Како до правилна одлука преку SWOT анализа

од 24HR

Ивана Кајеска е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија

Кога станува збор за значајни промени во вашиот живот, истото вклучува собирање на многу информации, размислување и анализирање. Тоа го правиме со цел донесување на правилна одлука и избегнување на непредвидливите грешки кога се наоѓаме на крстосница за одлуки.

            Историјата на SWOT анализата започнува во 1960 год. во Истражувачкиот институт Стенфорд (Stanford Research Institute), каде Алберт Хемфри (Albert S. Humphrey) и неговиот тим создале матрица за идентификување и анализа на силните и слабите страни, можностите и заканите на една компанија. Главната цел била да се зголеми свесноста за факторите кои придонесуваат за донесување на одлука или воспоставување на некоја стратегија. Иницијално, матрицата била именувана како SOFT (Satisfactory, Opportunity, Fault, Threat), за подоцна преименувањето во SWOT да се покаже како поверодостојно за употреба во различните оддели во организацијата, но и да се применува лично за себе, за себеспознавање, за донесување одлука и постигување на замислената цел.

            Пред да се започне со примена, секако, најважно е да се дефинира целта и да се осмисли начин или стратегија како да се започне со нејзино постигнување.

            Накратко, SWOT анализата е акроним од Strengths, Weaknesses, Opportunities, Threats, каде првите две наведени се интерни фактори, а останатите две се екстерни фактори. Со помош на оваа анализа или матрица, многу полесно може да се донесе одлука за следните чекори кои ги планираме и создава визуелна претстава за сегашниот момент во кој се наоѓаме. Секако овој тип на анализа иако претежно е наменет и користен во компаниите и истиот има многу важна улога, многу едноставно може да ја примениме и за самите себе.

Личната анализа е метод за индивидуална проценка и може да се направи во било која фаза од животот, без разлика дали станува збор за себе-подобрување, одлука за образование, промена на кариера и сл.

            Како да направиме лична SWOT анализа?

            Најпрво со поголеми букви напишете ја вашата лична цел. Потоа, направете дијаграм од четири квадрати со еднаква големина, кои ќе ги именувате според горенаведените наслови, секој поединечно.

            Квадрат бр. 1 – Силни страни (интерен фактор)

            Во овој квадрат потребно е да наведете што е она во кое сте многу добри (секако се сé однесува на претходно поставената цел, не правете отстапки кои не се поврзани со истата), потоа кои предности ги имате, со какви валидни средства и ресурси располагате. Нескромно напишете ги вашите силни страни, но исклучиво бидете објективни кон себе, на пример кои лични фактори ви помогнале да остварите успех. Силните страни нека ви станат навика.

            Квадрат бр.2 – Слаби страни (интерен фактор)

         Препознајте ги и прифатете ги вашите слабости, тие се дел од вас и ве прават посебни како индивидуа. Наведете што можете да направите подобро или во што сметате дека не сте доволно добри, за што сте биле искритикувани или ранливи, каде чувствувате дека немате доволно самодоверба, кои се вашите недостатоци. Одлучете дали ви е потребен дополнителен тренинг или пракса и работете на нив. Во ниеден случај не се обесхрабрувајте, бидејќи како што рекол Гордон Хестер – „Да бидеш свесен за своите слабости, може да биде твојата најсилна страна“.

            Квадрат бр. 3 – Можности (екстерен фактор)

            Списокот на можности ви помага да ги одредите ресурсите или шансите што ве водат до остварување на вашата цел. Поставете си прашања: Како моите вештини може да ја совладаат потребата за остварување на целта? Која можност е вистинската во овој момент? Тие се однесуваат на позитивните фактори кои би можеле да ве издвојат од конкуренцијата и преку нив можете да се заштитите од заканите.

            Квадрат бр.4 – Закани (екстерен фактор)

            Напишете, според вас, на рационално ниво, кои се можните препреки кои би направиле блокада во постигнување на целта, што може да загубите, дали ќе донесе значајна промена за вас. Врз основа на претходно напишаните силни и слаби страни, размислете дали ќе можете да ги совладате потенцијалните закани.

Што е важно што треба да знаете за SWOT анализата?

– Секогаш држете се прецизно до поентата во секој квадрат, премногу или премалку информации во било кој од нив, може да доведе до искривена перцепција и да ве насочи кон донесување на погрешна одлука.

– Препорачливо е да ја споделите анализата со некој кој ве познава и кој ќе може да даде фидбек за она што е напишано, но внимавајте, доколку ви дава дополнителни предлози, предложете тие да бидат засновани на факти, а не интуитивно.

– Имајте ја на ум СЕКОГАШ само вашата основна цел.

– Откако ќе воочите кои од квадратите преовладуваат, организирајте ги резултатите од анализата во редослед од најважни кон најмалку важни.

– Направениот дијаграм направете го лесно-достапен за вас, бидејќи потребно е после одредено време (Пр. три месеци, пола година или година), да го надополнувате, модификувате и да следите напредок, со цел да воочите дали сте на вистинскиот пат. Не дозволувајте да стагнира, бидејќи не е доволно самото донесување на одлуката.

За авторот:

Ивана Кајеска е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија, со 5 годишно искуство како полициски службеник и аналитичар за статистичко истражување и документирање,во Министерството за внатрешни работи.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...