Mind Mapping: тајната алатка на успешните во остварувањето на целите

од 24HR

Колумна на Ивана Кајеска – дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија

Во моментов се наоѓаме во идеалниот период од годината во кој главна улога игра ентузијазмот за промени и нови нешта. Без разлика на каква промена целиме, секоја ќе придонесе за и развој и раст на нашата личност.

Еден од најдобрите начини да се пристапи кон нов почеток е стремежот да се фокусираме на себе-подобрување. Ова може да вклучи поставување цели за себе, без разлика дали се поврзани со кариерата, личните односи или физичкото здравје. Со поставување на конкретни, остварливи цели, може да се креира патоказ за себе и да се добие чувство дека целта е постигната дури и кога сѐ уште се работи на нејзино исполнување. За да се фокусирате на себе-подобрување, потребно е да одвоите време да размислите за тоа што сакате во животот и кои чекори треба да ги преземете за да стигнете до целта, но што ако се чувствувате несигурни и не знаете од каде да започнете? Како да направите unlock на вашиот потенцијал и истиот да го употребите?

Што е Mind mapping?

Mind mapping е моќна алатка за организирање и визуелизирање на идеи. Претставува дијаграм кој содржи идеи, концепти, задачи или цели кои се меѓусебно поврзани. Помага јасно да ја гледате вашата цел, каде со примена на редукционизам, ќе размислувате за нови, сродни и помали идеи кои ќе бидат линиски поврзани со центарот (целта / идејата).

Постојат повеќе успешни приказни за употребата на оваа алатка, а една од нив е на Тони Робинс (Tony Robbins) – светски познат мотивациски говорник, автор и life coach, кој во едно интервју говори дека применувал mind mapping, бидејќи му помага да мисли креативно и да донесува подобри одлуки. Особено се покажала корисна за планирање и организирање на времето, на тој начин што секој месец правел нова мапа во која ги наведувал своите приоритети и задачи што треба да ги заврши и така останувал фокусиран и успевал да постигне повеќе за помалку време.

За да креирате mind map, потребни ви се само лист и пенкало или можете да изберете и дигитална верзија.
 Еве како да ја изработите чекор по чекор:

1. Одлучете се за главна идеја која ќе биде водечка и ќе биде фокусот на мапата. Ова ќе биде почетната точка и сите други идеи ќе произлегуваат и ќе бидат поврзани со неа.

2. На средина на листот запишете ја идејата и нацртајте круг околу неа.

3. Идентификувајте под-идеи кои ќе бидат поврзани со централна идеја, а потоа секоја под-идеја дополнително развивајте ја со нови.

4. Продолжете да ги поврзувате под-идеите по потреба, се дур не добиете комплетна визуелна застапеност на идејата.

5. Бидете креативни! Користете бои, слики и други визуелни елементи кои ќе ви помогнат да ја разјасните и организирате вашата мапа.

6. По потреба, направете какви било промени или дополнувања што сметате дека се неопходни.

Важно е да се напомене дека mind mapping-от е наменет да биде флексибилен, така што суштината е да ги долови вашите идеи и врските меѓу нив, а не да креирате совршено структуриран дијаграм.

Бенефитите од правење на овој вид мапа е тоа што помага јасно да се види идејата и да се задржи во нашата потсвест. Со самата визуелизација на конекциите помеѓу под-идеите, може многу лесно да се воочи како тие се вклопуваат една со друга, што всушност прави да биде лесно за помнење. Затоа е препорачлива да се користи за учење на нови вештини, бидејќи одлично ќе ве насочи како подобро да ги разберете и запомните сложените информации. Доколку пак правите презентација или имате на ум нов проект, ќе ви помогне јасно и децидно да ги презентирате вашите идеи.

Оваа техника доста често се користи и во компаниите кога е потребно да се направи brainstorming или да се реши проблем. Од голема корист е и за оние кои работат во човечки ресурси, токму поради широката примена, од организирање идеи за опис на работни места, прашања за интервју и критериуми за оценување, па се до следење на прогресот, подобрување на развојот, перформансите на своите вработени и давање фидбек.

Со примена на оваа алатка, која е многу едноставна за користење, се посветуваме на себе на еден креативен, несекојдневен начин кој ќе направи истото да премине во навика. Значи, ако сте подготвени да ја преземете контролата врз вашиот живот и да постигнете значаен напредок, обидете се во вашата рутина да вклучите буквално мапирање на умот. Можеби тоа е единствениот дел од сложувалката што недостасува до остварување на целта.

За авторот:

Ивана Кајеска е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија, со 5 годишно искуство како полициски службеник и аналитичар за статистичко истражување и документирање,во Министерството за внатрешни работи.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...