Креирање кариерен пат на вработените и зошто е важно за организацијата

од 24HR

Колумна на Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude

Кариерeн пат претставува персонализиран патоказ креиран за да им помогне на вработените да ги постигнат нивните професионални цели. Обично се состои од краткорочни и долгорочни цели поврзани со моменталната улога, нивните идни амбиции, специфичните силни и слаби страни на секој вработен и барањата кои ги има самата организација.

Персонализираната природа на кариерниот пат на секој вработен е еден од клучните фактори за нивниот успех. Вработените треба да знаат каде се движат од моментот кога ќе влезат во вашата организација. Уште во периодот на приклучување на новиот вработен во организацијата потребно е да го определиме нивното професионално движење и редовно да проверуваме за да го процениме напредокот во кариерата или можеби ќе треба да се направи промена на плановите. Креирањето на кариерен пат никогаш не треба да биде стратегија која ќе се постави а потоа заборави, туку тековен процес што повторно ќе го разгледувате, преоценувате и ревидирате по потреба.

Секој вработен е уникатен, со различни вештини, силни и слаби страни и потенцијали во бизнисот како и други желби и потреби од неговиот професионален живот. Поради тоа организациите потребно е да соработуваат со вработените за да дизајнираат план за развој на кариерата од кој ќе имаат бенефит двете страни.

Придобивки од креирање на кариерен пат на вработените

● Ангажирање на вработените.

Денешната работна сила сака да има напредок лично и професионално на своето работно место. Поставениот кариерен пат и активностите кои ќе произлезат од него ќе им овозможи на вработените да научат повеќе, да ги зголемат сопствените компетенции и јасно да ја видат нивната вредност во компанијата, што доведува до подобар целокупен ангажман.

● Зголемена продуктивност.

Иницијативите кои го поддржуваат растот, развојот и благосостојбата на вработените придонесуваат за подигнување и забрзување на компанијата како целина. Ангажираните вработени кои ја сакаат својата работа имаат голем број позитивни ефекти врз организација – од помало отсуство од работа до зголемена продуктивност.

● Помага при привлекување таленти.

Секој сака да напредува во својата професија. Кандидатите за работната позиција, особено ако сакаме да привлечеме таленти, дефинитивно сакаат да слушнат за можностите кои ги нудиме (обука, предизвикувачки проекти) кои ќе се усогласуваат со нивните долгорочни цели во кариерата. Добро дефинираниот патоказ за напредување во кариерата им покажува на потенцијалните кандидати како можат да градат кариера во вашата компанија. На тој начин сте показател за компанија која е посветена на напредувањето во кариерата и иднината на своите вработени.

● Задржување на вработените.

Честа причина зошто вработените ја напуштаат компанијата е недостатокот на можности за напредување. Кога организацијата не потикнува разговори, грижа и активности за кариерното движење на вработениот може да предизвика ризик од нивни поголем обрт. Јасниот потенцијал за раст им обезбедува на вработените насока кон која ќе се стремат секој ден и им дава причина да останат во вашата организација.

● Планирање на сукцесија.

Кога имаме воспоставено пат за професиналното движење на вработените тоа може да и помогне на организацијата да се подготви за иднината со тоа што ќе го има вистинскиот член кога ќе е потребно да се пополни отворена улога. Ни овозможува да се идентификуваат потенцијалните лидери и да се даде поддшка за развој на вештините во неговата кариера.

Кога вработените имаат патоказ за нивното напредување во кариерата, тие добиваат поголема доверба во својата работа, работодавец и иднина. Со заземање интерес за кариерниот пат на вработените негувате култура на постојана поддршка и учење што создава ангажиран и мотивиран работник а од друга страна тоа влијае и на подигнување и забрзување на компанијата како целина.

Иницијативите што ги превземаат работодавците за кариерниот пат на нивните вработените е еден од начините да ги задржат што е можно подолго бидејќи имаме динамичен пазар на труд каде можат да се движат од една компанија во друга – а клучот треба да е обезбедувањето врвно искуство на вработените. Исто, придонесува и да се привлечат исклучителни кандидати кои потоа можат да дадат значаен придонес во организацијата.

Недостатокот на ценење, недостатокот на можности за учење и развој, како и недоволните можности за напредување се меѓу главните причини зошто некои вработени може да планираат да заминат. Разговорите за кариерниот пат и превземањето активности можат да ги решат овие прашања со препознавање на вработените и нивните придонеси како и со поддршка во нивните посакувани области за раст и развој.

За авторот:

Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude. Водена од мотивот за поврзување на поединци со вистинските можности каде што може да напредуваат и да имаат професионално исполнување.

Дипломиран психолог при Филозофскиот факултет во Скопје, насочена кон важноста на личниот и професионален раст и развој.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...