Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Луѓето не се менуваат.
Луѓето се менуваат.
Во различни услови, сум го кажала и едното и другото. И, си стојам на реченото, и за едното и за другото. Делуваат сосем спротивно, нели? Е па не баш.
Луѓето не се менуваат. Ништо вистинско, ништо суштинско, ништо битно не може да биде променето. Она што сме, она длабоко “Јас Сум” е вечно. Од моментот кога се сеќавате за себе, тоа Јас Сум останува исто, затоа што сте, тука, сега, и нема сила на светот што тоа може да го промени. Го познавате ли доволно гласот кој го изговара тоа Јас Сум? Ја чувствувате ли фреквенцијата на која вибрирате штом го изговорите? Трпките што ви поминуваат по кожата кога ќе го почувствувате? Никогаш тоа не може да се промени, единствено вие можете да научите нешто повеќе за него.
Луѓето се менуваат. Мхммм.. Секој ден, секој час, секој миг се менуваме. Онаа Јас од утрово не знае ништо за оваа Јас попладнево. Онаа Јас која со светки во очите го чекаше доаѓањето на Дедо Мраз и сонуваше за нова кукла, не можеше ни да замисли дека еден ден ќе постои оваа Јас која ги пишува овие редови додека чајот полека се лади на масата. Една малечка Јас, на некои 12-13 години, се откажа од сонот да биде патувачки репортер, кој со фотоапарат на вратот и ветер во косата, ќе известува за случувањата во светот, за бојата на небото над пустината, за слободата на океанот таму далеку, кога еден чичко, на свои 40-50 години, дојден од којзнае каде за тој ден да ги фотографира Струшките вечери на поезијата, и кажа: “Да, прекрасна професија е тоа, многу ја сакам, но знаеш што? Ако се одлучиш да го работиш ова, треба да си свесна: No home. No family. No kids. For the rest of your life.” Тоа No kids звучеше така страшно што, за некоја година, се запишав во средно економско, само да бидам подалеку од сонот. Таа Јас остана таму, во Струга, и којзнае што се случи со неа. Сакам да верувам дека заборави на разговорот со чичкото и сега е некаде далеку, среќна, ги слика своите зајдисонца и пишува за децата во Газа, за обичните луѓе во Украина, за животот во Саудиска Арабија..
Сакам да кажам, се менуваме. Еден разговор може да ни го промени целиот животен тек. Една одлука од типот Каде сакам да студирам, одлучува за луѓето што ќе ги запознаеме, местото во кое ќе живееме, кариерниот пат што ќе го избереме. Или, уште поедноставно, една најобична, најсмотана одлука дали на раскрсница ќе свртам лево или десно, ќе стигнам до работа по овој или оној пат, може да ни го смени целиот следен живот, бидејќи лево имало гужва и сум стигнала на работа безбедно, со 5 минути доцнење, а десно, чекајќи на семафор, некој ми ја удрил колата, сум завршила во болница и таму сум запознала некого кој, повторно, кажал нешто што влијаело на мојот следен работен ден, следната недела, живот и тн. Свесни ли сме за сево ова или несвесно дозволуваме приликите да влијаат врз нас и да нѐ менуваат случајно, без цел и намера, препуштени на брановите на случајноста?
Дај да станеме свесни. Будни. Присутни. Да сфатиме дека промената е единственото сигурно нешто. Да престанеме да се плашиме од промените, од тоа што доаѓа. Да влијаеме врз нив, свесно носејќи одлуки и креирајќи го следниот ден, следниот месец, следната година.
Нема да зборувам зошто се плашиме од промени. Знаете. Нашиот ум е така создаден, да нѐ сочува живи и здрави, на безбедно, во позната средина. Нему не му е битно дали сме среќни. Тој нѐ сака безбедни.
Но, промените се неминовни. Верувам дека сте се сретнале со теоријата за животниот циклус на еден производ. Изгледа некако вака:
Еден ист производ, без никакви промени во него, се соочува со неколку фази во својот животен циклус на пазарот. На ваков начин исчезнаа касетите, видео-лентите, CD-aта, DVD-јата (да, да, и плочите, но тие сѐ уште се тука, макар за хедонисти, кои не се откажуваат од оригиналниот звук и она цк…цк… на грамофонската игла).
Истите фази, истата крива ќе ја сретнете за сѐ –тимови, компании, идеи кои еднаш звучеле иновативно, револуционерно…
Сакам да кажам, сѐ подлежи на промени. Не можеме да избегаме од промените. И, не треба. Само, не треба да се плашиме од нив.
Доколку вашиот тим се наоѓа во фаза кога се функционира совршено, секој ја знае својата улога, има доволно искуство, знаење, воља да го сработи тоа што му е доделено и уште повеќе од тоа, кога сте мирни и уживате во состојба на мирно море, време е за будење. Следната фаза е појава на ветер. После него доаѓаат бранови. Некој од вашите најдобри морнари ќе добие морска болест и ќе се повлече во кабината. Друг ќе каже “заеби, одам јас на некој друг брод, ми требаат мене мирни мориња, не бури”. Некој ќе се повреди борејќи се со едрата и лизгавиот под на палубата. Ќе земете нови морнари, силни, паметни, способни. Ќе се надевате дека рамнотежата ќе се воспостави пак, за брзо. Но тие ќе треба да учат, прво да се вклопат, потоа да заслужат почит од старата посада. И, не заборавајте, со себе ќе донесат нова енергија, различна од онаа на која сте навикнале. Без страв, ќе ја имате вие повторно вашата рамнотежа, но ќе биде сосем поинаква, на некое ново, различно ниво. И, нема тука ништо лошо, колку побрзо го прифатиме тоа, толку побрзо ќе научиме да ги кротиме брановите и да го користиме ветрот.
Сакам да кажам, промените можат и треба да бидат предвидени. Не зборувам овде за оние самоисполнувачки пророштва на песимистите кои она нивното “нема шанса ова да успее, катастрофа сме” за краток период го претвораат во “Ти реков! Ти реков дека не го бива! Знаев дека нема да успееме!” (па нема да успее кога од старт сте тргнале со толкава негативност и наместо во проектот/производот да вложите сѐ што имате, знаете, умеете, вие сте чекале да се случи нешто и да ви го потврди ставот од почетокот). Зборувам за свесноста дека промените следат, но и свесноста кои сме ние, што е она што е суштинско, битно, непроменливо. Зборувам за она Јас Сум кое ќе ги преживее сите бури и бранови, затоа што Е.
Менувајте се, но по свое. Не дозволете околностите да ве менуваат. Креирајте го вашето ново Јас, свесно.
Среќна Нова!
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.