ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р СИНИША НАУМОСКИ,ХАЈДЕЛБЕРГ:НАШИТЕ СТУДЕНТИ ДИПЛОМИРААТ СО ТРИ ГОДИНИ РЕАЛНО РАБОТНО ИСКУСТВО

од 24HR

Кога ќе се спомене студирање во странство, голем дел од луѓето веднаш замислуваат комплицирани процедури, бирократски лавиринти, високи трошоци и неизвесност околу тоа дали навистина ќе добијат квалитет што вреди за вложеното време и пари. За многумина, идејата за германско или европско образование останува само сон или долгорочен план кој ретко се остварува.

Хајделберг Факултет Скопје ја руши таа бариера носејќи го квалитетот на германското високо образование во Македонија и им овозможува на студентите да го искусат најдоброто од двата света: европски стандарди и меѓународно признаена диплома, без потреба да го напуштат својот дом или семејство.

Зад овој концепт стојат луѓе кои ја разбираат важноста на поврзувањето на теоријата со практиката, академијата со индустријата. Во ова интервју разговаравме со проф. д-р Синиша Наумоски, универзитетски професор, економист со докажана експертиза и член на Советот на Народна банка на Република Северна Македонија. Со постдокторски усовршувања во престижни германски институции и долгогодишно искуство како предавач и експерт за финансии, Наумоски е личност која верува дека студентите заслужуваат образование што ќе им даде повеќе од хартиена диплома, односно образование што ќе им отвори врати и ќе им ја изгради самодовербата за да зачекорат во својата кариера.

Во разговорот што следи, тој зборува за тоа како германскиот модел на образование се прилагодува на македонскиот контекст, зошто праксата е еднакво важна како и теоријата и какви конкретни придобивки ги очекуваат студентите кои ќе се одлучат за овој пристап. Од првото вклучување во компании, преку развивањето на професионални вештини, па сè до моментот кога дипломата станува билет за европскиот пазар на труд во ова интервју г-динот Наумоски ни открива зошто Хајделберг Факултет Скопје претставува нов стандард за високото образование во земјата.

Што го прави Хајделберг Факултет Скопје различен од другите приватни факултети во земјата?

Хајделберг Факултет Скопје не е уште еден приватен факултет што нуди програма за да се добие диплома – ние сме дел од една поширока европска образовна традиција што функционира според германски стандарди. Она што нè прави различни е тоа што студентите добиваат вистинска додадена вредност: двојна диплома која е целосно признаена во Германија и во Европската Унија, програма која ја интегрира теоријата со практиката, и најважно – мрежа на партнерства со реномирани компании. Во Македонија често младите мора да избираат меѓу образование и пракса, меѓу теорија и работа, меѓу домашна и странска диплома. Кај нас, тие добиваат сè во едно. Хајделберг е различен затоа што овозможува студентите да го започнат својот професионален пат уште додека учат, а тоа ги подготвува за свет што е многу конкурентен и динамичен.

Вашата мисија ја нагласува комбинацијата на теоретско и практично образование. Зошто овој модел е толку важен за студентите денес?

Современите генерации се соочуваат со многу поголеми предизвици од пoстарите генерации. Брзината со која се менува технологијата и пазарот на труд бара млади луѓе кои не се само добри во меморирање информации, туку и во примената на знаењето во реални ситуации. Нашата мисија е студентите да стекнат силна академска основа, но таа да не остане изолирана од праксата. Затоа, од првиот семестар тие се запознаваат со компании, со процеси, со култура на работа, и на тој начин учењето добива сосема ново значење. Важно е да се сфати дека студентите денес не бараат диплома по секоја цена, туку бараат кариера, иднина и сигурност. Нашиот модел им го овозможува токму тоа.

Како германското влијание врз образованието ја обликува квалитетната и кредибилна програма што ја нудите?

Германското влијание е суштината на нашата институција. Германија е држава позната по дисциплината, по систематичноста и по тоа што практичните знаења се сметаат за исто толку важни колку и теоретските. Кај нас, тоа влијание се гледа во три димензии. Прво, во строгата акредитација и академски стандарди – секој предмет, секоја програма е усогласена со германски и европски критериуми. Второ, во организацијата на наставата, студентите не учат само од книги, туку и од искуството на експертите кои работат во индустријата. И трето, во тоа што на крајот дипломата не е само хартија, туку признат документ што отвара врати на пазарот на трудот низ цела Европа. Тоа е гаранција на квалитет која ретко кој друг факултет може да ја понуди.

