Механизми за справување со токсично работно опкружување

од 24HR

Колумна на м-р Јасмина Лескаровска-Советник за управување со човечки ресурси

Денеска се почесто се среќаваат луѓе кои се незадоволни од работата. Па поради тоа, комбинацијата од здравото работно опкружување и добрата работа може слободно да се смета за вистинско богатство. Повеќето од поединците во работениот век ја вкусиле токсичноста на нивните работни места. Многумина од нив се преоптоварени со професионални обврски и со крајни маки се обидуваат да изнајдат некаков баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Токсична работна средина е онаа каде што негативното, антагонистичкото или насилничкото однесување се впива во самата организациска култура. Во токсична работна средина, вработените се под стрес, комуникацијата е ограничена, културата на обвинување е распространета, а луѓето се наградуваат (премолчено или експлицитно) за неетички, штетни или непријатни ставови и постапки. Во таквата работна атмосфера вработените стануваат демотивирани, летаргични и амбивалентни.

Таквата работна средина повеќе отколку што можете да замислите може буквално да го „отруе“ вашиот личен живот и да предизвика повеќе ментални и емоционални превирања. Почнувајќи од негативните соработници, колегите озборувачи, суетноста на највисокото раководство, недостатокот на бенефиции и права, неможноста да напредувате и неможноста за проактивност и иницијативност во работата. Најчесто во таквата работна средина, менаџерите често покажуваат знаци на фаворизирање, наградување на одредени поединци (често посериозни, макијавелистички типови) за правење сè што е потребно за да се добијат резултати, без оглед на човечките последици од нивните постапки.

Бидејќи е потребно време да се најде нова работа и не можете веднаш да се оддалечите од оваа тешка ситуација, пред вас е вистински предизвик кој има една единствена цел, а тоа е  изнаоѓање на механизми за справување со оваа дисфункционална состојба.

  • Пред се од особено значење е да најдете луѓе кои се чувствуваат исто како и вие. Развијте пријателства со луѓе кои се чувствуваат исто како вас. Потпрете се на луѓето на кои им верувате, за да ви помогнат да го пребродите овој тежок период. Иако може да има многу негативности на работното место, обидете се да најдете позитивни колеги кои можат да ви го подигнат расположението и да ви помогнат да се чувствувате помалку изолирани.
  • Поставете граници: Важно е да воспоставите јасни граници и да се држите до нив. Одлучете што сте и што не сте подготвени да толерирате, и споделето го вашиот став на вашите соработници или претпоставени.
  • Воведувањето на спортско- рекреативните содржини по работното време значително ќе го намали акумулираниот дневен срес. Клучот е во тоа да живеете исполнет живот надвор од работата за да се изборите со секојдневната драмата од 08:00-16:00 часот.
  • Правете список на вашите дневни обврски. Списокот може да ви помогне да останете фокусирани на вашите работни задачи наместо на токсичната атмосфера, и воедно ви дава причина да продолжите понатака.
  • Превземете акција за да ја контролирате ситуацијата. Кога сте „во акција“, многу потешко е да се чувствувате загрижено или беспомошно. На пример, ако одлучите дека е време да започнете да барате нова работа, морате да бидете крајно дискретни, бидејќи менаџерите можеби нема да бидат задоволни од фактот дека барате нова работа.

Запомнете дека вие не сте  вашата работа!

Премногу тесното поврзување и идентификување на вашиот идентитет со работата може да биде исклучително опасно. Важно е да запомните дека вашата кариера не ве дефинира вас. Една од причините е тоа што ако го врзете вашиот идентитет со вашата работа, успесите и неуспесите што ги доживувате директно ќе влијаат на вашата самопочит. Наместо тоа, прецизно посочете ги работите кои навистина ви значат и чувајте ги во првите редови на вашиот работен живот.

Токсичноста на работното место не само што е во пораст, туку е и многу штетна за менталната, физичката и емоционалната благосостојба на вработените. Не чекајте ситуацијата да ескалира до точка што ќе доживеете стрес, депресија и крајна исцрпеност. Наместо тоа, користете ги овие механизми и насочете ја својата енергија кон наоѓање нова улога во средина каде што се чувствувате ценети и поддржани.

Секој од нас заслужува да работи во безбедна и здрава работна средина. Не двоумете се да преземете акција за да ја заштитите вашата благосостојба.

За авторот:

м-р. Јасмина Лескаровска

Советник за управување со човечки ресурси

“Кога ќе ја најдете работата што ја сакате, тогаш не морате да работите ниту еден ден во животот“

0 коментар
8

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...