Вработените се ваши бренд амбасадори

од 24HR

Во однос на свеста за брендот (brand awareness) веќе не е доволно само да се има добар производ или квалитетна услуга. Сега повеќе од било кога маркетингот се фокусира на луѓето. И тоа не било кои, туку на оние кои најдобро можат да ја пренесат суштината на брендот – самите вработени. Предизвикот е да ги претвориме во бренд амбасадори и да ги поттикнеме да бидат мост помеѓу компанијата и потенцијалните клиенти и кандидати за вработување. 

Ваквиот стратешки пристап е одлична можност да се поттикне корпоративната култура. За разлика од денешните инфлуесери кои се актуелни на социјалните мрежи, вработените се карактеризираат со нивната лојалност, посветеност и емоционална поврзаност со компанијата.

Сте споделиле некоја одлична вест за ваш проект или успешно сте завршиле настан што треба да се памети и сакате да се пофалите насекаде. Кој би знаел тоа најдобро да го направи? Секако, вработените! Тие се лицето на вашиот бренд.

Зошто ви е потребно вработените да прераснат во бренд амбасадори?

  • Ќе го направите вашиот бренд покредибилен

Комуникацијата се развива од личност до личност, користејќи заеднички јазик што му овозможува на брендот поприродно да се поврзе со својата публика. Вработените најдобро знаат да пренесат што претставува вашиот бренд, производи, услуги и секојдневна работна атмосфера.  

  • Ќе ги зголемите оштествениот дофат (organic reach) и видливоста на брендот

Најчесто вработените споделуваат на социјалните мрежи, особено Facebook и LinkedIn. Ако имаме посветени вработени кои сакаат да придонесат за создавање на брендот и репутацијата, органскиот дофат на содржината значително расте. Organic reach е всушност бројот на луѓе кои ја виделе објавата која била дистрибуирана без притоа да се спонзорира, т.е. плати. Преку ова се зголемува и бројот на кликнувања и посети, а тоа повлекува и поголем интерес спрема компанијата.

  • Ќе привлечете таленти преку социјалните мрежи (social recruiting)

Вработените се огромен поттик за привлекување на нови таленти. Содржината која ја споделуваат на нивните социјални мрежи (особено LinkedIn), поврзана со нивните проекти, работна средина или вредностите на компанијата придонесува за автентичноста на брендот. Луѓето кои се во потрага по работа прво нешто што им го задржува вниманието е некоја „суперхеројска“ приказна, што предизвикува чувство и тие да бидат на тоа место и да аплицираат. 

  • Ќе ја подобрите перцепцијата на брендот од внатре кон надвор

Вработените се вистинските луѓе со кои може да се идентификува компанијата. Тие создаваат поголема емпатија и ако покажат дека се мотивирани и горди што припаѓаат таму и публиката ќе се почувствува поблиска со брендот.

  • Ќе го зајакнете личниот имиџ на вашите вработени

Ние маркетерите обожаваме кога има некој настан, семинар или успешно завршен проект каде може да го истакнеме тимот што бил дел од истите. Од моето искуство, овие објави не само што предизвикале поголем дофат, туку и расте нивото и позиционирањето на брендот како тим од успешни експерти и лидери. Ова пак, директно влијае и на самодовербата на вработените и ги мотивира за понатамошни успеси.

  • Ќе имплементирате модел кој е профитабилен и економичен

За разлика од одредена платена реклама, овој тип на стратегија не само што создава многу пореална врска со брендот, туку е и поефикасна опција за генерирање на релевантна содржина за публиката. Луѓето повеќе веруваат на „живите“ искуства од практиката. Воедно, може да заштедите и од маркетинг буџетот, кој би го трошеле за спонзорирани објави.

Следни чекори

За вашите вработени да бидат бренд амбасадори треба да се чувствуваат како такви. Мотивираните вработени се најдобриот ресурс што треба да го користите.  Споделувањето на содржина од нивна страна многу зборува за вашата корпоративна култура. За да го постигнете ова, вклучете ги во маркетинг кампањите (слики, видеа, текстови), информирајте ги за сите новости и случувања и бидете им достапни за нивни сугестии. Верувајте, овој пристап не само што влијае кон зголемување на свеста за брендот, привлекување на нови вработени, туку и кон профитабилноста на компанијата.

За авторот:

Стефани Неделкова е Специјалист за маркетинг и односи со јавност во Микросам. Во текот на својата 7 годишна кариера има и искуство во повеќе области на работење како Маркетинг и PR, HR специјалист и Data Protection Officer. И покрај тоа што е дипломиран правник, одбира кариера каде што може да ја изразува својата креативност.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...