Почетоците во А1 Македонија се уникатно искуство за секој нов вработен

од 24HR

Интервју со Драгана Стојановска, Помлад специјалист за аквизиција на вработени во А1 Македонија

Почетокот на ново работно место, во нова компанија и со нови луѓе, е исклучително важен и предизвикувачки период за секој вработен. Подготвеноста на компаниите да го поткрепат овој процес и да креираат средина која обезбедува поддршка за сите нови колеги, ги носи чекор поблиску да бидат посакуван работодавач. А1 Македонија, како компанија која е свесна за ова, обрнува посебно внимание на првичните искуства на вработените, а од неодамна и започна со една нова HR иницијатива преку која ги мотивира вработените да зборуваат за своите почетоци во компанијата. Денес, на 24HR, разговараме со Драгана Стојановска, Помлад специјалист за аквизиција на вработени во А1 Македонија која ќе ни открие нешто повеќе за раѓањето на иницијативата Мојот прв месец во А1.

Мојот прв месец во А1 е дел од содржините кои се пласираат на HR блогот на А1 Македонија. Кажи ни нешто повеќе за тоа?

Секој почеток претставува предизвик, особено кога започнуваме нова работа и стануваме дел од нова средина со нови компаниски вредности. Негуваме култура на отворена комуникација, па оттука искуствата и првите почетоци на нашите колеги се инспирација за нашиот HR блог. Осознаваме како им се допаѓа начинот на работа, просториите, работната атмосфера и секако организациската култура. Најважно од се, сакаме новите колеги да се чувствуваат добредојдено и да знаат дека нивниот глас е слушнат и вреднуван.

Каков беше твојот прв месец во А1 Македонија и што најмногу ти остави впечаток?

Мојот прв месец како дел од А1 Македонија беше доста динамичен. Ова беше нов предизвик за мене, но и можност да се надоградам  на професионално ниво, да се стекнам со нови вештини и да ја искусам работата во корпоративна средина. Особено задоволство ми претставува тоа што како дел од Одделот за човечки ресурси имам шанса да ја искажам својата креативност, да истражувам нови трендови и да споделам свои идеи, бидејќи се работи за динамична и енергична средина. Она што ми остави најголем впечаток беше континуитетот на учење и огромниот број на обуки, курсеви и академии коишто ни се достапни за постојано да се подобруваме и да ги збогатуваме нашите знаења и компетенции.

Дали можеш да издвоиш три работи по кои онбордирањето во А1 Македонија се разликува во однос на истиот процес во другите компании?

Би издвоила повеќе од три. Првото нешто што би го спомнала е HR кафето со новите вработени. Ова е настан кој се одржува секој месец, а целта е да се запознаеме меѓу себе во една пријатна, неформална атмосфера, да зборуваме за своите искуства, експертиза и секако, да изградиме релации помеѓу новите и постоечките колеги. Тука би ја спомнала повторно рубриката Мојот прв месец во А1 Македонија, интерна HR практика каде новите колеги ги споделуваат своите први впечатоци преку компанискиот портал како и на нашиот HR Блог и на социјалните мрежи. Почетоците се доволно предизвикувачки сами по себе, па затоа ние правиме сѐ во насока на топлото добредојде на сите нови колеги за тие да се чувствуваат поудобно во новата средина. Таа тенденција е изразена преку транспарентна комуникација до сите колеги и упатствата кои ги добиваат на прв ден со сите корисни информации за најлесен и прилагодлив онбординг поврзани со алатки за работа, платформи за учење, вредности на компанијата и организациска култура.

Дали вработените во А1 Македонија сакаат да зборуваат за своите почетоци во компанијата?

Моето искуство е позитивно за сите досегашни приказни како дел од оваа рубрика. Се трудиме нашите блогови да имаат диверзитет во поглед на оддел, експертиза, работна позиција, разнолични искуства за коишто можете да прочитате повеќе на HR блогот https://jobs.a1.com/mk/a1-hr-blog/.

Дали сметаш дека автентичните приказни на вработените се во сржта на брендирањето како посакуван работодавач?

Апсолутно да. Сметам дека самиот тим е сликата на една компанија и не постои подобар брендинг од среќен и ценет член на тимот кој сака да го сподели ова свое позитивно искуство.

Што уште ќе читаме во HR блогот на А1 Македонија?

Ги следиме сите трендови и новитети што нѐ водат чекор поблиску до тоа да бидеме посакуван работодавач на пазарот, а секогаш сме љубопитни и храбри да ги инкорпорираме истите во нашето работење. Со задоволство и во иднина ќе ги споделуваме овие успешни приказни со сите вас преку HR блогот.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...