Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Билјана Члкамовска, freelancer консултант за корпоративно право и човечки ресурси.
„Кога би билa Дедо Мраз за мојата компанија , би им подарила на моите колеги флексибилност во работното време, односно можност за работа од дома или барем хибридно работење, а како Дедо Мраз за HR професијата во целост, би се залагала за скратување на работните часови во неделното работно време, односно за: шестчасовно дневно работно време или четиридневна работна недела.
Сметам дека во оваа денешница на брзо живеење, ова е потребно пред се за зачувување на менталното и физичкото здравје на работниците, за подобар баланс помеѓу нивниот приватен и професионален живот, и конечно, за зачувување на основната клетка на општеството – семејството. Секако дека би било придобивка и за компаниите, бидејќи продуктивноста сигурно нема да падне, кога во нив ќе работат поздрави, посреќни и попосветени работници.
Работиме за да живееме, а не обратно!“
