HR-от е чудесна професија во која не постојат „застарени правила“

од 24HR

Интервју со Игор Блажевски – доскорешен професор по македонски и англиски јазик и диџеј во слободно време кој од неодамна влезе во чудесниот свет на човечките ресурси.

За нашиот денешен соговорник дознавме неодамна кога ја споделивме неговата уникатна приказна за чудесниот пат во светот на човечките ресурси. За потсетување, станува збор за Игор Блажевски кој од позиција на професор по македонски и англиски јазик и диџеј во слободно време, успеа да започне кариера во човечки ресурси. И бидејќи сме сигурни дека неговата приказна ќе инспирира многумина други да го направат истото, решивме последното интервју во рубриката Љубов кон HR на 24HR да биде токму со Игор и неговата приказна за љубовта кон човечките ресурси.

Кој е Игор Блажевски?

Игор е млад човек, со ведар и насмеан лик, кој секој ден го исполнува со дружба со своите другари и пријатели, а кои ги има во голем број. Вљубеник е во музиката и од таму неговото хоби да се занимава со диџејство кое и прерасна од поодамна до извесен период и во негова слободна професија. По струка е наставник по македонски и англиски јазик.

Во сите ситуации кога бил вработен како наставник, неговото мото е пред се, другарство, насмевка и блискост со учениците, а потоа и од таму леснотијата да ги научи она за што и тој го научил во своите студентски денови.

Во моментов Игор е веќе неколку месеци менаџер за човечки ресурси, звање кое од срце и со полн елан го прифаќа, пред се заради неговата способност за комуникација со луѓето, а потоа и желбата за пронаоѓање на нивните квалитети за работните обврски кои им се нудат од компанијата во која е ангажиран.

Што е тоа што ве натера да се вљубите во човечките ресурси?

Комуникацијата и единствено таа комуникација која открива секакви карактери на личности со кои контактирам. Мојот пристап кон сите нив, иако повеќето од нив се непознати, со кои сакам да им доловам на максимален начин едно ново поле на интернет маркетинг. Велам ново, затоа што и навистина вакво нешто е новина, посебно во нашиот град, па и држава. Сакам пред се да ги запознавам со оваа дејност, едноставно со евентуално нивните обврски кои би ги имале доколку и тие станат дел од оваа компанија во иднина. Го имам и го чувствувам тоа посебно задоволство да ги пронајдам идните вработени и посебно, ја издвојувам мојата исполнетост кога избраните ќе почнат да покажуваат квалитети и изненадувачки резултати уште на самиот почеток.

Од каде започнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Сосема случајно, кога се дружиш со пријатели од кои црпиш некои новитети, како и од некои личности кои штотуку се вработиле во компанијата и нивното воодушевување пред се од пристапот на одговорните лица, начинот на работа и исполнувањето на работните обврски и кога во нивните очи гледаш некој позитивен ентузијазам, едноставно сето тоа ме навлече и јас да се заинтересирам. Како што е вообичаено, професионален разговор во кој се запознаваш и ти се откриваат идеите на компанијата и прекрасниот однос на менаџерката. Не ми требаше многу време да размислувам, веќе се гледав како дел од тој тим и од срце ја прифатив задачата која ми се понуди. Не сум долго на оваа патека, но во однос на кариера, сепак можам со сигурност да кажам дека единствено гледам само нагорен пат по истата.

Дали постои некое достигнување на кое сте особено горди?

Како почетник, слободно можам да кажам дека висината на моите достигнувања допрва ќе доаѓа и колку е таа погоре и погоре, подготвен сум да ги стигнувам етапа по етапа. Засега иако почетно, но сепак значајно достигнување е, како што веќе споменав, пронаоѓањето на сите оние нови вработени во кои навистина видов но и гледам една поттикнувачка сила во нивната успешност и напредок на професионален план.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?

Убава можност за запознавање на луѓе, нивни карактери, впивање на секоја умна идеа создадена од нив, пренасочување на ново научено кон останатите. Во оваа професија има движење, дружење, постојано учење, развивање на толеранција, симпатии и соочувствување со останатите во тимот. И сето тоа ако го имате и ви „влезе под кожа“ само ќе сакате уште повеќе да го развивате. Уште поинтересно е што оваа професија е секогаш пропратена со нешто ново, затоа што и самата дејност на компанијата го бара она новото, она што е во моментот и она што во иднина ќе биде тренд.  За младите треба посебно да биде привлечно, бидејќи сте секогаш во движење, не постојат оние застарени правила на точно одредено работно вереме од-до, задолжителното седење во канцеларија за да ги исполните работните обврски, слобода на движење во места и во кругови каде ќе имате сенс дека и таму ќе пронајдете уште нови кандидати за во вашиот тим.

Што мислите за порталот 24HR?

Како и за секоја област, и тоа како беше потребен портал и за оваа. Читајќи ве читателите, ќе научат многу. Ова е местото каде ние со ваква професија ќе се пронајдеме, ќе ги зголемуваме нашите хоризонти, но и секако меѓу нас ќе споделиме нешто наше, ваше, нивно. Портал за соработка и зближување на сите оние кои ја имаат HR професијата и сакаат да станат дел од неа.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...