Серијата успешни приказни во Superior Dispatch Service ја продолжуваме со Димитриј Лазаров, Retention Specialist во штипската транспортна компанија која го освојува американскиот пазар.
Димитриј Лазаров од Штип целиот свој живот сонувал да стане гастроном сè додека пред една година не му се случува пресврт и станува еден од најмладите членови на компанијата Superior Dispatch Service. Таму се пронаоѓа на позицијата Retention Specialist – професија која е вистинска реткост во македонските транспортни компании кои делуваат на американски пазар. Неговата работа е да ги открива и решава проблемите на возачите во рана фаза со цел да спречи нивно заминување кога ќе биде предоцна, а 24-годишниот штипјанец има напишано и книга-прирачник која на идните професионалци ќе им служи како водич за справување со најразлични ситуации во ова поле. Колегите го обожуваат, а резултатите говорат за неговиот професионален пристап кон својата работа и компанија. Денес, на 24HR ве запознаваме со Димитриј Лазаров и позицијата Retention Specialist во Superior Dispatch Service.
Што треба да поседува еден кандидат за да биде успешен Retention Specialist?
Најважно од сè, кандидатот мора да биде комуникативен, учтив, смирен, да знае да дебатира бидејќи возачите обожаваат да дебатираат на теми од нивниот домен. Пристапот на еден Retention Specialist со било кој возач мора да се менува во зависност од тоа каков пристап има тој возач со него, едноставно кажано еден начин на комуникација не влијае кај секој возач. Влегувањето „под кожа“, народски кажано, е една од најбитните работи за оваа позиција за да може еден возач да ви верува и да сфати дека вие сте тука за него. Водењето на еден разговор мора да се усмери во наша полза, но не и по секоја цена. Позицијата на Retention Specialist е да биде столб помеѓу неискусниот возач, срамежливиот возач, нервозниот возач и останатите возачи со пријателски разговор за да ги поврзе или да зборува во нивно име за подобрување на работниот однос со другите оддели.
Кои се вашите одговорности и задачи како Retention Specialist во Superior Dispatch Service?
Како главни одговорности би ги набројал: задржување на возачите со тоа што ќе им ја претставиме реалната слика за компанијата и тоа што го добиваат кај нас, а недостига кај другите компании; решавање на потенцијалните недоразбирања помеѓу еден возач и член од било кој друг оддел во компанијата; создавање на сигурност и удобност кај возачот и давање до знаење дека некој е на неговата страна, дури и кога не е во право, но на смирен начин и со објаснување да го промениме неговиот став.
Вашата професија ве мотивираше да напишете книга-прирачник за Retention Specialist. Што содржи тој прирачник и кога се очекува да биде објавен?
Јас кога дојдов во компанијата немав никакво искуство во оваа индустрија и не знаев што всушност значи Retention. Темелите беа поставени од еден од нашите колеги од департманот за ЧР, Дејан Ѓошев, кој ми ја покажа идејата и како треба да работам. Со тек на време и со собирање на искуство преку работа како и со надградување на работните обврски дојдовме до момент каде што моравме да почнеме да ги запишуваме работните обврски сè со цел еден ден кога ќе ни се придружи нов член во нашиот оддел да добие една скрипта која што ќе му овозможи полесно чекорење низ оваа, првично и за мене, непозната територија. Самиот прирачник се состои од правила, чекори, полиси и илустрации за како прецизно и лесно потенцијалниот Retention Specialist да ги извршува своите задачи. Прирачникот се очекува да биде објавен на пролет, следната 2022 година.
Вашите колеги ни открија дека имате завршено образование за гастрономија. Дали знаете да подготвите некој вкусен специјалитет за вашите колеги додека сте на пауза од работните обврски?
Да, досега им имам приготвено неколку вида на десерти како: трилече, мафини, колачи, торта со праски, еклери и други. За во иднина имам план да приготвам сос за Божик којшто многу добро ќе оди со печено месо 😊.
А што прави еден Retention Specialist во слободно време? Дали имате некое хоби?
Моето слободно време го поминувам со најблиските и со пријателите, за викенд знам да приготвам ручек за моите дома, а кога немам планови за излегување и дружење играм видео игри, но не би можел да се наречам себеси „гејмер“.
Кое е вашето омилено место во Штип и кои се трите најважни работи кои ве задржуваат тука?
Не би можел конкретно да дадам одговор за омилено место во Штип, но кога имам можност сакам да го поминам времето во природа каде што нема многу врева и луѓе. Работите кои што ме заджуваат овде се работите кои што ме прават среќен, а тоа се: кругот на пријателите и семејството, работата и надежта за подобра иднина.
Superior Dispatch Service е една од компаниите која значително придонесува за локалната економија во Штип, пред сè, нудејќи одлично платени работни места. Какви други поволности и бенефити нуди вашата компанија?
Superior Dispatch Service ни дава слобода за искажување на своите идеи и имплементирање на истите. Би сакал да кажам дека еден вработен не се задржува на својата првична работна позиција подолго време и ако има потенцијал неговиот раст би бил драстичен. Да не ги заборавиме и празнувањата на американските празници со коктел забави и тим билдинзите кои што во моментот се стопирани поради пандемијата. Со оваа работа исто така се запознаваат луѓе со различен менталитет и склопив многу пријателства. Сума-сумарум, стабилност, можност за животна кариера, можност за надоградба на професионално ниво, како и простор за забава се работите што ми помагаат да го одржувам моето физичко и ментално здравје. Тоа сметам дека се најголемите бенефити на компанијата.
Дали се гледате во Superior Dispatch Service на долги стази и која е вашата порака до сите што се заинтересирани да се приклучат на вашиот тим?
Да, би им препорачал на сите кои што имаат познавање од англискиот јазик и би сакале да се впуштат во непозната територија во потрага по нови знаења и вештини, слободно аплицирајте и ако нѝ се придружите ние ќе ви помогнеме да ги совладате првичните предизвици и да се претворите во експерт за индустријата. Ако јас сум успеал од една индустрија да се префрлам во друга и за една година да сум во тек со случувањата и промените во транспортната индустријата, не гледам зошто барем не би пробале и вие.
Сакате да дознаете повеќе за Superior Dispatch Service?
Заследете ја нашата фан страна на Facebook:
Superior Dispatch Service
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.