега е моментот. Почетокот може да биде мал, но импактот што го носи правилната AI едукација е долгорочен и суштински.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.