Ана Салтирова Давидовски: Во човечките ресурси го пронајдов спојот кој од дете ме интересираше

од 24HR

Интервју со Ана Салтирова Давидовски – Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP Тренер и Coach и автор на детската интерактивна книга „Благодарам“.

Ана Салтирова Давидовски од 2011 работи на позицијата Менаџер за Човечки ресурси во АМСМ, а од 2005 активно работи на развивање и испорака на обуки за меки вештини. Нејзиниот интерес е насочен на можностите за развој на секој поединец, како и унапредување на работата со учење од разликите. Фокусот и професионалниот предизвик за неа се наоѓа некаде помеѓу теоријата и практиката, имплементирање и адаптирање на успешните практики, за поотворено и побрзо справување со промените притоа застапувајќи го холистичкиот пристап. Потрагата по истото ја има однесено до запознавање со NLP, па сега е NLP Тренер и Coach, со NLP активно се занимава од 2008 година. Таа е магистер по Менаџмент на Човечки ресурси, а преку магистерската теза со наслов „Програмирање на самоактивноста за развој на личното мајсторство“ за првпат го внесе NLP во академските трудови во Македонија.

Автор е на детската интерактивна книга „Благодарам“ преку која методологијата на NLP ја доближи до децата. Исто така е член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси, член на Техничкиот комитет ТК 42 за HR стандарди под Институтот за стандардизација на Република Македонија и активна е на повеќе проекти за развој на човечките ресурси во Македонија и промоција на професијата. Член е на иницијативниот одбор за формирање на огранок за професионален коучинг во рамките на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Што е тоа што ве натера да се вљубите во човечките ресурси?

Во HR професијата го најдов спојот кој од дете ме интересираше, да работам со луѓе и да ги подржам во нивниот раст притоа и лично учејќи од успесите на другите, а HR професијата ми го даде токму тоа.

Професионалниот живот на Ана Салтирова Давидовски е исполнет со интересни искуства и предизвици. Ја прашавме да ни каже нешто повеќе за нејзините почетоци и кариерната патека.

Со работа почнав веднаш по завршување на средното образование а како млада и утопична по убедување многу работи сакав да бидат поинакви во делот на грижа за вработените. Работев и студирав, потоа продолжив на постдипломски студии за менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (прв студиум од областа, кој е основан во земјата во 1991 во соработка со Мастрихт Школата за менаџмент, Холандија) каде се запознав со проф. д-р Цветко Смилевски со кој по некое време почнав и да работам во ДЕТРА Центарот. Можноста да се асистира и да се гледа работата од практичар во областа прави голема разлика и многу ги забрзува работите и продлабочува знаењата.

Во ДЕТРА Центарот на почетокот работев како Специјалист за обуки, потоа и како Тренер и Консултант за организациски промени според СКИТОП методологијата. Можностите се прошируваа па имав можност активно учествував и во формирање на БАС – Бизнис Академија Смилевски висока школа за бизнис менаџмент, а потоа и да предавам на истата. Нашата соработка продолжува и денес како ментор за студентите, гостин предавач, консултант и тренер.

Во 2011 добив понуда која што не се пропушта а тоа е да го оформам секторот за човечки ресурси во АМСМ. АМСМ се модернизираше и кадровата служба требаше да се прошири со сите креативни делови од човечки ресурси покрај административните/законски активности во кој предизвик сеуште со љубов работам. Во меѓувреме непрестајно учам и вложувам во себе си зошто лично сум убедена дека тоа прави најголема разлика и се вмрежувам со луѓето со слични интереси како би можеле да си бидеме поддршка на патот.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Интересно прашање, си ги сакам сите достигнувања и мали и големи 😊. Она што можам да го издвојам е дека сум горда на тоа што како студент имав замисла како би требало да изгледа еден HR сектор и кога добив можност го направив точно тоа, си останав доследна на својот сон. Од друга страна како член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси активното учествувам во повеќе проекти за развој на HR во Македонија и промоција на професијата, од кои посебно ми е драг изборот на HR менаџер и HR ентузијаст на годината во чија комисија сум од самиот почеток и креатор на процесот. Оваа програма ми е посебно драга затоа што овозможува видливост на луѓето од HR од една страна и од друга страна овозможува и размена на знаењето и искуството, што е клучно за успех. Не помалку како достигнување си го гледам и тоа што несебично го делам своето време и знаење со младите HR ентузијасти секогаш кога имам прилика за тоа, дали е тоа преку менторирање или пак како гостин предавач за размена на искуства. Посебно ми е драга HR Академијата на ClearView сега Семос Едукација, каде оваа година 8 генерација по ред се дружам со млади ентузијасти во професијата, заедно ја користиме можноста да учиме, да растеме и да ја градиме професијата.

Кажете ни нешто повеќе за книгата „Благодарам“?

Книгата „Благодарам“ е проект за душа, нешто што го правам и работам од и со голем мерак. Од срце сум благодарна што читателите ја препознаа и прифатија со фидбек кој е повеќе од охрабрувачки. Инаку станува збор за интерактивна книга во која детето и родителот заедно работат. Самата книга е осмислена да им биде поддршка на родителите во формирање на навика за искажување на благодарност и формирање на позитивно размислување кај децата и тоа водено со личен пример. Книгата може секојдневно да се пополнува во текот на еден месец, а за време на викендите има активности кои може да ги прави целото семејство заедно. Бонус на сето тоа е што потоа книгата ќе остане во семејството како споменар за едни убави времиња.

Ова би бил краток опис на книгата по кој може да се види дека одлично се вклопува во програмата за work-life баланс што ние од HR ја промовираме. Со книгата ние на нашите вработени им поклонуваме квалитетно време поминато со нивните деца во кое ќе согледаат дека во животот имаат многу работи кои заслужуваат и славење, а тоа секако ќе им го подобри и расположението. Со подобрено расположение и задоволни ќе дојдат на работа, а науката потврдува дека задоволни и расположени вработени имаат подобри резултати, што дирекно влијае на резултатите на компанијата.

Па така првата година кога книгата Благодарам беше понудена на фирмите да ја вклучат како дел од новогодишното пакетче истото во едно интевју беше најавено со насловот кој и сама да го бирав немаше така да го погодам Заменете ги чоколадата за децата со позитивна комуникација. Од срце благодарам на сите компании кои до сега се вклучија и ја поддржаа кампањата Личен избор за свесна промена на фокусот на мислата, со јасна цел враќање на доброто расположение повторно во мода.

Што би им порачала Ана на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Да го учат занаетот од една страна од практичари и од друга страна да ги следат новите трендови зошто работите секаде се забрзуваат, а ние од HR секторите треба да бидеме активни партиципанти во промовирање и поддржување на промените.

Ана Салтирова Давидовски за порталот 24HR:

„Ценам дека е ОДЛИЧЕН за промоција на професијата, место на кое секој кој се занимава со HR би нашол нешто за себе, уште едно место на кое HR професионалните имаат можност да се обединат.“

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...