вторник, јануари 13, 2026
Почетна СтатииСЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: МАРИНА АНЧЕВСКА, МЕЃУНАРОДНО АКРЕДИТИРАН И СЕРТИФИЦИРАН НЛП МАСТЕР ТРЕНЕР И СИСТЕМСКИ КОУЧ

СЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: МАРИНА АНЧЕВСКА, МЕЃУНАРОДНО АКРЕДИТИРАН И СЕРТИФИЦИРАН НЛП МАСТЕР ТРЕНЕР И СИСТЕМСКИ КОУЧ

by 24HR

Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?

На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.

Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:

„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“

Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.

Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.

Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!

Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Марина Анчевска, меѓународно акредитиран и сертифициран НЛП Мастер Тренер и Системски Коуч.
Марина е основач на првиот НЛП Центар во Македонија (2007) и Системската Коучинг Академија(2023). Воедно е креатор на првата меѓународна Коучинг конференција во Македонија (2024).

„Кога би била во улога на ‘Дедо Мраз’ би направила сѐ за да поттикнам многу поголема свесност за околината и системот во кој се создава и постои секоја организација. Свесност дека секој поединец, секој тим е дел од тој систем и придонесува за негова одржливост и постоење.  

Кај секој поединец би поттикнала личен развој, самосвесност бидејќи свесното лидерство е основата за градење на работна околина која ги поддржува процесите помеѓу луѓето и процесите за остварување на организациските цели. Перформансите и мотивацијата зависат од организациската култура која ја движи енергијата во работната околина т.е. луѓето, тимовите и организацијата во целост.

Сите го сакаме чувството на припадност во систем кој поддржува, почитува и ни овозможува простор да бидеме автентични, да растеме и да се развиваме, независно дали е семеен, организациски, партнерски или пријателски.

Но, не е секогаш до системот, туку и до нашата перцепција и несвесни реакции.
Затоа секојдневно практикувајте самосвесност. Одговорете ги денес следните прашања:
Што ќе оставам во 2025?

Кое однесување, емоција, убедување или вредност ја оставам во 2025?

Што ќе изгубам ако и во 2026 продолжам да ги користам истите?

Како јас практично и едноставно во 2026 година свесно ќе придонесам,  работната околина да биде попријатно место за мене и за моите колеги?”

Related Posts

Leave a Comment