„Супер моќите“ на регрутерот

од 24HR

Колумна на Анета Дуданова – Специјалист за регрутација и Employer Branding во Нептун Македонија.

Моќта на регрутерот лежи во добрата проценка на луѓе, креирањето тимови и поставувањето на вистинските луѓе на вистински позиции,  што е од суштинско значење за секоја организација и за секој бизнис.

Како регрутер со  долгогодишно искуство, со повеќе од 3000 спроведени интервјуа и повеќе од 500 вработувања,  би сакала да издвојам дел од вообичаените и не толку вообичаени предизвици што ги носи самата професија со кои верувам дека се соочил секој искусен регрутер, а за што се потребни „супер моќи“😊

Потребен ни е нов вработен за „вчера“

Ургентноста и притисокот за што побрзо пополнување на отворените позиции стана секојдневие на регрутерите, поради самата динамичност на бизнисите и сѐ поголемите барања на глобалниот пазар на труд. Компаниите не можат да си дозволат да останат без вработен на позиција која што е движечка сила за бизнисот бидејќи периодот без вработен може многу да ја чини компанијата. Има ситуации кога вработениот заминува од компанијата без да го испочитува отказниот период и тогаш регрутерот е на „мака“ да најде соодветен кандидат во многу краток рок.

Но, за среќа, регрутерот со своите „супер моќи“ ги активира сите можни стратегии за да ја заврши задачата. Ја истражува својата база на кандидати, ги ангажира за помош своите приватни како и професионални конекции, објавува оглас, веднаш стапува во контакт со апликантите, ја споделува информацијата на социјалните медиуми за што поголема видливост, ги истражува сите канали каде што би можело да има достапни кандидати. Креативноста, истражувачките моќи, упорноста, но и широката мрежа на контакти можат многу да ни помогнат.

Голем одзив на кандидати, но без бараните квалификации

Пресреќни сте кога ќе видите преполно сандаче со апликанти и верувате дека лесно ќе ја затворите позицијата, но кога ќе почнете со скрининг на CV-јата сфаќате дека едвај 10% од кандидатите можете да ги префрлите во следната фаза. Многу често се случува кандидатите кои аплицираат да не исполнуваат ниту минимум од бараните квалификации и тогаш претпоставувате дека тие кандидати воопшто и не го прочитале огласот. Кандидатите кои испраќаат биографии на сите огласи колку само да испратат, кога ќе ги побарате за интервју интересно е што воопшто не знаат каде аплицирале, ниту пак за која позиција. Па така, регрутерот ќе изгуби драгоцено време додека ги објасни сите детали. Потребна е трпеливост, смиреност и добра комуникација.

Голем број активни огласи во исто време

Сигурно ви се случило во исто време  или во краток рок да добиете повеќе барања за нови вработувања. Имало периоди кога сме имале дури по десет па и повеќе различни позиции за пополнување, што создава голем притисок и блага паника кај регрутерот.  Нашата задача е да останеме прибрани и стабилни, најпрво да ги разбереме сите барани профили и специфики на секоја една позиција и да разработиме стратегија, при што способноста за мултитаскинг во вакви ситуации е неопходна. Потоа поставуваме приоритети и задолжително е правилно менаџирање со времето за да имаме успех.

Лимитиран буџет

Секоја позиција за која што регрутираме е ограничена со однапред определен буџет за плата. Во рамките на тој буџет регрутерот мора да жонглира, и да ги искористи своите преговарачки моќи, но и да направи проценка за „вредноста“ на кандидатот. Знаеме колку е тешко да се дојде до квалитетен кадар и регрутерот со сите свои сили се труди да дојде до најдобрите таленти на пазарот, но за жал, честопати компанијата не може да си ги дозволи.  Мора да направиме многу добра проценка за тоа до каде можеме да одиме со преговарањето и едноставно да се помириме со фактот дека ќе мора да одбереме просечен кандидат кој се вклопува во нашиот буџет. Или пак, да не се помириме…😊Ако сме убедени дека го имаме вистинскиот кандидат и дека истиот ќе донесе голема вредност за компанијата, тогаш мораме да се обидеме да направиме “sell-in” кај менаџментот и аргументирано да ја образложиме оправданоста на „инвестицијата“ во топ талентот.

Ова се само мал дел од секојдневните ситуации со кои се соочува регрутерот во својата работа, но за среќа со помош на посветеноста, упорноста и љубовта кон професијата успеваме да ги надминеме секојдневните предизвици и невозможните работи да ги направиме возможни.

За авторот:

Анета Дуданова е Дипломиран психолог, Специјалист за регрутација и Employer Branding во Нептун Македонија. Својата кариера ја гради во областа на регрутација и профилирање на кадри од најразлични индустрии и нивоа. Добар познавач на пазарот на трудот, со повеќе од 13 години искуство во областа. Предводена од желбата да им помага на луѓето во пронаоѓање на вистинската работата за нив и исполнување на нивните целосни потенцијали, ја води кон исполнување на својата мисија: „Вистинските луѓе на вистински позиции“.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...