Колумна на Нина Цекиќ Костоска, управителка на Cool Bottles Македонија и регионална менаџерка за продажба
Секоја година, истиот предизвик: Декември започнува, празничната треска расте, а многу компаниидури тогаш почнуваат да размислуваат за новогодишните подароци за своите вработени. Иако ова е мал, симболичен гест, начинот на кој се планира и реализира говори многу за вредностите и организациската култура во една компанија.
Периодов секојдневно се соочуваме со ситуации каде избирањето на овие подароци наместо да биде навремено планиран процес кој ја одразува корпоративната култура, честопати се претвора во трка со времето, со хаотични нарачки, брзи одлуки и избори направени „само за да има нешто“.
Тоа доцнење не е случајност, туку слика на многу подлабок проблем — недоволното вреднување на човечкиот капитал, придружено со недоволна организација, слабo планирање и отсутност на јасна стратегија кога станува збор за грижата кон вработените.
Кога компаниите ги носат одлуките во последен момент, тие всушност дејствуваат реактивно наместо стратешки. Наместо подароците да бидат промислен дел од годишниот план, тие стануваат ситна точка на листата што треба да се заврши, без поголема смисла или јасна порака. Таквиот пристап води до избор на производи кои ретко кому му значат нешто, а уште поретко ја исполнуваат својата цел – да изразат благодарност!
Вработените многу добро го чувствуваат тоа.
Знаат кога некој подарок е избран со внимание, а кога е купен во последен момент, без никаква емоција или идеја зад него.
Од друга страна, најчестата грешка што се повторува од година во година е неволноста на компаниите да инвестираат во квалитетни производи. Се избира најевтината опција, под изговор дека „и така е само подарок“, или пак се очекува за ултра ниски цени да се добие квалитетен подарок. Апсурд.
Но токму тука се крие парадоксот: евтиниот подарок на крај чини многу повеќе. Тој нема функција, не се користи, не трае и не создава никаква позитивна асоцијација со брендот. Од друга страна, квалитетниот подарок не е трошок, туку инвестиција – во имиџ, во вредности и најважно, во луѓето кои секој ден го движат бизнисот напред.
Во модерен корпоративен свет, токму знакот на внимание прави разлика.
Вработените не очекуваат раскош, но очекуваат внимателност.
Начинот на кој компанијата ги одбира новогодишните подароци е мала, но многу моќна порака. Таа зборува за односот кон вработените повеќе од било кој мотивациски говор или интерно писмо. Ако подароците се избрани брзоплето, без јасна цел или со минимален буџет, тоа испраќа порака дека грижата е површна. Но ако изборот е направен навреме, со јасна идеја и со желба да се подари нешто што навистина ќе се користи и ќе биде прифатено со насмевка, тогаш подароците стануваат продолжение на корпоративната култура, а не само годишна обврска.
Компаниите кои планираат навреме и инвестираат мудро се издвојуваат. Тие не чекаат последен момент, не бираат „само нешто“ и не штедат на квалитет. Токму затоа, нивните подароци не завршуваат на дното од фиоката — се користат секој ден и постојано потсетуваат на местото каде што вработениот се чувствува ценето. Таквите компании добиваат нешто што не може да се купи: доверба, мотивација и лојалност.
Можеби е време да се промени наративот.
Новогодишниот подарок не е обврска.
Тој е можност — можност компанијата да покаже внимание, почит и зрелост.
А кога тоа ќе биде направено навреме, промислено и со вистински избор, вредноста е многу поголема од самиот производ.
Тоа е порака што се памети долго после празниците.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.

