Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Маја Штерјовски Mенаџер за човечки ресурси МТЕЛ:
Ако оваа година јас бев Дедо Мраз за мојата компанија, мојот најголем подарок би бил – време и внимание за луѓето. Во свет каде што задачите и роковите често ја засенуваат човечката страна, би им подарила моменти на искрено слушање, разбирање и поддршка.
За професијата Човечки ресурси, мојот подарок би бил повеќе емпатија и храброст за промени. Емпатија – за да ги гледаме вработените не само како дел од системот, туку како личности со свои соништа и предизвици. Храброст – за да воведеме нови практики кои ја ставаат благосостојбата на луѓето во центарот на организацијата.
Би им подарила и култура на благодарност, каде секој успех – мал или голем – се слави. Би донела и флексибилност, за да секој може да го најде својот баланс меѓу работата и живот.
Во брзината на секојдневието, често забораваме дека највредниот ресурс не се технологијата или процесите – туку луѓето кои стојат зад нив, како што претходно кажа и колегата Дејан Маџовски.
Затоа, мојот подарок е едноставен: да одвоиме време да ги слушнеме, да ги разбереме и да бидеме присутни за вработените.
- Време за разговори што не се само за задачи, туку за идеи и соништа.
- Време за признание на трудот и успехот, без оглед колку е голем или мал.
- Време за поддршка, кога некој се соочува со предизвици.
Времето е најскапиот подарок што можеме да го дадеме – затоа што покажува дека луѓето се важни. Во овој празничен период, да се потсетиме дека секој момент вложен во нашите колеги е инвестиција во култура на доверба, благодарност и заедништво.
На крајот, мојот празничен подарок би бил потсетник дека најголемата сила на секоја компанија не се бројките, туку луѓето зад нив.
