Мирно решавање на работните спорови

од 24HR

Колумна на Билјана Чкламовска – Legal / HR / Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија.

Темата што ја отварам е за жал прилично непозната за јавноста, а е многу интерерсна и исклучително значајна  трикратно:

– како за работниците, односно за обезбедување на поголема и посилна заштита на нивните права од работен однос и за подигнување на нивото на социјална сигурност,

– така и за работодавачите  бидејќи е ефикасен  механизам за заштита од судски спорови

– и на глобално ниво за државата – за унапредување на демократијата и човековите права во областа на трудот.

Опасноста од поведување работен спор  за репутацијата на компанијата

Секој компанија што гради и негува имиџ на Бренд работодавач, односно посакуван работодавач кој има поголеми можности да вработува најдобри кандидати, таленти, нема да си дозволи нејзин вработен да поведе судска постапка за ускратено право од работен однос, бидејќи добриот глас надалеку се слуша, a лошиот уште подалеку.

Градењето на добрата репутација значи градење политика на среќни вработени, недозволивост на појава на ,,М” од мобинг во компанијата, и спречување името на компанијата да се провлекува по судски процеси, или што е уште пострашно, по медиуми за неа да се појават текстови со негативна конотација.

Кој го шири гласот? Луѓето. Чија работа е регрутирањето на нови вработени, управувањето со луѓе,  справувањето со конфликти, задржување на вработени?  На XР-Секторот. Затоа драги мои ,,ејчаровци” размислете добро. Дали сакате вашите одлуки дабидат оспорувани со приговори и тужби и со години да се малтретирате по судски рочишта? Не е ли подобро решение спорот да се реши мирно, бргу и ефикасно, да остане внатре во компанијата, наместо да се вадат валканите алишта на виделина.

Несомнено е дека бројот на поведени судски постапки по основ на работен однос е голем , но со оглед на тоа во која мера се кршат работничките права, во нашава земја,    најодговорно  тврдам,  бидејќи оние што ме познаваат знаат дека имам и  долгогодишно искуство како синдикален советник и добро ја познавам положбата во која се наоѓаат нашите работници и во приватниот и во државниот сектор,  дека тој број би бил барем три пати поголем, кога работниците би имале финансиска можност за водење судски постапки,  кога кај нив би не би постоел страв од моќни луѓе и кога би имале поголема доверба во судскиот систем.

Улогата на ХР Секторот во мирното решавање на работните спорови е клучна

Една од должностите на добар менаџер за управување со човечки ресурси,  е да биде и ,,адвокат на вработените”. Како адвокат или застапник на вработен, Менаџерот за човечки ресурси игра интегрална улога во организацискиот успех  и застапување на луѓето. Ова застапување вклучува експертиза за тоа како да се создаде работна средина во која луѓето ќе  бидат среќни и мотивирани да придонесуваат кон заедничките цели, што подразбира, меѓу другото,  да има развиено вештината навремено да ги предвидува ризиците, и со брза реакција да се справи со  конфликтите и да ги спречи можните последици.

Доколку Секторот за човечки ресурси има воспоставено систем за управување со ризици, преку перформанс менаџмент, (редовно мерење на задоволството и учинокот на вработените, анкети и ако е можно со непосредни разговори, излезни интервјуа), тогаш тој ќе може навреме го детектира конфликтот и да не дозволи тој да стане проблем што треба да го реши, туку предизвик кој лесно може да се надмине со брза и правилна интервенција. За секоја компанија е подобро внатрешните несогласувања да бидат решени внатре, на конструктивен начин, отколку да валканите алишта да се изнесуваат на виделина.

Е токму тука се бара препознавање на законската можност за мирното решавање на спорови и спречување проблемот да ескалира и да прерасне во судски спор.

Во судскиот спор компанијата и кога добива – губи. А кога губи губи многу.

Прво и основно, губи време и енергија во докажување, бидејќи во работен спор товарот на докажување паќа врз работодавачот, губи пари, плаќајќи тарифи за адвокати, и судски такси, а ако го изгуби спорот, треба да ги плати сите заостанати плати, придонеси, судски трошоци и надомест на штета, а во секој случај го губи најважното –добриот глас,  ја губи  репутацијата на посакуван работодавач.

Судскиот спор, според мене, е бојно поле, каде што страните се напаѓаат немилосрдно меѓусебе, со сите  можни средства, се изнесуваат и вистини и валкани невистини и таму нема победници и губитници. На ваков или онаков начин сите губат, а победaтa секогаш е ,,Пировa”, со огромни жртви.

Предноста на мирното, вонсудско решавање на спорови во однос на судското решавање е многукратна

Најважно од се е што мирното решавање на спорот е од заеднички интерес за обете страни бидејќи се штеди и време и пари, бидејќи:

  • Поведувањето на постапката е бесплатно за двете страни;
  • Постапката е брза, бидејќи со законот се определуваат кратки рокови;
  • Решавањето на спорот е непристрасно, бидејќи помирувачот/арбитерот треба да  биде определен со взаемна согласност од двете страни во спорот;

Затоа апелирам до сите мои колеги да се вклучат активно во процесот на промовирање на мирното решавање на работни спорови, да ја применуваат што почесто оваа постапка и да бидат внимателни, да не дозволат работник да си оди незадоволен од компанијата, а уште помалку истиот да поведе судски спор. Секој незадоволен работник проширува лош глас, а нашата земја е мала, сите се знаат меѓусебе, лошиот глас се шири многу побргу од добриот. Ако сте граделе имиџ на добар работодавач со години, еден судски спор може да ви го сруши имиџот како кула од карти, а враќањето да биде тешко, па дури и невозможно.

За авторот:

Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...