ЕДЕН збор кој…

од 24HR

Колумна на Ана Салтирова Давидовски е социјален работник кој има магистрирано на менаџмент на човечки ресурси, со 15+ години искуство во развој на човечки ресурси, NLP Тренер и Coach, Тренер за личен развој.

Дали сте знаеле дека 87% од новогодишните одлуки пропаѓаат, од кои 50% до крај на јануари, прашуваат Џон Гордон, Џими Пејџ и Ден Бритон во нивната книга „Еден збор кој што ќе ви го смени животот“[1].  


Во истата таа книга, претставена е и идејата којашто јас веќе неколку години ја практикувам и многу ми се допаѓа, и ми ги замени класичните новогодишни одлуки со еден збор кој ќе ми биде водилка за годината. Во редовите што се пред вас, ќе ви го преставам процесот и ќе се обидам да ви ја доближам едноставноста и моќта на оваа идеја.

Изборот на еден збор, кој ќе биде водилка во годината, ја зголемува јасноста и овозможува истиот да се прелее во сите сегменти на дејствувањето што ќе направи бранување на начинот како досега сте гледале на работите, а согласно тоа и како сте постапувале. Ве повикувам да ја истражите книгата како и многуте сведоштва за истата, можете да почнете од нивата web страна https://getoneword.com/.

Она што многу ми се допаѓа со изборот на еден збор на годината е свесност и давање на јасна намера за тоа што е она што ќе биде фокус, водечки принцип, компас во носењето на одлуки, леќа/лупа низ која ќе се гледа на она што се прави и она што се случува. Ако го читате ова и се прашувате кој збор може да биде тоа, еве неколку предлози: успех, магија, здравје, самодоверба, благосостојба, енергија, семејство, сила, пауза, мир, љубов, учење, среќа, идеи, радост, игра, фокус, ентузијазам, едноставност, баланс, интегритет, верба, благодарност, креативност, изобилство… нема крај и нема вистински/правилен/добар збор, но затоа има начин на којшто можете да дојдете до вистинскиот/правилниот/добриот збор за вас. Она низ кое нé водат авторите во нивната книга се трите едноставни чекори:

1. Погледни во себе – Подготви го срцето (Look IN – Prepare your heart)

Најдете мирно место за да погледнете во себе си. Доколку сте некој кој практикува молитва или кој има медитативна пракса, знаете како да погледнете во себе, доколку пак немате ваква редовна пракса сѐ што е потребно е да најдете мирно место на кое пријатно ќе се наместите, затворите ги очите и насочете го погледот кон врвот на вашиот нос. Дишењето треба да биде бавно со подолго издишување од вдишувањето, притоа уживајте во паузата која што е составен дел од циклусот на дишење – вдиши, издиши, пауза, вдиши, издиши, пауза…

Откако ќе го најдете мирот во себе, поставете си ги следниве прашања:

  • Што е она што ми треба?
  • Што ми стои на патот?
  • Што треба да се смени?
  • Кој/а сакам да станам?
  • На што треба да се фокусирам за да бидам најдобар/ра?
  • Што треба да направам подобро оваа година?
  • Погледни во срцето и запрашај се, кој збор ќе ти помогне да бидеш најдобра верзија од себеси, во годината што е пред тебе?

2. Погледни нагоре – Откриј го твојот збор (Look UP – Discover your word)

Дозволете си себеси да ви дојде збор кој ќе ја отслика годината што е пред вас.
Можете да си го поставите и прашањето „Што е она што сакаш да го направиш со мене и преку мене?“[2]. Запишете што е она што доаѓа од (до) вашето срце и бидете отворени, истото може да дојде на многу неочекуван начин, но секако ќе го препознаете кога ќе дојде. Доколку не слушате што ви зборува тоа може да значи само дека вашиот ум е гласен, сѐ што е потребно да направите е да го стишате својот ум следејќи ги насоките од првиот чекор.

3. Внимавај – Живеј го твојот збор (Look OUT – Live your word)

Откако го имате вашиот еден збор, визуелизирајте го и поставете си го пред своите очи како би ве водел во годината што е пред вас. Да уживаме во „TO BE“ цели vs. „TO DO“ цели, да не го мериме успехот по тоа што ќе го постигнеме, имаме, купиме туку по тоа што ќе станеме на тој пат.

Како мојот еден збор ми е водилка, како ми е поддршка на патот, на пример кога ќе се најдам пред некоја ситуација, проблем, одлука…, се прашувам себе си „Што би направил ентузијазмот (мојот еден збор на годината) во оваа ситуација/со овој проблем/за оваа одлука?“ Препораката е истото да го пробате и вие, да изберете еден збор на годината и да видите дали (и каква) промена ќе направи во вашето патување, како на личен така и на професионален план полнејќи ве со енергија во сите четири човечки димензии ментална, физичка, емоционална и духовна.

Ако еден збор може да биде инспирација и водилка за поединец, авторите веруваат дека истото може да биде корисно и за тим[3]. Јас, верувам дека HR-професионалците со леснотија може да ја преуредат/адаптираат оваа идеја и за тимовите во своите компании на некоја интерактивна работилница поткрепена со NLP-принципите на работа, да се избере еден збор кој ќе служи како метафора која што ќе ги обедини и води во годината што е пред нив, која ќе ги мотивира и ќе биде светло во темните денови. На таа работилница по препорака на авторите, сите треба да го споделат својот еден збор и своето зошто, што стои зад тој збор, кое е значењето и целта на тој збор за нив. Оваа работилница може да направи меѓусебно подобро разбирање, силна тимска поврзаност и посветеност еден кон друг. Откако сите ќе го споделат зборот може да се направат и некои визуелни потсетници на зборовите, еден интересен текст на темата како тоа го имаат направено во BWM, можете да прочитате на следниот линк[4]. Ова секако не значи дека треба да ги замените бројките и целите со еден збор, но можеме да ги дополниме, бројките ни се потребни да го следиме развојот но не ни се доволни за мотивација.

ЕДЕН збор = намера за годината = филтер како/што да се прави

[1] “One Word That Will Change Your Life” by Jon Gordon, Jimmy Page, Dan Britton

[2] со ова прашање му се обраќаме на Бога, Универзумот, повисоката сила, срцето или она во коешто Вие верувате

[3] Повеќе за тоа на нивната web страна https://getoneword.com/

[4] https://www.fastcompany.com/3003773/most-productive-way-meet-your-companys-goals-year-choose-just-one-word?utm_campaign=Positive%20Tip%20Newsletter&utm_medium=email&_hsmi=285035622&_hsenc=p2ANqtz–pPZsYDuiiRWUQR1Ft1QPaQAhfW0fzZOrwl5cQGh9SETuTDbblljWeT4240DkGX_aFZUrR4nYmy_IxbpzON0VYfeKIfA&utm_content=285035622&utm_source=hs_automation

За авторот:

Ана Салтирова Давидовски е социјален работник кој има магистрирано на менаџмент на човечки ресурси, со 15+ години искуство во развој на човечки ресурси, NLP Тренер и Coach, Тренер за личен развој.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...