НАДВОР ОД ЗОНАТА НА КОМФОР

од 24HR

ИНТЕРВЈУ СО ХРИСТИНА ЛОЗАНОСКА, БИЗНИС КОУЧ И МЕНАЏМЕНТ КОНСУЛТАНТ, СОПСТВЕНИК НА ВИТА ИНСТИТУТ

Во последните неколку години ВИТА ИНСТИТУТ стана препознатлив бренд во нашата земја, која е тајната на создавање успешен консултантски бизнис?

Личното искуство во градењето на сопствениот бизнис беше проверка на теоријата за менаџмент која ја изучував со години, во пракса. Континуираното вложување во личното образование и надградби, беше одлична основа за да размислувам за повисоки цели, но практично ништо не е целосно јасно додека не го доживееш на сопствената кожа. Улогата на претприемник кој плива во истите води со останатите бизниси, ми овозможи на нашите клиенти да им го нудиме успехот како искуство, а не ветување? Клиентите кои ги водиме со коучинг сакаат да знаат дека сме вистински и  дека веруваме во тоа што го зборуваме, а тоа ја создава довербата за соработка!

Влегувајќи во претприемнички води го изградив пристапот кој го нудиме со ВИТА ИНСТИТУТ, со кој подразбирам неколку најважни принципи за успех, а тоа се:

Цврсто изградена визија за бизнисот

Креирање на уникатен пристап и препознатливост во начинот на работа

Создавање на DREAM ТИМ како главна цел за развој

Доследност кон создавање резултати и додадена вредност на клиентите.

Како се охрабривте да го направите првиот чекор кон основање свој бизнис?

Изградената визија е првиот чекор кон излезот од незадоволството и медиокритетство, кон постигнување на цели за кои сонуваме со отворени очи. Визијата подразбира лични параметри за успех и затоа не е важно дали истите им се чинат изводливи, амбициозни и достижни на другите. Значајно е до колкава јасност на сопствената визија ќе стигнеш самиот и само тој параметар ќе те одржи пред предизвиците.

Визијата за ВИТА ИНСТИТУТ ја изградив низ процес на коучинг низ кој самата поминав. Имав неколку коучеви и ментори во различни области, а секако и изучувањето на коучингот како методологија за равој ми помогна и за лично менаџирање. Во тоа време бев раководител на Одделот за развој на човечки ресурси во централната банка, што ми овозможуваше кариера, но и континуиран пристап до едукативни програми во странство. Со тоа, можам да кажам дека првото нешто што требаше да го надминам како препрека кон успехот беше зоната на комфор од досегашните заслуги и придобивки. Ја научив лекцијата дека за да отпочнеш нешто ново, од некои стари придобивки треба да се откажеш. Коучингот ми помогна во разбивање на зоната на комфор.

Која е вашата мисија и приоритети во развојот?

Имаме мисија да работиме на организациски развој на компаниите и промена на организациската култура преку градење на лидерските капацитети, што всушност со еден збор може да го наречеме трансформација на компаниите. Менаџерските тимови во нашите компании препознаваат дека има голема потреба од свесно водена трансформација, со нови пристапи и начини на менаџирање. А ние нудиме начини за да излезат од комфорна зона и да направат промени.

Идентификуваните потреби на пазарот беа спремни за консултантска куќа со сеопфатен пристап. Од тука, мојата лична мисија е да направиме апликативно консултантство и да бидеме вистински бизнис партнер на компаниите во нивниот развој. Работиме и докажуваме дека консултантите се неопходна, објективна, неутрална, надворешна страна која води доверлив процес за компаниите и менаџерите да погледнат надвор од рамката на познатото функционирање. Консултантите се спремни со високо ниво на разбирање на визијата и потребите на клиентите, и имаат знаење и искуство да понудат решенија за имплементирање кои ќе донесат вредност, а притоа нема да го обременат оперативното работење на клиентите.

По што е препознатлив вашиот бренд и начинот на работа со клиентите кој го воспоставивте? Зошто коучингот е вашата избрана методологија за работа?

Уникатниот пристап на ВИТА ИНСТИТУТ е сеопфатниот пристап кон нашите клиенти. Тоа продразбира при проценката да се земат во предвид два типа на потреби: потреби за системски промени(“hard” дел) и потреби од промена на „mindset”, лидерски стилови и организациската култура(“soft”дел).

