Колумна на Мирослав Трајковски
Светот постојано претрпува промени.
Неминовно се создаваат паралелни светови, брзо се градат високи монументални зданија, но уште побрзо и се уриваат стари обележја на едни не така дамнешни генерации.
Ова не треба да се резонира во буквална смисла на зборот.
Затоа и потенцирам да се разбира како промени во социјалниот, психолошки и антрополошки дискурс на едно општество.
Сите три перспективи се исклучително важни за една мала но доволно значајна аналитика за состојбата која ја живееме овие години и за која сме неретко сведоци во секојдневието.
Ќе се обидам накусо и што е можно поедноставно да ја изнесам својата раз(мисла).
Прво, социјалниот дискурс.
Одејќи низ јавните места секојдневно може да се забележи некое ново, невообичаено и помалку настрано однесување кај луѓето. Обликувани се нови норми, нови однесувања кај помладите генерации, се чувствува дека преземени се туѓи сфаќања, туѓи правила, и на жалост се почесто отфрлени се некои стари. Примери нема да наведувам, чинам дека секој од нас ги има доволно. Тука би подвлекол дека урнати се некои стари улоги, кои во минатото служеле како “зданија” или обележја за почит, навраќање кон традицијата и оние белези кои ја штитат автентичноста на една социјална структура. Кога мислам на улоги, мислам на следните: улога на повозрасна жена во автобус, улога ученик во автобус, улога продавач во маркет, во гранап или отворен пазар, улога возач на јавен градски превоз, улога на сосед во лифт, во маркет, улога на сосед на улица при разминување, улога на инкасатор, улога на наставник кој е класен раководител, улога на другар во маало, улога на работник кој користи телефон како средство за комуникација, улога на колега на работа, улога на родител еве, најпосле. Промените при однесувањето и разбирањето на гореспоменатите улоги оставам да проникнат кај секој од нас индивидуално.
Социјалниот дискурс има работа за анализа 24/7 !
Луѓето се’ повеќе се осамени, злобни, лукави, несреќни, завидливи и пакосни. Некој вешто ги учи дека се’ е тоа в ред и дека има оправдување за постапките. Социјалниот дискурс се креира со професионално изработени оправдувања за секоја постапка.
Втор е психолошкиот дискурс.
Тука анализите ќе паднат на луѓето и нивата психосоматска состојба за своето однесување или неоднесување. Прашуваме од каде се мотивите за нечие однесување? Какви трауми, какви стравови или какви последици носи и ќе сноси ова општество за своите постапки.
Дали некој размислува да вложи одредени напори околу справувањето со некои појави.
Дали ако сретнеме човек со одредено психолошко нарушување е етички да го фотографираме?
Кој тоа креира таков дискурс дека е прифатливо да се објави на социјална мрежа? Уште поужасно да се создаде и шоу од тоа? Кој впрочем креира јавно мнение дека е толку нормално јавно пласирање на не филтрирани информации, фотографии или видео материјали?
Психолошкиот дискурс во нашето општество станува вртлог од кој тешко ќе се излезе во блиската иднина. Темите на социјална отфрленост, блискост и емпатија се така добро разнишани, да имам претчувство дека само разорна катастрофа би ги вратила на ресет.
Третиот и можеби најсуптилен, е антрополошкиот дискурс.
Оној кој се занимава со културолошкиот и симболички статус на една индивидуа или збир од индивидуи-група и тн.
Антрополошки би се поставило прашање, како јас, моето семејство или моето општество дефинира зрелост? Тука главен столб е одговорноста. Кој треба да ја преземе, како да ја преземе и дали е соодветна. Одговорните луѓе создаваат умерено добри заедници а тие заедници нормално и здраво општество. Бегството од одговорност е инфантилно однесување а инфантилното однесување само симбол за слабост, продолжена адолесценција и страв од некоја конечност. Повторно ќе поставам неколку прашања; Кој им дозволува на одредени единки вакво или онакво однесување во нашето секојдневие?
Кој ги глорифицира нивните потези или отворено невкусни однесувања или акти? Дали секојдневното исмевање на луѓето меѓусебно е “нормално” ? Дали секој може да праша, да каже или да искоментира било што? И притоа да остане несоодветно третиран?!
*Ставовите од колумната се сопствени, ненаметливи и немаат личен пример кон никој конкретно.
За авторот:
Мирослав Трајковски-Мики е роден 1994 година во Скопје, Р. Македонија. Во родниот град го завршува своето образование и високите студии по Агроекономија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Вработен е во ПроКредит Банка Македонија во Оддел за Анализа на портфолио и проценка на залози и осигурување на истите.
Автор е на повеќе наслови во антологиска верзија со група автори. До сега има издадено две свои самостојни книги; Белези (песни и писма) 2020 во издание на Македонија пресент и Стиховерзум 2024 во издание на Академска мисла.
Во слободно време пишува раскази, поезија, колумни и статии.