Многу факултети ветуваат можности, но како конкретно Хајделберг им овозможува на студентите реално работно искуство уште за време на студиите?

Разликата е во тоа што кај нас практиката е интегриран дел од студиската програма, а не дополнителна активност што студентот сам треба да ја бара. Хајделберг има воспоставено партнерства со бројни компании од различни индустрии – банки, ПР и маркетинг агенции, производствени компании. Студентите уште од прва година започнуваат со практика и работа на проекти, а потоа постепено се вклучуваат во сè покомплексни задачи. Тоа значи дека тие не се само набљудувачи, туку активни учесници во работењето на компанијата, и тоа 2 пати во неделата. Со ова, крајниот резултат – дипломата, не е само академска потврда, туку доказ дека студентот веќе има три години практично искуство зад себе.

Какви конкретни можности за кариера ги очекуваат студентите по дипломирањето, особено имајќи во предвид дека добиваат двојна диплома признаена во Германија и во ЕУ?

Можностите се речиси неограничени. Со двојната диплома, студентите можат да се вработат во Македонија и регионот, но исто така и во Германија или било која земја од Европската Унија, без административни пречки. Тоа е голема предност затоа што пазарот на трудот станува сè повеќе интернационален. Многу од нашите партнери веќе се мултинационални компании кои сакаат да ги задржат студентите по практиката и да им понудат работни позиции. Така, студентите не мора да започнуваат од нула по дипломирањето, туку често имаат конкретна понуда за работа уште пред да дипломираат. За многумина тоа значи директен пат кон успешна кариера дома или во странство.Како реагираат работодавачите на овој модел на образование? Дали веќе постои интерес за вработување на студентите од Хајделберг?

Реакциите се повеќе од позитивни. Работодавачите велат дека моделот е идеално решение за проблемот што одамна постои – младите кои излегуваат од факултет со многу теорија, но без практични вештини. Со Хајделберг тие имаат можност да добијат кадар кој е веќе подготвен, кој знае како функционира работна средина и кој веднаш може да даде придонес. Некои компании веќе изразија интерес не само за практиканти, туку и за идни вработувања на нашите студенти. Тоа е најдобриот показател дека моделот е успешен и дека образованието што го нудиме има реална вредност на пазарот.

Во Македонија постои скептицизам дека приватните факултети „продаваат дипломи“. Како вие гарантирате транспарентност и обезбедувате дека дипломата се стекнува со вистинско знаење и вештини?

Тоа е прашање што често го слушаме и сосема е оправдано луѓето да бидат внимателни. Но, Хајделберг Факултетот работи на принципи кои не дозволуваат компромиси. Нашата диплома е германска диплома – акредитирана, контролирана и признаена во цела Европа. Тоа само по себе е гаранција дека не може да се стекне без вистински напор и знаење. Понатаму, нашата програма е дизајнирана така што студентите мора да минат низ практични задачи, проекти и работа во компании. Тоа значи дека дипломата е повеќе од документ – таа е доказ за компетенции, за дисциплина и за реални способности. Во суштина, кај нас не може да постои „купена диплома“ затоа што системот сам по себе го исклучува тоа.

Што значи за студентите и нивните родители фактот дека многу од компаниите-партнери ја покриваат школарината за студентите?

Ова е една од најубавите придобивки од моделот што го нудиме. За родителите тоа значи големо олеснување, затоа што висококвалитетното образование често знае да биде голем финансиски товар. Но, уште поважно е што студентите добиваат чувство на вредност – кога компанија решава да инвестира во нив, тоа е најјасен сигнал дека ги гледа како идни професионалци и како потенцијални лидери. Тоа создава дополнителна мотивација, бидејќи студентите не учат само за себе, туку и за компаниите што веќе веруваат во нив. Покрај тоа, покриената школарина поради платената пракса често е придружена со можност за понатамошно вработување, што значи дека студентите практично добиваат трасиран пат – од првиот ден на факултет до првото вработување. За нивните родители, тоа значи сигурност, а за студентите  шанса да изградат кариера без да бидат оптоварени со финансиски пречки.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...