За да бидеш успешен професионалец – мораш да се бориш како професионалец

од 24HR

8-мартовска колумна на Биљана Талевска – Специјалист за Човекови ресурси и Регрутација во Аксапта Мастерс.

За да станеш пилот – треба да научиш да управуваш со летало и фигуративно кажано, да имаш желба за “летање”, а ние како вид, ни мажите, ни жените, не поседуваме криља и способност, туку идеја и желба, а некои од нас дури и страв.

Што ги прави пилотите пилоти или психолозите психолози?

Истото што и програмерите програмери – eдукацијата, професијата и професионалноста и сите детали кои го прават еден професионалец успешен во тоа што го работи, никогаш неповрзани со пол, род или некаква припадност, освен ако и самата припадност и заедницата не придонеле во предефинирање на одлуките кои човек ги носи за тоа што сака да го работи.

И кога сме дел од веројатно најголемата дигитализација досега, кога дури и нашето физичко присуство на работното место се заменува со Username, Log In и беспрекорност во завршените задачи помножени со работни часови во кои се’ е померливо, зошто субјективноста со која  присутноста и со тоа и приврзаноста ја овозможуваат се се’ поизоставени, доаѓаме до степен кога припадноста по род и вештините стекнати во таа насока илјадници години еволутивно – стануваат се’ поневажни.

И што сме ние како професионалци ако се бориме како жени или се фалиме дека сме успеале да се бориме ко’ мажи? Професионализмот, виден од овој контекст, значи стремеж кон објективизирање на сите одлуки и делувања, изедначувајќи ги се’ повеќе по професија, отколку по личноста или авторитетот од кој истите излегуваат.

Унификацијата по професионалност можеби до средина на веројатната крива ја забавува креативноста, но од точката каде истата се постигнува до највисоко ниво – ја дава целосната слобода човек да делува како професионалец, не како жена, не како маж или припадник на било каква друга класификација или група, туку како успешен профил изграден во својата професија, кој единствено би се борел со алатките што истата таа ги овозможува.

Затоа, ако се бориш во полето кое најдобро го знаеш, бори се како професионалец, не како маж, не како жена, зошто само изедначувањето по успешност може да направи вистинска разлика помеѓу еднаквите ко’ тебе и воопшто, во светот каде сакаш да делуваш како тоа што си.

За авторот:

Биљана Талевска е Специјалист за Човекови ресурси и Регрутација во Аксапта Мастерс. Дипломиран психолог и тренер со искуство во регрутација на ИТ-профили во изминатите 5 години, како и претходно искуство во работа со медиуми и односи со јавност.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...