Колумна на М-р Марија Капетановска – Директор на Сектор за човечки ресурси во Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА Скопје
Да се биде дел од Секторот за човечки ресурси во Клиничка болница „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Скопје е навистина предизвик и задоволство. Болница која брои повеќе од 1000 вработени од повеќе специфични профили дава поголема можност да се применуваат и развиваат HR стратегии и практики.
Како тим кој брои вкупно 5 вработени, Секторот за човечки ресурси секојдневно се соочува со многу предизвици, прашања и дилеми од страна на своите колеги. Тоа е сектор кој е секогаш отворен за да ги сослуша своите колеги во кое било време од работниот ден, како и да пристапи кон реализирање на нивните барање и решавање на дилемите со кои се соочуваат во текот на работниот ден.
Покрај извршување на своите законски обврски, од регрутирање на кадар до засновање на работен однос со избраните кандидати, се работи и на подигнување на нивното задоволство, обука и одржливост.
„Регрутирањето и селекцијата се едни од потешките и позначајните процеси и претставува посебен предизвик за нас, како вработени во Секторот за човечки ресурси. По завршување на процесот на регрутација, следи процесот на селекција, па треба да сме добро подготвени за правилно да се извршат овие комплексни процеси, а се со цел да се вработат „вистински луѓе“ бидејки секоја грешка во овие процеси може да влијае врз идната продуктивност на установата, тимската работа, како и на мотивацијата и задоволството на сите вработени“-истакна Ивана Анѓелеска, Специјалист за правни работи.
„Заради тоа, регрутирањето бара многу внимателно планирање и координација на активностите кои ги преземаме за пополнување на отворените работни места на најефикасен можен начин. Со цел да ги лоцираме најкомпетентните кандидати за бараните работни позиции ја користиме нашата база на податоци, огласување преку нашата официјална веб-страница и преку социјалните медиуми“-нагласи Тања Неделковска, Помошник специјалист за човечки работи.
Болницата како дел од IHH групацијата, а преку Секторот за човечки ресурси постојано е вклучена во сите процеси, едукации, работилници кои се организираат, а се со цел развивање на сите HR практики.
Предизвик е да се работи со персоналот за време на имплементирање на нови методи, технологии, акредитации, реакредитации, како што е престојната JCI (Joint Commission International) реакредитација кон крајот на 2022 година. Со оглед на фактот дека сме JCI акредитирана болница уште од 2016 година, вработените се запознаени со сите стандарди и успешно ги применуваат во текот на своето работење, но сепак потребата за спроведување на обуки за вработените се неизбежни во секое време од работниот процес, истакна м-р Марија Капетановска Директор на Сектор за човечки ресурси.
Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА Скопје е отворена за соработка со повеќе Универзитети од областа на медицината, кои својата практична настава ја спроведуваат во нашата болница. Секторот за човечки ресурси е директно вклучен во организацискиот процес, односно заедно со Медицинската управа пред отпочнување на праксата, ја презентира работата на болницата и ги запознава студентите со сите стандарди кои секојдневно ги практикуваме. Со ваквиот начин на соработка овозможуваме идните медицински лица поблиску да се запознаат со работењето на болницата, условите и бенефитите кои ги овозможуваме за своите вработени, а со тоа и да не изберат како иден работодавач во кој ќе засноваат работен однос.
„Студентите кои ни доаѓаат од Универзитетите со кои имаме остварено соработка, покрај теоретското знаење кое го добиваат се стекнуваат и со практична настава. Сметам дека за нив од круцијална важност е препознавање на добрата организација во работењето, во една професионална средина како што е „Аџибадем Систина“, како и несебичното споделување на знаењето од долгогодишните искуства од страна на вработените во нашата болница. Секторот за човечки ресурси ги насочува студентите низ целиот тој процес, се грижи за нивните потреби и потпомага тие да се чувствуваат како дел од нашиот тим“-додаде Виолета Наковска-Помошник специјалист за човечки ресурси.
Секоја година го мериме задоволството на вработените преку анкетен прашалник, кој потоа врз основа на добиентите резултати, забелешки и коментари од страна на вработените, носиме акционен план со цел подобрување на благосостојбата на вработените.
„Беше навистина тешко да се мотивираат вработените во време на пандемија, како и да се заклучи што е она што предизвикува задоволство, односно незадоволство кај вработените, и на кој начин да се исклучи незадоволството, а за сметка на тоа да се поттикне задоволството кај истите. Во соработка со IHH групацијата, успеавме да ги осознаеме клучните работи кои треба да се истакнат и да ни бидат мотив за сите ние да продолжиме со нови сили да чекориме кон исполнување на нашата Визија и Мисија. “-вели Далиборка Ј.Серафимовска, Специјалист за човечки ресурси.
Вложувањето во своите вработени е од непроценливо богатство за секоја компанија, па така и ние како болница вложуваме во своите вработени, преку стипендирање на нивната едукација или доедукација, по што бенефитите се обострани.
Работењето во здравствена установа знае да биде навистина стресно, особено во услови на пандемија, ние како болница можеме да го препознаеме истото и да им понудиме на своите вработени алатки со кои би се ослободиле од стресот. Premium Sport Center е идеално место каде вработените можат на здрав начин да се ослободат од стресот преку посетување на некои од фитнес, пилатес, аеробик тренинзите.
Работењето во Сектор за човечки ресурси во болница како што е Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА Скопје, преставува непресушен извор и поле за применување на сите HR практики, како и добивање на објективни резултати, на основа на кои потоа би се носеле корективни мерки, а со цел подигнување на задоволството на вработените и одржување на истите.
За авторот:
М-р Марија Капетановска е Директор на Сектор за човечки ресурси во Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА Скопје. По дипломирањето на Правниот факултет- Јустинијан Први започнала како приправник во адвокатска канцеларија, по што полага и Правосуден испит. Од 2007 година својата кариера ја продолжува како Раководител на правен сектор и човечки ресурси во приватна високообразовна установа, а од 2010 година продолжува во една од најголемите приватни здравствени установи Клиничка болница АЏИБАДЕМ СИСТИНА, како менаџер на Сектор за правни работи и човечки ресурси. Во 2020 година е именувана за Директор за Сектор за човечки ресурси во болницата. Своето образование го надоградува со Магистерски студии од областа на Здравствен менаџмент при Фармацевтски факултет Скопје. Во период од 2010-2020 година е и Офицер за заштита на лични податоци на болницата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.