Негативното искуство на вработените може многу лесно да се претвори во негативно корисничко искуство, велат истражувањата.
Откритието дека несреќните и незадоволни вработени доведуваат до незадоволство кај клиентите нема да изненади никого. Сепак, голем дел од компаниите прават значителни инвестиции во стратегии за подобрување на корисничкото искуство, без да направат анализа на задоволството на вработените.
Така, според резултатите на консултантската компанија „Игл Хил“ дури 64% од вработените во САД изјавиле дека начинот на кој се третирани вработените влијае врз тоа како тие им служат на клиентите.
Истражувањето покажа дека кај незадоволните вработени постои за 2,5 пати поголема веројатност да не им обезбедат одлична услуга на своите клиенти и двојно поголема веројатност да кажат дека не покажуваат квалитетни резултати на своето работно место.
Покрај тоа, испитаниците изјавиле дека нивното секојдневно чувство, позитивно или негативно, влијае на нивната продуктивност (70%) и нивната способност добро да ја завршат работата (69%).
Во истражувањето, исто така, беше побарано од вработените да ги рангираат факторите кои имаат најголемо значење за нивното секојдневие. Според нив, тоа се рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот (41%) и значајноста на самата работа (32%). Ова се важни сознанија за работодавците кои сакаат да ја унапредат среќата на своите вработени, а преку тоа и корисничкото искуство на своите клиенти.
Инаку, во изминатите неколку месеци се појавија низа истражувања со цел да им помогнат на компаниите да изградат пристап базиран на докази за да го зголемат задоволството на вработените.
Во светски рамки, тоа најдобро и оди на компанијата „Зум“ која имаше најсреќни вработени во 2020 година, а тоа се должеше на високото задоволство на вработените во поглед на нивниот компензациски пакет, компаниската култура и начинот на кој компанијата се справи со пандемијата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.