недела, февруари 1, 2026
Почетна СтатииСЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: ДЕЈАН МАЏОСКИ, ДИРЕКТОР ЗА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ ВО НЛБ БАНКА

СЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: ДЕЈАН МАЏОСКИ, ДИРЕКТОР ЗА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ ВО НЛБ БАНКА

by 24HR

Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?

На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.

Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:

„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“

Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.

Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.

Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!

Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите Дејан Маџоски, директор за човечки ресурси во НЛБ Банка АД Скопје.

„Пред сè, на сите HR професионалци, лидери и ентузијасти би им посакал Среќна нова 2026 година и среќни празници! Нека биде година исполнета со здравје, среќа, радост и успех!

Прво нешто што би го посакал и препорачал е да го искористиме празничниот период да се одмориме, освежиме и да ги наполниме батериите за предизвиците кои што нè очекуваат во следните дванаесет месеци.

А затоа што успехот, покрај енергијата, зависи и од подготвеноста, фокусот и истрајноста, следно нешто што би го препорачал е да ја погледнеме 2026 пред нас и да одлучиме кои се оние нешта што сакаме да ги постигнеме и оствариме. Добар план ќе ни помогне да се фокусираме на важните работи, да истраеме во нивната реализација, без да бидеме дефокусирани од сето она што може да дојде од страна.

Ова е особено важно затоа што HR не се води стихијно, туку осмислено, со добар план и стратегија. Само така се постигнуваат резултати кои се подеднакво видливи и за вработените и за компаниите.

Кога сме кај оваа равенка – компанија – вработени – HR, тука би рекол, во 2026 да не го забораваме „човечкиот фактор“. Компаниите, лидерите, па и HR знаат да бидат дефокусирани од бизнис целите, деловната стратегија, современите технолошки трендови и слично, но она што е константа за успехот на сето ова, се луѓето. А во период на постојани промени, локални и глобални предизвици, токму тие ќе продолжат да бидат клучниот елемент за успех на секоја компанија. Затоа, во постојан фокус треба да биде градење на компанија која се грижи за вработените преку подобрување на условите за работа, добросостојбата и овозможување на услови за раст и развој.

На крајот, на сите би им посакал сето она што беше во 2025, да го искористат како отскочна даска за подобри и посуштински планови за 2026 година, кои ќе им донесат успех, нови перспективи и нови видици.”

Related Posts

Leave a Comment