Телеком е инспиративна и креативна средина за работа

од 24HR

Интервју со Симона Василевска – Talent Acquisition Specialist во Македонски Телеком. Симона е одговорна за привлекување и ангажирање на врвни таленти кои ќе го унапредат нашиот тим и организација. Со својот стратешки пристап и проактивно регрутирање, таа успешно ги привлекува најдобрите професионалци кои ќе ја водат нашата компанија кон успех.

Македонски Телеком во изминатиот период учествуваше на неколку саеми за вработување во организација на Семос, ФИНКИ, ФЕИТ, како и на последниот на Бреинстер. Како водечки телекомуникациски оператор на пазарот, познати сме како технолошки и лидер во дигиталната трансформација, како и по постојаниот стремеж кон технолошки напредок. Ние, не само што обезбедуваме врвни телекомуникациски услуги, туку и активно придонесуваме кон развојот на ИТ индустријата во земјата, а нашата компанија е отворена за сите таленти кои сакаат да бидат активни учесници во обликувањето на иднината. Горди сме на тоа што неодамна ја добивме престижната награда за Најпосакуван работодавач во категоријата на телекомуникациски оператори, што е доказ за нашата посветеност кон креирање позитивна и поддржувачка работна средина. За нашето учество на саемите за вработување и нивата важност за нас, разговараме со Симона Василевска, одговорна за Talent Acquisition во Телеком.

Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?

Како регрутер во Македонски Телеком, мојата улога е инспиративна и креативна од една страна, но и одговорна и предизвикувачка. Да се биде регрутер во компанија која е технолошки лидер на пазарот и врвен бренд, самото по себе значи одговорност да ги пронајдам и привлечам вистинските кандидати кои ќе придонесат за нашиот успех и раст.

Така, со сигурност можам да кажам дека мојата работа е навистина возбудлива и динамична! Секој ден е различен, но секогаш започнува со прегледување на отворените позиции и планирање на задачите за денот. Мојата работа вклучува пронаоѓање таленти преку различни канали, како што се социјалните мрежи и нашата база на податоци. Го поминувам денот во разговори со кандидати преку телефон и лице-в-лице интервјуа за да ги запознаам подобро и да го пронајдам најдобриот нов член во нашиот тим, кој со своите вештини, искуство, енергија ќе даде придонес во нашата компаниска култура.

Исто така, соработката е клучна, па често одржувам состаноци со лидерите на тимовите каде има потреба за вработување или пракса за да дискутираме за кандидатите и барањата за работа. Имајќи предвид дека во Македонски Телеком вложуваме во личниот и професионалниот развој, секојдневно учам нови работи преку курсеви и вебинари и учествувам на саеми за вработување за да се поврзам со млади таленти како вас.

Што е уникатно за Телеком што го издвојува од другите во индустријата?

Македонски Телеком се издвојува по тоа што сме лидери во технологијата и иновациите на пазарот. Како пионери во воведувањето најнови генерации технологија постојано инвестираме во нови услуги и дигитални решенија.

Но, она што навистина нè издвојува е нашата култура – инклузивна, поддржувачка и секогаш насочена кон развој. Секој вработен има можност да расте и да се развива и сите се чувствуваат ценети и важни. Дополнително, се гордееме со нашите иницијативи за одржливост и социјална одговорност, што значи дека се грижиме, не само за нашиот успех, туку и за заедницата и животната средина.
Истовремено, она што не прави посебни е фидбекот што го добиваме од младите, кои Македонски Телеком го истакнуваат како најдоброто школо – преку работа во Телеком се учи многу повеќе од каде било. Како дел од Дојче Телеком групацијата, соработката и поддршката од интернационални експерти, инаку наши колеги, е редовна во нашето секојдневно работење. Со нив креираме иновации од иднината, процес кој нам ни е лесно достапен и не инспирира.

Што ве мотивира да присуствувате на саеми за вработување?

Навистина сме возбудени кога станува збор за саемите за вработување! Во Македонски Телеком веруваме во негување на следната генерација технолошки професионалци и овој настан ни овозможува да се сретнеме и да комуницираме со студенти кои ја делат нашата визија за технолошки развој.

Ова е одлична можност да се сретнеме со талентирани и млади луѓе со страст за ИТ и дигитални технологии. Сакаме да запознаеме нови лица кои се подготвени да ги внесат своите свежи идеи и енергија во нашата компанија. Учеството на вакви настани, исто така, ни овозможува да го поддржиме образованието и да градиме силни врски со образовните институции и идните професионалци.

Какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата / екосистемот?

Саемите за вработување, имаат значително позитивно влијание врз ИТ индустријата и екосистемот. Тие служат како мост помеѓу студентското образование и професионалниот свет, овозможувајќи размена на знаење и идеи.

Ваквите настани помагаат компаниите да откријат свежи таленти и иновативни перспективи додека студентите добиваат вредни сознанија за очекувањата и можностите во индустријата. Ова е местото каде студентите можат да прашаат и да видат што е она што конкретно стои и се работи зад името на некоја фирма или бренд. Тука разговараме, споделуваме практики, а тоа прави разлика, верувајте. Оваа интеракција го забрзува растот на ИТ секторот и обезбедува постојан прилив на нови професионалци.


Може ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саем за вработување?

Идеалниот кандидат не е само оној што е технички компетентен туку и некој кој поседува силна страст за технологијата и континуираното учење. Треба да има солидна основа во ИТ принципите и практично искуство со дигитални алатки и програмски јазици. Дополнително, важни квалитети се и способноста за соработка и адаптација во брзо и постојано променливо опкружување. Бараме поединци кои се подготвени да придонесат за нашата мисија и да се развиваат со нас.

Не помалку важни се и енергијата, културата и начинот на размислување. Ние негуваме вредности кои не прават единствени во поглед на тоа како размислуваме и како се однесуваме секојдневно едни со други, но и како го негуваме сопствениот личен и професионален развој. Токму овие карактеристики ни се подеднакво важни, покрај оние професионалните, бидејќи секој оној кој ја поседува вистинската енергија и принципи на однесување ќе може беспрекорно да функционира во нашиот тим на професионалци и секојдневно да учи и да се развива.

Каков совет би им далa на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во Телеком на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?

Бидете свои. Покажете ја својата страст за технологијата. Истакнете ги вашите вештини и проекти кои ги демонстрираат вашите способности и креативност. Истражете ја нашата компанија и прикажете како вашите цели се усогласуваат со нашата мисија. За добар прв впечаток, бидете позитивни, професионални и колку можете посамоуверени. Бидете подготвени да дискутирате како можете да придонесете за нашиот тим и поставувајте прашања кои покажуваат дека сте љубопитни и заинтересирани. Запомнете, ние бараме потенцијал, страст за постојано учење и надоградување, иновативно размислување и желба за прифаќање нови предизвици.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...