Токсичната култура е главна причина зошто добрите вработени си одат

од 24HR

Културата на работното место диктира како вработените се однесуваат, донесуваат одлуки и комуницираат едни со други додека се во канцеларија. Излишно е да се каже, но таа има големо влијание врз тоа како тие ја извршуваат работата и како се чувствуваат секој ден.

Позитивната култура води до среќни и ангажирани вработени и рекордно високи стапки на продуктивност. Но, ако сте заглавени во токсична работна средина, работите не се толку розови.

Една студија на Harvard Business School откри дека скоро половина од вработените кои искусиле девијантно однесување на работното место ги намалиле своите напори и направиле свесен избор да поминат помалку време на работа. Уште попоразителен податок е тоа што 38 проценти од вработените намерно го намалиле квалитетот на својата работа.

Влијанието на лошата култура врз работното опкружување е сурово, а негативните последици од тоа ги следат вработените и надвор од нивното работно време. Едно друго истражување покажува дека три од 10 испитаници рекле дека културата на работното место ги прави нервозни дома.

Но, и покрај тоа што лошите работни места се кобни за работниот морал и менталното здравје на вработените, тие сè уште се изненадувачки вообичаени во пракса. Скоро 55% од вработените сметаат дека секојдневно се соочуваат со непријатни и потенцијално опасни услови за работа.

Па, како можете да знаете дали навистина работите во токсична работна средина?

5 знаци на токсична работна култура

Дали вашето работно место е навистина токсично? Ова е една од оние ситуации кога е паметно да и верувате на вашата интуиција. Доволно е само да се посомневате дека нешто не е во ред, а тоа вели дека има многу простор за подобрување.

Но сепак, ако вашата интуиција не е доволна за да ве убеди, еве уште пет знаци кои покажуваат дека вашата работна средина е далеку од идеална.

1. Ентузијазмот е на нула

Отсуството на ентузијазам е сигнал дека луѓето не се среќни, а негативните ставови се шират како шумски пожар, особено кога е повеќе од очигледно дека сите ја мразат својата работа.

Тоа е резултат на негативната култура, но во исто време служи како гориво за целокупната мрачна атмосфера во канцеларија. За да биле полошо, тоа ја спречува способноста на вработените да ги завршат своите обврски. Токму затоа 93 проценти од вработените велат дека се помалку продуктивни кога работат со луѓе кои имаат негативен став.

2. Постои константен страв од неуспех

Никој не сака да направи грешка на работа. 28 проценти од луѓето признаваат дека тоа е нивниот најголем страв на работното место. Но, постои голема разлика помеѓу надежта да не се направи грешка и чувството на парализираност поради ригорозната околина која ги казнува вообичаените неуспеси.

Тоталниот недостаток на психолошка безбедност (која мери колку сигурно се чувствуваат вработените при преземање на ризици и правење на грешки) е уште еден показател на токсично работно место.

Кога луѓето се плашат да излезат од своите зони на удобоност, тимот постигнува недоволно добри резултати.

3. Дисфункција и конфузија на сите страни

На никого не му е јасно која е неговата позиција и какви се неговите одговорности. Токсичните работни места се основа за дисфункција и конфузија. Тоа е затоа што негативните средини честопати се придружени со недостаток на доверба, неефективна комуникација и борба за моќ.

Тоа создава проблеми поради кои вработените имаат отежнета комуникација, меѓусебната соработка е на најниско можно ниво, а на проектите, состаноците и релациите честопати им бегаат шините.

4. Никогаш доста од озборувања и правење драма

И покрај тоа што озборувањето не е позитивна работа, истото е вообичаено и дозволиво во некој минимален облик. Неверојатни 96% од испитаниците во една студија признале дека учествувале во некој облик на озборување во канцеларија.

Но, кога озборувањата одат во крајност и стануваат главната активност на работа, повеќе од очигледно е дека работите на токсично работно место. Ако еден вообичаен ден на работа ви изгледа како да сте во некое реално шоу, тогаш озборувањата достигнале едно ново ниво и настапува драмата.

Вознемирувањето на работното место е поврзано со психолошко исцрпување, депресија, вознемиреност и агресија.

5. Обртот на вработени е голем

Вработените не ги напуштаат своите работни места, туку си одат поради условите за работа и лошиот менаџмент. Постојат компании во кои е невозможно да се задржат вработените на долг рок. Никогаш не сте сигурни чие биро ќе го затекнете празно или кое ќе биде новото лице кое ќе го видите утредента во вашата канцеларија.

Високиот обрт на вработени е силен показател дека нешто не е во ред со културата на компанијата. Едно од пет лица кои ја напуштиле својата работа во последните пет години велат дека тоа го нарпавиле поради лошата култура. Компаниите кои свесно негуваат позитивна култура забележале стапка на обрт од 14 проценти, додека оние што ја игнорираат културата се соочуваат со стапка на обрт од 48 проценти.

Постојат голем број причини поради кои вработените го напуштаат своите работни места. Но, ако чувствувате дека гледате масовен егзодус, тоа е црвено знаме за вашата работна средина.

0 коментар
9

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...