Приватната агенција за вработување Тривити, која пред три години го збогати пазарот на труд со напредни решенија за потребите на компаниите и барателите на работа, оваа година го прославува роденденот со визуелно освежување.
„Постоечкиот брендинг го користевме во изминатите три години без никакви адаптации, бидејќи беше соодветен на она што сакавме да го комуницираме со јавноста, имајќи предвид дека нашето име, иако многу јасно ја комуницира суштината на нашата мисија, на прв поглед не упатува на решенија за оние коишто бараат работа или кадар. Сега, кога нашето портфолио е богато со сериозни успешни проекти и ја имаме довербата на луѓето, сметаме дека е време за нов и помодерен изглед, пристап и начин на комуникација кои се во чекор со светските трендови, но и соодветни на она што сме ние како тим.“ – велат од Тривити.
Од компанијата објаснуваат дека по прославата на првата година во која успешно ги пребродија предизвиците од пандемијата и втората година која им била исполнета со активности за едукација и советување на поединците и компаниите, оваа година роденденскиот месец ќе го посветат на комуникација на правецот во кој ќе се движи компанијата.
„Сакаме да внесеме малку повеќе свежина и оптимизам во сериозните теми за човечките ресурси и организацискиот дизајн и да се доближиме до јавноста како тим, бидејќи сакаме да нѐ запознаат и како личности и како професионалци кои навистина се грижат за луѓето и сакаат да го извадат најдоброто од компаниите. Најголем успех за нас е сознанието дека сме навистина добри во тоа што го работиме. Нашата награда за вложениот труд е среќата на сите луѓе на кои сме им нашле добра работа, како и на компаниите на кои сме им дале ефикасни решенија за проблемите со кои се соочуваат.“ – објаснуваат тие.
На пазарот на труд Тривити се издвојуваат по пристапот кон барањата и проблемите на клиентите. Во работата со компаниите имаат индивидуален пристап во кој најпрвин инвестираат време за разбирање на потребите преку длабински анализи за да можат да го изберат најдобриот начин за нивно решение. Во рамки на услугите за компании нудат решенија за управување со човечки капитал, организациски дизајн, стратешко и бизнис планирање, менторство за развој на специфични лидерски вештини и развојни бизнис можности, како и посебно подготвени едукативни програми, целосно прилагодени и структуирани според посебните потреби и очекувања на клиентот.
А кога станува збор за луѓето кои бараат работа, фокусот го ставаат на прецизно профилирање на нивните бихевиорални компетенции за да можат да им најдат работа соодветна на нивните вештини и знаења.
Едукацијата е посебна пасија за тимот на Тривити, од која се родија Тривити Активатор – прирачник за личен и професионален развој, бесплатните обуки за невработени лица во нивниот Кариерен центар и бесплатните обуки за студенти во рамки на соработката со УКИМ.
„Тоа е нашиот начин да возвратиме на заедницата, бидејќи искуството и знаењата се нашата најсилна страна, а и најголемиот подарок кој можеме да го дадеме некому кој има желба да вложи време во сопствениот развој на лично и професионално ниво.“ – објаснуваат од тимот на Тривити.
Сите информации за Тривити и нивните активности може да ги најдете на нивната нова веб страница thrivity.com.mk и на социјалните мрежи Facebook, Instagram и LinkedIn.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.