Што е важно да содржи вашето CV?

од 24HR

Пишува Елена Огненовска – специјалист за човечки ресурси

Првиот чекор кон тоа да ве поканат на интервју е да бидете забележани. Затоа, една од најважните работи на кои треба да се фокусирате за време на процесот на аплицирање е вашето CV (Curriculum Vitae).

CV-то не е само листа на вашите искуства и достигнувања, тоа е еден вид на медиум за рекламирање што го користиме за да се претставиме како кандидат за некое работно место и да се обидеме да покажеме дека сме најдобриот кандидат за позицијата за која аплицираме. CV-то раскажува приказна за тоа што сте направиле и што можете да направите. Добро напишано CV може да биде разликата помеѓу добивање на шанса за интервју и воопшто да не ве земат предвид за некоја улога.

Еве неколку совети како да направите добро CV.

Совет 1: Опис на работно место

Првото нешто што е навистина важно и повеќето кандидати забораваат да го направат е да го прочитаат описот на работното место. Описот на работното место ви ги дава најважните информации и ви покажува што е тоа што работодавачот го бара. Ги истакнува потребните вештини, обуки и образование, како и должностите и одговорностите на самата работа. Сето тоа ќе ви помогне да го прилагодите CV-то на позицијата.

Совет 2: CV-то не треба да биде подолго од две страници (А4)

Вашето CV има многу малку време за да остави впечаток, па затоа не сакате да пишувате информации што се ирелевантни за работата за која аплицирате. Регрутерот ќе го погледне вашето CV и ќе се обиде да најде нешто што ќе го натера да ве покани на интервју. CV-то треба да опфати 2 страници и не повеќе од 3. За академски и технички биографии, можеби ќе треба да одите малку подетално во делот за едукација па вашето CV би можело да испадне подолго од две страни. Но, сè уште важи истото правило: бидете кратки и јасни.

Совет 3: Детали за контакт

Вклучете го вашето име, адреса, телефонските броеви и е-маил адресата за да може регрутерот лесно да ве контактира. Не користете е-маил адреси што изгледаат непрофесионално.

Совет 4: Работно искуство

Најпрво наведете ја вашата тековна (последна) работна позиција, сметајќи по обратен хронолошки редослед, осигурувајќи се дека сè што споменувате е важно за работата за која аплицирате. Истакнете ги работните задачи и одговорности што ги покажуваат вашите вештини и предности, така што лицето кое ќе го „скенира“ вашето CV ќе може брзо да го поврзе вашето искуство со описот на работната позиција. Исто така, наведете ја вашата титула, датумите на вработување, името на работодавачот, природата на бизнисот и достигнувањата.

Совет 5: Образование

Во овој дел, треба да додадете кратки детали за вашите академски и професионални квалификации во обратен хронолошки редослед. Посочете ги вештините или знаењата што сте ги развиле. Ако ја барате својата прва работа и немате работно искуство, размислете за некои други работи во кои сте биле вклучени, како што се училишни клубови или волонтирање. Вклучете го ова по деталите за контакт.

Совет 6: Проекти

Вашиот проект дефинитивно треба да биде вклучен во вашето CV, без разлика дали станува збор за академски проект или споредни проекти што сте ги направиле надвор од работата или образованието. Ако знаете некоја софтверска програма или програмски јазик, имате ценета сертификација во областа или долгогодишно искуство во нешто што ви треба време за да научите како да го правите, ова е делот каде можете да се пофалите малку повеќе.

Совет 7: Вештини

Вклучете ги сите ИТ пакети што можете да ги користите, како и кој било странски јазик што го зборувате и наведете дали сте на основно, средно или напредно ниво. Не треба да претерувате со своите вештини, бидејќи ќе треба да ги оправдате вашите тврдења на интервјуто.

Совет 8: Хоби, интереси и дополнителни вештини

Вклучувањето на овие работи не е задолжително. Во вашата кратка биографија не мора да го откриете вашето „хоби“, но можете да додадете соодветно искуство или вештини кои можат да му дадат до знаење на работодавачот што е тоа што ве интересира.

Заклучок

Вашето CV треба да биде визуелно привлечно и исто така привлечно за окото. Целта на овој документ е да ви овозможи интервју, затоа проверете дали истиот е добро организиран. Чувајте ги работите едноставни и запомнете дека не пишувате CV за себе, туку за вашиот читател. Бидете кратки, конкретни, не користете фенси фонтови и одржувајте ги боите на минимум. Вашата биографија треба да е лесна за читање.

Проверете дали има правописни грешки. Било какви грешки се ваша одговорност дури и ако позицијата за која аплицирате не бара високо ниво на писменост. Правописните грешки покажуваат недостаток на грижа и тоа не е нешто што го бара вашиот регрутер. Ако не сте сигурни за некој збор, побарајте го во речникот.

Се надевам дека ова беше корисно за вас и обидете се да ги следите овие кратки совети следниот пат кога ќе аплицирате за работа.

Со среќа!

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...