Вредноста на трудот

од 24HR

Колумна на Елена Насевска Ангеловска – Одговорна за плати, бенефиции и ЧР аналитика во Нептун Македонија.

Секој труд треба да се цени и вреднува. Фирмите треба да се осигурат дека имаат изградено систем каде ќе има правилно вреднување на трудот на работникот. Тука е платата, но и разните други мотиватори и типови бенефиции.

Важноста на платата

Платата може да биде показател за статус, за успех, но исто така и за среќа. Висината на платата не претставува само цифра, туку и мерило со кое вработениот дознава колку е вреднуван од страна на фирмата. Секој сака да знае дека е вреднуван, а таа вредност влијае на неговата ангажираност, на начинот како ја претставува фирмата, како допринесува.

Многу истражувања покажуваат дека на почетокот на вработувањето платата е многу важна за одредување на задоволството на вработениот, но со текот на времето платата може да престане да биде мотиватор и други фактори да добијат примат, па вработениот да посака да замине од фирмата. Да се напомене, чувството на вредност секогаш игра значајна улога.

Одредување на платата

Одредувањето на платата не е едноставен процес. Треба фирмата да се осигура дека тие што работат добро се платени добро, но од друга страна не сака ни да ги претплати или да ги плати помалку па брзо да си заминат. Затоа е најдобро да се има систем на плати и истиот тој редовно да се ревидира. Врз основа на работните обврски, стручноста, и други критериуми се гради систем кој ќе овозможи фер исплата. Треба да се земе предвид и пазарот на трудот, недостатокот од одреден стручен кадар, конкуретноста на платите, минималната плата, колективните договори итн.

На крај ќе треба да се направи комбинација на тоа колку е вредна таа позиција во фирмата, но и на пазарот. Со ваквиот начин фирмите може да се осигурат дека вистинските луѓе ќе бидат покрај нив во остварување на целите.

Вработените треба да знаат дека се фер платени во однос на пазарот на трудот за да сакаат да останат во фирмата каде што работат. Тоа треба да им се каже и да го знаат.

(Светскиот извештај за среќа е годишно истражување од Мрежата на решенија за одржлив развој на Обединетите нации. Според тој извештај во Финска живеат најсреќните луѓе на планетата. Нивната годишна плата изнесува 36.000$.)

Бонус како мотивација

Покрај платата, вработените може да се мотивираат со бонуси, а тоа може да се постигне со поставување на јасно дефинирани цели и на јасно дефинирани бонусни шеми. 

Ова е многу важно. Колку појасна цел, колку појасен пристап кон остварувањето, толку се поголеми шансите да се оствари целта. Во спротивно висината на бонусот нема да игра значајна улога.

Кога станува збор за продажба, поставувањето на целите треба да биде едноставно, бидејќи постојат конкретни бројки за остварување. Во делот на администрацијата е обратно, не колку се носи профит, туку колку се заштедува.

Одлука е на фирмата дали ќе исплаќа пониски плати со можност за исплата на повисоки бонуси, или пак повисоки плати со пониски бонуси. За оваа одлука може да влијаат повеќе фактори, која е целта што се сака да се постигне, типот на дејноста…

Секако има и фирми каде не е предвиден бонус. Вообичаено, тие фирми ги мотивираат вработените со покачување на платата после одреден временски период, после остварување на одредени цели.

Кога станува збор за мотивирање на сезонски работници, за кои исто така треба да се осигураме дека добро ќе работат и покрај тоа што се кратко време во фирмата, сè почесто се користи терминот гејмификација. Се креира систем, како игра, каде работниците собираат поени, се наградуваат и сл.

Гејмификацијата особено би била значајна алатка во мотивирање на новите генерации вработени, каде овој начин би им бил поинтересен и би го задржал нивниот фокус на постигнување резултати.

Бенефиции

Целокупното вреднување на една работна позиција и конкретен работник не е изразено само со платата и бонусот. Тука може да бидат вклучени и голем број на разни типови бенефиции. Вработениот може да има флексибилно работно време, платен годишен одмор, службено возило за сопствени потреби, платено (до)школување за него или пак за неговите деца, стручни обуки итн., а во последнава година тоа се: работа од дома, психолошка поддршка за време на ковид и сл.

Во минатото мобилен телефон или лап-топ можеше да означува бенефиција, но денес тоа се смета како основно средство за работа. Меѓутоа, доколку на вработениот секои шест месеци му се дава најскапиот телефон што се продава на пазарот, со сите можни додатоци што постојат, тоа основно средство може да се смета како бенефиција.

Бенефициите може да бидат различни во различни земји. Тоа што се смета за бенефиција во една земја, не значи дека во друга земја исто така би било бенефиција. Пример, во една земја приватното здравствено осигурување за вработениот платено од страна на фирмата може да се смета за бенефиција, но во друга земја каде јавниот здравствен систем е бесплатен и е развиен на високо ниво не би се доживеало како бенефиција.

Има примери кога вработен може да се вработи во друга фирма заради повисока плата, секако за него тогаш оправдани причини, но отпосле да увиди дека во претходната фирма уживал во многу поголеми привилегии и дека повеќе изгубил отколку што добил.

*****

Со добар систем на плати и систем на бенефиции кои ги следат трендовите на пазарот, една фирма може да ги подобри своите конкурентски предности и да претставува посакувано место за вработување.

А за вработените е важно повремено да излезат на пазарот на трудот за да ја согледаат својата вредност, но тоа не мора да значи и дека ќе ја сменат фирмата во која работат.

За авторот:


Елена Насевска Ангеловска е Одговорна за плати, бенефиции и ЧР аналитика во Нептун Македонија. Работи во Нептун 12 години, првично во одделот за финансии, а потоа од 2012год. во одделот за човечки ресурси. Иницијатива и организација на многу проекти. Првата систематизација на Нептун. Креатор на системот за евалуација во малопродажба, формат, принцип на наградување, работилница Best for Better. Прв уредник на интернето списание Happy news. Има завршено факултет за француски јазик и професионален мастер Меѓународни кариери во Франција.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...