Емоционалната интелигенција и празниците – можност за учење и личен развој

од 24HR

Колумна на Наташа Ивановска-Сертифициран Genos International Master Trainer за емоционална интелигенција

Празниците се период на интензивни емоции – радост, уживање, благодарност, малку страв од тоа што носи иднината, досада или можеби разочарување од (не)постигнатото во минатиот период. Без оглед на тоа колку ова го прифаќаме или не, емоциите влијаат врз нас и однесувањето кое го покажуваме. Водени од желбата да се вклопиме во опкружувањето кое зрачи со пораката “биди среќен!”, остануваме сами со миксот на емоции кои чинат еден убав, празничен коктел во кој вкусовите на слатко и горко често се испреплетуваат. Што да правиме со тој коктел? Експертите советуваат: најпрво, признајте си дека тој постои!

Размислете за тоа за момент. Сетете се на ситуациите во минатата година кога сте доживеале некоја пријатна емоција, на пример радост. Можеби сте имале одличен викенд или сте завршиле тешка задача на работа. Како оваа емоција влијаела врз вашето расположение, нивото на енергија и разговорите што ги водевте со пријателите или соработниците? Каков ефект имала? Колку сте биле свесни за врската меѓу радоста и однесувањето тој викенд?

Сега сетете се на поинаква емоција, на пример лутина. Можеби некој соработник рекол нешто што ве погодило или мислите дека некој пријател ја изневерил вашата доверба. Како оваа емоција влијаела на вашето расположение и вашето однесување? Можеби сте испратиле лут е-mail или сте кажале нешто импулсивно за кое подоцна сте се покајале.

И уште еден пример, помислете на празнична средба со колегите, или блиски од семејството. Помислете на разговорите, размената на информации кои во еден миг поттикнуваат емоција на несигурност. Колку треба да споделам од ова што ми се случува? Треба ли да останеме на неформални разговори, или да поттикнам подлабока дискусија? Одеднаш возбудата од средбата преминува во резервираност. Што да правам со овие емоции, се прашувате. Ова е одлична можност да ја развиете вашата Емоционална интелигенција, во која, свесноста за емоциите кои ги носиме е првиот чекор кон свесни избори за нашата интеракција со светот околу нас.

Според една од водечките организации за развој на емоционалната интелигенција на работното место, Genos Internationalwww.genosinternational.com, Емоционалната интелигенција (ЕИ) е збир на вештини кои ни помагаат подобро да ги согледаме, разбереме и управуваме со емоциите – кај нас и кај другите. Генерално, тие вештини ни помагаат да имаме интелигентни реакции и да ги користиме емоциите за градење продуктивни релации на работното место и насекаде околу нас. Овие вештини се исто толку важни колку и интелектот (коефициент на интелигенција) во одредувањето на успехот во работата и во животот.

Вашиот капацитет да ги разберете вашите емоции, да бидете свесни за нив и за начинот како тие влијаат на моделите според кои се однесувате кон другите, ќе ги подобри вашите релациски вештини и ќе ви помогне да бидете позадоволни и поуспешни, на сите полиња и во бројни ситуации. Последно, но не и најмалку важно, одлични вести! Емоционалната интелигенција може да се развие и подобрува преку фокусирање на следните шест компетенции:

  1. Самосвесност  – подразбира свесност за начинот на кој се чувствувате и влијанието што вашите чувства можат да го имаат врз одлуките, однесувањето и постигнувањата.
  2. Свесноста за другите подразбира согледување, разбирање и признавање на чувствата на другите.
  3. Автентичност – подразбира отворено и ефективно изразување, почитување на договорите и поттикнување на таквото однесување кај другите.
  4. Емоционалното расудување – подразбира користење информации од чувствата (сопствени и туѓи), и нивно комбинирање со други факти и информации при донесувањето одлуки.
  5. Себе-управување подразбира управување со сопственото расположение и емоции, време и однесување, како и континуирана работа на сопствениот развој.
  6. Позитивно влијание – подразбира позитивно влијание врз тоа како се чувствуваат другите преку решавање проблеми, давање фидбек и препознавање и поддршка на нивната работа.

Ако се вратиме на коктелот од емоции на почетокот на текстот, неговиот мешан вкус може да биде вреден момент за учење! Наместо да го оставиме на масата и да посегнеме по нешто слатко (пријатни емоции), овој коктел во кој има и доза на непријатни емоции може да ни даде информации за нас, нашето опкружување и ситуацијата во која се наоѓаме. Прашајте се: oд каде е “горчливиот вкус”, што го поттикнува, што сака да ми каже? Во ерата на тн.”позитивна психологија”, во која успехот често се поистоветува со постојаното чувство на среќа, да се потсетиме: емоциите се драгоцен, внатрешен систем за известување кој ни ја овозможува целата палета на вкусови, во која и оние горките имаат своја улога и намена. За да научиме повеќе за нив, охрабете се да поставувате прашања за развој на емоционалната интелигенција, како на пример:

  • Како се чувствувам? Од каде може да доаѓаат овие емоции, што/кој ги потикнува?
  • Како се чувствуваат луѓето околу мене? Колку добро забележувам како им е? Што може да влијае на овие емоции кај нив?
  • Што сакам/ можам да направам? Што (ново) ми кажува ова за мене, за нашата релација?

Новогодишните празници се одлична можност да свртиме нов лист, во кој сите емоции ќе си го најдат местото на патот на свесен личен развој и благосостојба, која сите ја посакуваме.

За авторот:

Наташа Ивановска е Консултант за човечки ресурси и маркетинг, сертифициран обучувач и бизнис коуч. Над дваесет години искуство на менаџерски позиции специјализирани за управување со човечки ресурси, маркетинг и односи со јавност. Формално образование на Технолошкиот факултет во Скопје и постдипломски студии на Sheffield University – City College of Thessaloniki. Од 2012, Ивановска има престижна специјализација за коучинг на програмата „Art and Science of Coaching“ (TASC) при Ериксон Коучинг Колеџот од Канада. Има државен сертификат за обучувач на возрасни и за обучувач на обучувачи за возрасни. Други поважни квалификации опфаќаат: сертификација за Мастер обучувач за методологијата на Core Strengths, DISC консултант, Сертифициран меѓународен фасилитатор за кариерен развој (Global Career Development Facilitator GCDF), Сертификат за Бизнис Коучинг на Нобл Менхентен Коучинг од Англија, Сертификација за KPI – Kлучни индикатори за учинок на KPI Institute, Австралија.Клучна експертиза има за организациски развој на компании преку воспоставување процеси и системи за работа со човечкиот капитал за постигнување на бизнис целите и овозможување одржлив развој. Од 2011 е основач на консултантската агенција INSIGHT Group, www.insight.mk чие водечко мото е: „Го развиваме вашиот внатрешен потенцијал“

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...