Секако користиме и дијагностики за утврдување на овие потреби. Нашата методологија за работа е бизнис коучингот за управување со промени и го користиме корпоративно, за работа со индивидуи и тимови.

Според мене динамиката на работа кај менаџерите не дозволува општи пристапи и некакви тематски обуки, и не верувам во резултати од ad hоc обуки. Обично кога ќе дојдеме до тоа  дека се потребни промени на лидерски приоритети, усогласување во менаџирањето и креирање на лидерство базирано на вредностите на компанијата сл… Најголеми ефекти дава коучингот како  вистински катализатор на промените!

Еден коучинг процес трае  најмалку 3-4 месеци соработка за да можеме да постигнеме вистински резултати. Искуствата со компаниите се одлични, менаџерските тимови се благодарни за можноста времето поминато со колегите на коучинг сесии да го користат за разрешување на тековни деловни предизвици. Коучот овозможува објективност и неутрална позиција, доверлива средина во која може да се постават и одговорат сите „тешки“ менаџерски прашања. Нашиот предизвик е да придонесеме во создавањето на доверба, зајакната соработка и фидбек култура во тимовите. Секако вклучуваме лидерски теми и теми од бизнис психологија, како додадена вредност за процесот на учење и зајакнување на лидерските тимови.

Преку коучингот доаѓаме до вистинските потреби и визијата за промена, но потоа често се потребни системски подобрувања за да се постигне вистинска трансформација, затоа од коучингот продолжуваме со консултантсво во зависност од потребите. Од аспект на организациските промени, во последно време се занимававме со: воведување на стратешко управување, менаџерски процеси и матрици на одговорности, оптимизација на организациската структура и систематизација, евалуација на работа и градирање на работните места, поставување на системи на плати и наградување, воспоставување на систем за управување со перформанси, лидерски модели и сл.. Еден голем дел опфаќаат и дигитализација на процесите за што нудиме софтверски решенија и нивна имплементација.

Вистинската трансформација на компаниите настанува втората или третата година после направените промени. Но, подобрувањата се чувствуваат уште во текот на соработката.

Каков тим за вас претставува DREAM ТИМ?

Овој период мојот можеби најважен фокус беше да создадам тим на соработници(експерти) и асистенти. Тоа е услов и инвестиција за развој на бизнисот, наспроти консултанството како лична кариера. Некогаш најголема посветеност бара процесот да дојдеме до ситуација да ја дадеме довербата, да вклучиме, да мотивираме и да делегираме. Но, тука е тестот и за мене и моето лидерство, и навистина го сметам за голема одговорност. Знам дека со создавање на DREAM ТИМ, што значи високо професионални индивидуи и кохезивен тим, градам основа за големи резултати, а со тоа и одржлива бизнис приказна. Ова го пишувам и како порака кон сите кои сакаат да остварат голема визија, таа се постигнува само со DREAM ТИМ!

Тимот на ВИТА ИНСТИТУТ го сочинуваат неколку искусни менаџмент консултанти и ХР консултанти, кои работат на различни проекти по потреба, искусни бизнис коучеви кои се усогласени во пристапот и методологијата на работа и тимот на имплементатори на софтвер и маркетинг асистент, кои се нашата помлада генерација. Овде секако би ги додала како странични тимски играчи, консутланти за маркетинг и продажба на нашите услуги, како и  предавачите на Академијата за employer branding кои исто така се и ментори на учесниците за реални проекти

Може ли да ни кажете накртако на што сте горди изминатиот период и што можеме да очекуваме ново од вашиот тим?

Резултати, успешно завршени проекти, продлабочени соработки, задоволни клиенти од различни сектори и зајакнување на нашиот тим. Тоа е нешто што и до сега и од сега ќе биде мој личен приоритет, но и цели за развој на ВИТА ИНСТИТУТ. Со тимот зборуваме и за интернационални проекти, и не велам дека не се во план, но верувајте, клиентите од бизнис заедницата кај нас се повеќе од заинтересирани за ваков партнерски пристап и дел од нашите проекти за наредниот период се веќе договорени.

www.vitainstitut.com

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...